Неодамна, сосема беше оправдан гневот на одговорните граѓани, кои на своите сликички окачени на социјалните мрежи, ставија напис дека „без култура нема иднина“. Така е.

Без образование и култура и понатаму ќе бидеме последното дувло во современиот свет. Како и до сега. Без оглед на индивидуалните примери на некои златни деца кои постигнуваат огромни успеси на големите светски образовни институции.

Каква жртва платија и тие, и нивните семејства – тие си знаат.

Државата, секако, ниту знаеле како да ги задржи, ниту патентирала инструмент да им помогне.
Така да, незаслужено и понатаму може да се гордее.

За 30 години македонска независност, не успеавме да создадеме систем на почитување и унапредување на вредностите. Државата не успеала да најде механизми за нормално функционирање на пазарно општество. Неподготвени влеговме во нов општествен систем, и после 30 години не успеавме да бидеме ни дел од сериозното општество, какво што беше СФР Југославија, по која многумина денес плачат.

Денес секој нешто бара пари. На сите им е куса чергата. Музичарите протестираат за нивниот мизерен општествен статус. Каде беа изминативе три децении, да се изборат за своите права?


Во време на пандемија важат поинакви правила.
Еден белградски лекар децидно праша: Пари, или живот?

Кога секој ден се пребројуваме кој остана, кој му подлегна на вирусот, колку има заболени, или на респиратор, неумесно е да се бара, да се бара, и да се бара…
Животот – пред се!

Навикнати на државна цицка, многумина реагираа на последнава распределба на средствата од Министерството за култура. Како да не им е јасно дека не постои конкурс на кој сите можат да бидат задоволни.

И коалиционен партнер, и националните малцинства, и тие кои постојано се навикнати на пари, пари, пари… Навикнати на кеш, многумина му се лути на Министерството.

Министерката Стефоска е историчар. Византолог. И – рака на срце, ова се нејзините пет минути, кога може да придонесе во зачувување на историските вредности.

Министерката одлично знае каков е значајот на она што нам ни остави Византија во трајното наследство. И дека туристите од Холандија или Кина не доаѓаат во Охрид да го видат хотелот изграден во 2006-та, или кафулето со бавча што гледа во плаветнилото, туку Самоиловата тврдина, црква од 12-от век, Свети Јован Канео…, и најубавото езеро во цел свет.


Оттаму е сосем оправдано што голем дел од средствата Министерството во 2021-ва ќе ги намени за обновување на историските вредности од светски значај. Цркви, манастири, икони…
Чуму новите вредности, ако не ги зачувавме старите?!

Но, животот оди понатаму, и надвор е 21-от век. Горди на своето минато, свртени кон својата иднина… Мораме!

Годинава многумина му се налутија на Министерството за култура за (не)добиените средства кои ги очекуваа. За волја на вистината, некои се пофалија и дека нешто добија…

Без намера да прозиваме било кој уметник-поедниец, автор, фестивал, институција… Генерално мораме да го смениме ставот. Многу е поважно некој да те научи да ловиш риба, отколку да те однесе на вечера. А, ние постојано – вечера, па вечера. Пари, па пари. Некои, како претплатени, мислат дека секоја година нешто треба да добијат.

Со пари за издавање книга, за организирање фестивал, изложба слики, снимање песна, албум…, и баба ми би знаела да менаџира. Иако беше одвај писмена жена. Со буџетот од пензијата на дедо ми, како воено лице, перфектно ја одржуваше куќата. Така да…


Никој никому не е должен постојано да плаќа за личен профит. Не дека книгиве, фестиваливе, сликиве, песниве…, не се важни за Македонија. Важни се! Секој убав збор, добро дело, успех, промоција…, се значајни за државата. Така се создава традиција. Нашето културно богатство од минатото е огромно. Да го сочуваме, и да создаваме ново.

Ами, не со постојано вложување во индивидуални проекти, овозможувајќи им на трговци-поединци лично да профитираат.
Туку – помагајќи ги колективните добра. Враќањето на оркестрите и Продукцијата на МРТВ, студијата…

Па кога некој бара пари за снимање песна, овозможи му бесплатни студиски часови да снима, да микса… Ако песната е добра, лесно ќе најде пат до слушателите… Најди начин да ги мотивираш медиумите да ја промовираат домашната музика, домашната уметност.


Државата мора да создаде услови за реално пазарно опстојување на уметноста. Во спротивно, луѓето кои сакаат да ја создаваат истата, и понатаму ќе бидат принудени и понижени (со право!), да бараат, да бараат, да бараат.

Без оглед колку нивните барања се коректни или издржани во овој момент.

Така, еднаш, за секогаш, културата ќе престане да ни биде монета за поткусурување.

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.