Легендарното Фиќо– олдтајмер со електричен мотор веќе се вози на скопските улици. Овој легендарен автомобил, Застава 750 сега е во ново руво-современа еко кола со електричен мотор. Интересен модел за младите и емотивен за повозрасните граѓани. И што е најважно, од идеја до реализација се склопува овде, во Скопје. Тој е првиот македонски електричен автомобил. А, неговата трансформација ја изведува ББ „Класик карс“. Единствената компанија која е сертифицирана во јужноевропскиот рeгион за трансформација на конвенционалните мотори на ФИАТ 600/ Застава 750 во електрични. За идејата, реставрацијата, планот и што понатаму со е-Фиќо зборуваме со Милорад Китановски, директор на оваа компанија.

Милорад Китановски, директор на ББ „ Класик карс“

Што конкретно работи ББ „Класик карс“. Што опфаќа проектот?

-Тоа е млада и мала компанија основана во 2015 година. Првата замисла беше да работиме исклучиво на комплетна рестaврација на стари автомобили-олдтајмери. Во тоа наше портфолио реализиравме завидни и убави проекти. Дотеравме неколку дотрајани јагуари, мерцедеси, алфа-ромео итн. Чувството кога од дотраено возило правите нов автомобил е прекрасно. Идeите постојано надоаѓаат. Секогаш размислувате за следниот чекор, за нешто ново. Така и ние. Како совладувавме еден модел, се раѓаше идеја за следна работа. Така и идејата за трансформација на Застава 750, која се произведуваше во Крагуевац. Ја разработивме детално идеја и ја искористивме можноста да ја презентиравме во Фондот за иновации и технолошки развој. А, тие ја препознаа нашата генијална идеја и ја поддржаа. Практично со финансиската поддршка од (седум милиони денари) ФИТР го реализираме зацртаниот проект за конверзија на старото Фиќо во електрично-ЗАС Г20.

Секој може да направи нешто за екологијата

Легендарното Фиќо е проект што дојде последователно, по нашите претходни работи. Не понесе идејата дека можеме, а и сакаме да направиме нешто за оваа наша држава. За овој наш град на кој дефинитивно му требаат многу вакви проекти.

Прво ме понесе идејата да ја разбудиме свеста кај народот и кај компаниите и воопшто кај јавноста дека секој од нас може да направи нешто за таа екологија, за нашата животна средина. Значи тоа беше основното мото со кое ја стартувавме реставрацијата кај Фиќото.

Откако се уверивме дека веќе знаеме да направиме класична реставрација на автомобил, го направивме следниот чекор-му дадовме нова душа, некоја нова форма на стариот автомобил – електричниот мотор. Се повеќе се водевме дека така правиме добро и за заедницата, не само да нема загадување, туку и да не гнијат старите школки по улиците, паркинзите и по нивите и да испуштаат разни масла. Се одлучивме да ги земеме нив, да ги реставрираме. Но, при тоа сакавме да им го задржиме ликот во форма како што биле пред 40-50 години, но да ги подновиме и технички, со ново електрично срце.

Легендарното Фиќо на пробно возење

За волја на вистината ние сме единствената компанија на планетава која реставрира Фиќо и која на тоа реставрирано мини возило му става електричен мотор.

Идеи за реставрирање на старите класични автомобили постојат и во други земји. Во Германија некој прави електрична Буба, во Англија прават електричен Мини морис. Но, ние се одлучивме да го трансформираме нашето Фиќо во електрично. И со помош на средствата што ги добивме, проектот го завршивме минатата година.

И каков е ефектот?

-Легендарното Фиќо како електрично е вистински погодок, секојдневно се потврдува. Тоа го потврдува восхитот и измамените погледи и воздишки и на случајните минувачи, и на возачите во сообраќајот додека возиме низ нашите улици. Идејата произлезе од љубовта кон мојата прва кола, од емоцијата за едно минато време. Затоа што тоа е „убаво ауто“. Посебно ме прави задоволен и среќен што покрај возрасната генерација, интересно е, и го препознаваат и наоѓаат нешто убаво кај него и младите луѓе.

Прво, привлекува изгледот-реставрацијата е совршена, убаво изработена. Потоа тоа што е електрично, не загадува, не бучи. И посебно тоа што е мала градска кола која секаде можеш да ја паркираш.

