Кризата стопи четири пати повеќе работни места отколку големата депресија.
Обединетите нации во својот последен извештај наведуваат дека штетата предизвикана од пандемијата во 2020-та година е историски невидена и околу четири пати поголема отколку за време на финансиската криза во 2009-та година. Пандемијата успеа да збрише 255 милиони работни места, според податоците на Меѓународната организација на трудот (МОТ), пренесува „Bloomberg“.

Меѓународната организација на трудот (МОТ), Агенцијата на ОН, процени дека ограничувањата наметнати врз деловниот и јавниот живот минатата година уништиле 8,8 проценти од сите работни часови ширум светот.

Кризата стопи четири пати повеќе работни места отколку големата депресија

Тоа е еквивалент на 255 милиони работни места со полно работно време, што, пак, е четири пати повеќе отколку за време на финансиската криза од пред 12 години, пренесе агенцијата Анадолија.

„Ова е најлошата криза на работните места од Големата депресија во 1930-те. Нејзиното влијание е далеку поголемо од влијанието на глобалната финансиска криза во 2009 година, вели извршниот директор на МОТ, Гај Рајдер. Според него падот е подеднакво распределен меѓу намаленото работно време и загубите на работното место.
Агенцијата на ОН наведува дека повеќето луѓе кои останале без работа престанале да бараат работа. Веројатно поради ограничувањата за фирмите. Па така дојдоа во прашање голем број работници од  рестораните, баровите, продавниците, хотелите и другите услуги што зависат од директната интеракција со клиентите.
Падот на работата доведе до загуба од 3.700 милијарди долари глобален приход, што Рајдер го оцени како „извонредна бројка“.
МОТ во извештајот наведува дека очекува враќање на работа во втората половина од оваа година. Но, сето тоа ќе зависи од сузбивањето на пандемијата и текот на вакцинирањето.

Се зголеми невработеноста и во Македонија

Според податоците на ДЗС од април до септември лани работа изгубиле околу 25.000 работници. Но, и покрај тоа стапката на невработеност остана речиси иста.
Први на удар на корона кризата се жените, младите, неформалните работници. Поради превентивните мерки затврени беа градинките и училиштата, па жените мораа да чуваат деца. Младите пак, најчесто се вработени на определено време, секој трет млад работник е со ваков статус.
Раст на бројот на невработени бележи и Агенцијата за вработување. Бројот на невработени од март до декември лани се зголемил за близу 50.000 лица. Меѓутоа според нивните податоци само 17.000 се директна последица на корона кризата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.