Младиот поет од Србија, Владан Кречковиќ годинава е добитник на престижната меѓународна награда за млади поети „Мостови на Струга“, која се доделува за најдобра дебитантска книга со поезија во рамките на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, под покровителство на УНЕСКО. Како што вели, не ја очекуваше наградата…

Кречковиќ, кој има 32 години ја освои наградата за збирката „Париз, Тексас“.
Како што веќе напишавме – најпрестижната награда на фестивалот „Златен венец“ во Струга, што му се доделува на светски познатиот жив поет за животно дело, ја освои Керол Ен Дафи, една од најважните современи поетеси од Велика Британија.

За белградска Политика, Кречковиќ вели:

– Почнав да пишувам песни како дел од програмата за работилници на Огњенка Лакичевиќ и Звонко Карановиќ, кој беше и уредник на мојата збирка песни…

Иако не ја очекуваше наградата, тој наведува дека е среќен што му е признаена работата. Тој додава дека ова за него е поттик да продолжи со истражување на поетскиот израз.

Пред речиси три години, Кречковиќ го објави својот дебитантски роман „Алекса или низ снегот и сирените“, а сега вели дека работи на нов роман. Покрај пишувањето, тој планира да се посвети и на работата на туристички проект.

– Во моментов работам на развојот на културна патека наречена „Патот на римските императори и патот на винската рута на Дунав“. Овој проект во најдобра смисла ги комбинира содржините од културното наследство и туризмот. Работев осум години во организација наречена „Центар за компетенции на Дунав“, која го развива туризмот по целиот тек на Дунав, открива Кречковиќ.

Стихозбирката на Владан Кречковиќ „Париз, Тексас“ е неговата дебитантска збирка, која беше објавена во октомври минатата година од издавачката куќа ППМ Енклава од Белград.


Како што сугерира насловот, како и во култниот филм на Вим Вендерс, основниот мотив на збирката е разделбата, пресметката на лирскиот субјект со сопственото минато, за да може да се градат нови меѓучовечки односи.

Резултатите од 60-от конкурс на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ беа објавени на церемонијата во Париз, што се одржа по повод Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на писателот, основач и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески.

Доколку се исполнат условите, овогодинешното издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ ќе се одржи во периодот од 24 до 30 август, при што на победниците ќе им бидат врачени нивните награди.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.