Убаво е чувството и сум многу среќен бидејќи направивме вистинско електрично возило, кое го препознаа од соодветната институција. Има атест, сертификат според сите стандарди. И не само кај нас, туку успехот е уште поглем бидејќи нашиот е-автомобил е потврден и во Германија. Таму добивме TUV сертификат. Документ со којшто се потврдува дека може да биде регистриран и возен како е-автомобил насекаде во светот. Тоа дава една потврда дека задачата што си ја поставивме и ја започнавме (без компромиси, импровизации) даде квалитет што може да го пласираме и надвор од границите.

Автомобилот од нашата младост во ново руво

Главниот визионер на идејата сте вие? Од каде идејата за реставрирање токму на Фиќо?

-Легендарното Фиќо лично мене многу ми значи. Тоа е автомобил на нашата младост. Првиот мој автомобил што го имав. Генераци и генерации го возеа … Но, тоа не е само национален бренд на нашата поранешна држава Југославија. Малку луѓе знаат дека Фиќо е автомобил што е произведен само во пет милиони примероци. Од нив 2,5 милиони примероци се произведени во Италија. Еден милион примероци во Шпанија. Се правел и во Германија, но конкретно нас, на Македонците ни е познат бидејќи се произведуваше во „Застава“ во Крагуевац, во нашата поранешна држава. Во овие земји се произведувал за пазарот на Европа, но се произведувал и во Аргентина, во Уругвај, во Чиле, во Малезија. Значи повеќе од пет милиони луѓе како прв автомобил го имале фиќото, па го возеле нивните деца.

Ние го презентиравме и на странските саеми. Бевме и во Италија на Саем за класични автомобили во Падова. Тој се одржува секоја година во октомври. Досега сме биле три пати. Италијанците се воодушевени не само од тоа колку е убаво направено, туку и од тоа дека е електрично. Тоа е признание за нас. Потоа го изложивме на Саем за ретро класика во Штудгарт … со две возила бевме на тој саем. Но, ние навистина очекувавме уште поголем успех, меѓутоа со оглед на настаните во 2020 година очекувано беше да има затишје и тоа токму во периодот кога бевме спремни да „влетаме“.

Колку со средствата што ги добивте за проектот успеавте да реализирате. Односно колку возила требаше да реставрирате според планот. Поставивте ли некоја цел?

-Проектот што го зацртавме и што го договоривме со Фондот за иновации и технолошки развој кој безрезервно веруваше во него – го завршивме успешно. Според проектот бевме договорени да реставрираме и направиме пет електрични автомобили-Фиќо. И петте се направени и како готови производи требаше да ги понудиме на пазарот. Но кога требаше да излеземе на пазарот ни се случи ковид.

Меѓутоа автомобилите се направени и имаат сертификат и се во Германија. Едниот за промоција е овде. Интерес има, иако конкретно не се продадени но се договорени. Едно за Хрватска, едно во Германија, едното веќе е во Белгија. Но мора до почекаме период на стабилизација за да ја финализираме продажбата.

Како доаѓавте до каросериите?  Трае ли постапката на откупување?

-Сите пет каросерии се од Македонија, откупени од сопствениците. Ги спасивме и нив и животната средина во којашто живееме затоа што не гнијат на полјаните. Откупуваме и сега, но и луѓето веќе го научија ББ „Класик карс“ и самите ни нудат.

Електричниот систем е на „Кеслер“

Со колкав тим ја правите реставрацијата на фиќото?

-Главниот проектантски тим од машински и електро инженери е претежно во Германија и еден дел во Македонија. Инаку, целото возило тимот го склопува во нашата гаража-работилница. Практично осум работници ја работат реставрацијата и монтажата на електричниот систем.

Самиот електричен систем е покомплицирана работа и затоа и го доверивме на странски партнер, на фабриката „Кеслер“, којашто е успешна германска компанија со околу 1000 вработени. И која пред четири години отвори своја фабрика-гринфилд инвестиција и во Македонија.

Легендарното Фиќо – олдтајмер со електричен мотор

Сега овде се произведува?

-Дел од елементите се произведуваат овде, дел во Германија. Меѓутоа, бидејќи не сакавме да правиме никаков компромис со квалитетот, ниту импровизација затоа направивме целиот систем да биде со потписот на „Кеслер“.

Во тој случај сервисот за електричниот систем на возилата е покриен со „Кеслер“. Затоа што тој има свои подружници од Азија, Кина, Европа, Русија, а сега и на Балканот. Токму тоа е причината што одбравме еден таков стратешки партнер. Посебно е задоволството што една ваква компанија отвори своја фабрика во Скопје.

