Кредити до 10 000 евра за отворање ново работно место преку Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Имено овој месец покрај  јавниот оглас од АВРМ за кредитирање невработени лица (самовработување) тече и јавен оглас за отворање на нови работни места во правните субјекти.

Јавниот оглас што ќе трае до крајот на месецов, е наменет за микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис преку користење на кредитни средства.

Кредити до 10 000 евра за отворање ново работно место

Услови за кредитирање

Пријава за учество во овој проект може да достават претпријатијата што ги исполнуваат следните услови:

– да бидат регистрирани најмалку шест месеци;

– да ја реализирале годишната сметка за претходната година;

– да имаат најмалку едно вработено лице на денот на аплицирање;

– да не го намалиле бројот на вработените лица во последните три месеци, пред денот на аплицирањето.

Паралелно со претпријатијата, пријава за учество во овој проект може да достават и невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување на РСМ како активни баратели на работа. Но под услов, тие да не биле во работен однос кај истиот работодавач којшто аплицира за учество во проектот најмалку една година пред денот на аплицирањето.

Пет илјади евра за секое новоотворено работно место

Правните субјекти коишто ќе аплицираат на овој јавен повик може да добијат кредит во износ од 5.000 евра за секое новоотворено работно место. Притоа,  нема ограничување на бројот на лица кои може да ги вработат.

Претпријатијата кои ќе вработат невработено лице со полно работно време, имаат обврска да го задржат на работа најмалку три години од денот на засновање на работниот однос. Доколку дојде до прекин на работниот однос, работодавачот е должен на негово место да вработи друго невработено лице со полно работно време кое ги исполнува условите од проектот. Во спротивно треба предвремено да го врати кредитот во целост.

Поволна каматна стапка

Претпријатаијата што ќе добијат кредити по овој основ, добиваат четири годишен рок на враќање на средствата со вклучен грејс период од една година. Кредитите се со поволна каматна стапка од еден отсто на годишно ниво.

Како гаранција за поврат на средствата, апликантите приложуваат хипотека во однос еден спрема еден за одобрениот кредит или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист. Правата и обврските по однос на меницата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос еден спрема два во износ на одобрениот кредит.

Понуда за работник

Правниот субјект при пријавувањето за користење на кредитот потребно е да е активен. Односно да не е во стечајна постапка или ликвидација. Исто така треба да ги има измирено сите даноци и придонеси, како и да има остварено добивка во претходната година

Доколку правните субјекти, по извршеното поврзување со невработените лица кои имаат доставено пријава по објавениот јавен оглас, не успеат да ја задоволат својата потреба од работник со соодветен профил, ќе посредува Центарот за вработување. Тој ќе пристапи кон посредување со пребарување заради наоѓање на невработени лица од сопствената евиденцијата.

Апликантите, пријава за кредит може да поднесат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.