Една фотографија веќе цела недела е тема на многу разговори. На неа, прославениот режисер Емир Кустурица, во хеликоптерот кој сам го управува, во „низок лет“, надлетува над Сараево, неговиот роден град.

Фотографијата во јавноста ја лансираше самиот Кустурица, во чест на неговиот филм „Сјећаш ли се Доли Бел“, кој премиерно беше прикажан на 2-ри февруари 1981 година, а истата година во Венеција освои престижна награда „Златен лав“, со што ја започна својата импресивна филмска кариера, испишувајќи ја историјата на филмот на овие простори.

Фотографијата на Кустурица над Сараево не би била ништо чудно, ако не се знае дека прославениот режисер веќе 30-на години се дистанцирал од својот роден град, заради политиката која ја спроведуваа тамошните власти по распадот на поранешна Југославија, а и пред распадот на земјата, кои доведоа до крвавата војна.

Во претходните медиумски настапи, Кустурица изјави дека го напуштил Сараево во 1989 година и дека „не се вратил таму, освен неколку пати кога сакав да помогнам на една идеја, наречена мултиетничка БиХ“.

А, филмот „Сјећаш ли се Доли Бел“, покрај духовити шеги и хумор, ја има и таа друга страна, носталгична и тажна нитка…

По 40 години, едно е јасно. Се работи за култното дело на југословенската филмографија. Филмска ѕвезда со вечен сјај…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.