Колку време трае трансформацијата на едно возило?

-Просечно трошиме 300 до 350 работни часа во реставрацијата на автомобилот. Ако во меѓувреме се спои и монтажата на електро моторот се доаѓа до 400 работни часа. Приближно една кола за месец дена со овој капацитет кој го имаме со работа во една смена.

Работилницата е релативно мала сообразена со стартот на компанијата. Сакаме прво да се потврдиме, па потоа да правиме организација со поголем капацитет.

Наскоро и е-БУБА

Дали размислувате да се проширите на реставрација на друг модел на автомобил?

-Идејата не застанавме да ја развиваме и усовршуваме. Да не излезе дека сме нескромни. Сега размислуваме да направиме електрична БУБА. Да поставиме репарирање на стариот бренд на Фолксваген буба.

Концептот за реставрација на бубата веќе го подготвуваме со тим на инженери од Германија. Работиме на системот на електричниот мотор и на батериите за да направиме еден успешен е-буба автомобил. Секако дека не сакаме да застанеме ниту на бубата, меѓутоа ни треба време.

Веќе ве препознаваат на домашниот пазар. Има ли интерес, побарувачка за електричното Фиќо?

-Написите за нашиот автомобил имаат над милион прегледи. Репортажи од светски признаени медиуми. Идејата е фантастична. Проблемот е што во Македонија (независно од кризата во 2020) најповиканите да го поздрават проектот ги снема. Не пројавија никаков интерес ниту Министерството за екологија, ниту општинските и градски управи и јавни претпријатија. На пример, Град Скопје има служба која се грижи за екологија. Но, тие не изразија желба за соработка или пак за некакви бенефиции околу нашиот еколошки автомобил.

Вториот аспект е дека државата не направи одредени поволности за купување на електрични автомобили. На пример, Германија ги субвенционира граѓаните при купување на електрично возило со седум илјади евра. Хрватска со исто толку. Бугарија пак дава до 10 000 евра субвенции за набавка на вакви автомобили од јавни институции.

А, за Норвешка и да не говориме. Таму поголемиот број од вкупно регистрирани автомобили се електрични. Меѓутоа една таква состојба не доаѓа сама по себе. Мора да се има стратегија, визија за тоа. А, тоа треба да го направи државата. Таа треба да го постави правецот, идејата за зголемување на бројот на еколошки автомобили, да иницира олеснувања околу нивната набавка, да даде одредени субвенции.

Легендарното Фиќо во ново руво

Ако имате школка ќе добиете Е-Фиќо за 12.000 евра

Колку ќе го чини е – Фиќо еден граѓанин, ако сам си донесе школка?

-Легендарното Фиќо што ние го знаевме сега е со ново руво. Во ББ „Класик карс“, како што веќе реков нема компромис во однос на квалитетот. Нашиот тим инженери пресметал дека за тој автомобил да се движи нормално потребен е мотор од 20 киловати. И ние го ставаме тој мотор кој има одредена цена. Некој ќе рече дека може и со 10 киловати. Ама тој мотор ќе ги нема нашите карактеристики. Да оди 120 км на час. Да забрзува за 10 секунди на 100 км на час.

Вториот аспект е дека вградуваме систем којшто веднаш добива сертификат за сообразност, односно атест. И за да ги има тие карактеристики во моментот електричното Фиќо со ваша школка ќе ве чини меѓу 11,5 и 12 илјади евра. Зборуваме за набавната вредност. Без да бидат вградени трошоците на гаражата.

Битен е уште еден момент, за внесување на целиот систем, мотор, батерии, ние кон државата плаќаме 3.500 евра царина и данок. Мислам дека државата треба да има поголем слух за оваа работа.

Разговаравте ли за тоа со надлежните институции?

-Имаше неколку иницијативи за средба со Министерството за екологија. Очекувавме дека тие ќе ја подбутнат работата. Но, засега се си стои на место.

Меѓутоа, мило ми е што процесот на реставрација започна. Пратена е и нашата порака-да почнеме да размислуваме и да делуваме од аспект на екологија и на економијата. И секако да зборуваме и за економичноста на овој наш автомобил. Ако се мислите околу цената на чинење меѓу електричен и конвенционален модел, нема зошто. По две години исплатливоста на електричен автомобил е еднаква со трошокот за новиот конвенционален автомобил. Практично по втората година на користење се изедначуваат вредностите. Оваа го потврдува студијата на тим од Фолксваген.

Што значи тоа?

-Тоа значи дека заштедата што е направена со полнењето на струја и на горивото не е иста. Просечна потрошувачка во градско возење на автомобил – средна класа од прилика е 10 литри на 100 километри. Тие 10 литри чинат околу 600 денари (10 евра). Во нашиот случај за да се поминат 100 км треба да се наполни струја која ќе чини 30 денари, околу половина евро. Таа е разликата. И сега ако тоа го мултиплицираме со 365 дена, пресметката покажува дека вредноста на е-автомобил е иста со трошокот за конвенционалниот автомобил. Секако како трошок не е само горивото, туку и маслата, свеќици, кабли и други потрошни материјали. Одржувањето кај електро автомобилот е скоро бесплатно. За две години досега нема друг трошок, освен плочки, гуртни на кочниците.

Загубата на енергија кај конвенционалните мотори е многу поголема од електричните мотори. Тука е сконцентрирана силата, која веднаш има експлозивност, брзина, константност на енергијата-сила. Иднината на автомобилизмот е таму, а тоа го потврдуваат и големите мултинационални компании коишто во тој систем вложуваат милијарди.

Не можеме да ги задржиме младите мајстори

Со колку трансформирани возила може да ги покриете трошоците?

-За да бидеме рентабилни треба да направиме 10 возила годишно. Но, тенденцијата е да се оди напред.

Имате ли соодветен кадар?

-Еден од најголемите проблеми со кој се сретнува секој стопанственик во Македонија е квалификуваната работна сила. Дали образовниот систем си го направил своето или не, е едно прашање. Меѓутоа младите мајстори, стручњаци не се заинтересирани да останат во Македонија. Не можеме да ги задржиме. Прво е прашањето на висината на нивната плата, но има и други елементи кои влијаат тие да кажат „не, јас си одам“.

Легендарното Фиќо на скопските улици

Дали би се вклучиле во дуалното образование, да земате ученици да ги обучувате и да ви помагаат?

-Веќе го баравме тоа од Сообраќајниот училиштен центар (АСУЦ) … Тие не одбија бидејќи бројот на ученици со кој располагаат е мал. Немаат ученици.кој можат да дојдат кај нас.

Рековте дека првите изработени е-Фиќо автомобили се веќе претставени и договорени во странски земји. Што ако добиете понуда за испорака на одреден број на е-Фиќо?

-Ќе немаме капацитет ниту сила. Тоа се сериозни пазари, кои бараат и количини. Но, во моментот не трчаме по голем број на направени возила.

Е-Фиќо за еко-тури

Што се следните чекори. Во која насока ќе го развивате проектот? Каде треба да се помогне за да тргне напред?

-Легендарното Фиќо е убаво спакуван проект. Горди сме што како Македонци успеавме да го направиме и да го покажеме. Но што може да очекуваме е едно, а што може да направиме е сосема различно.

Ми се чини дека проектот овде оди пребавно, институциите не реагираат соодветно на проблематиката. И затоа проектот ми се чини дека ќе биде виден и баран во западните држави, оние кои се туристички ориентирани.

Мојата основна замисла е овој автомобил да биде во фокус на компании кои работат рентакар, туристички агенции коишто во своите туристички локалитети ќе им дадат можности на своите туристи со историско возило со електричен погон да си направат туристичка тура-обиколка на обележјата во одреден регион.

Мојата визија е дека тој е интересен за централните градски јадра во Европа, каде е забрането движењето на возилата. Но, таа забрана не важи за овие автомобили. Една општина како Венеција, Прага би можеле автомобил од овој тип да им изнајмуваат на туристите за разгледување на градските архитектури, споменици и други значајни раритетни сегменти.

Зашто да не се стави ваков тип на возило и услуга за разгледување на градот. Дополнително ќе се монтира еден дисплеј со објаснувања за градските локалитети. Многу би сакал оваа идеја да се имплементира во Охрид. Таму веќе сме во преговори со хотелот Инекс Горица која ќе го има во својата понуда, ќе го стави на располагање на своите туристи за разгледување на градот, на блиските локалитети, Галичица, Плаошник, Св. Наум …

Легендарното Фиќо во ново руво

Легендарното Фиќо има четири модификации: G20-класично градско возило; TC20-градско возило со спортски изглед; TCR20-спортско возило за град; TCR50-спортско возило за натпревар.

М.Балдазарска

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.