Интернационалниот филмски и музички фестивал „Кустендорф“ ќе се одржи од 22 јануари до 25 јануари 2021 година. Поради здравствената состојба во светот, фестивалот нема да се одржи на Меќавник како порано, но ќе може да се следи исклучиво преку дигиталната платформа, на веб-адресата kustendorf.online.

Меѓу филмовите кои учествуваат на фестивалот е и македонскиот филм „Господата од современа“ (Consuming Contemporary) на талентираната Ана Алексовска.

Младите филмаџии и великани на светскиот авторски филм ќе бидат во фокусот и на годинашниот „Кустендорф“. Како дел од фестивалот, како специјална посластица за сите љубителите на филмската уметност, ќе бидат прикажани разговорите на основачот на фестивалот Емир Кустурица со сите учесници на фестивалот – со авторите чии филмови се прикажани во рамките на конкурсот и програмата „Современи тенденции“.

Конкурсната програма на 14. Меѓународен филмски и музички фестивал во „Кустендорф“ ќе се состои од дваесет и два кратки филма од домашни и странски автори.

Филмови на млади режисери од Полска, Белгија, Србија, Австрија, Азербејџан, Бугарија, Македонија, Германија, Русија, Романија, Данска, Иран, Израел, Киргистан, Црна Гора, Узбекистан и Франција ќе се натпреваруваат за наградите: на Златно, Сребрено и Бронзено јајце.

Меѓународното жири го сочинуваат: Алиќе Рорвахер, наградувана италијанска режисерка, актериот Мики Манојловиќ и Бруно Таријер, снимател и дизајнер на звук од Франција. Наградата „Вилко Филач“ за најдобра фотографија ќе ја додели францускиот директор за фотографија, Мишел Аматје.

На конкурсот пристигнаа 439 филмови. Избраните филмови ја одразуваат поетичноста и различноста на целата продукција и се издвојуваат по својот стил и автентичен поглед на светот. Конкурсната програма на 14. Кустендорф ќе се состои од 18 играни филмови, два документарни филма и два анимирани кратки филмови.

Во „Современи тенденции“ учествуваат: добитникот на специјалната награда на жирито на филмскиот фестивал во Венеција, филмот на Андреј Кончаловски „Драги другари“, филмот „Венди“ во режија на Бен Зејтлин, потоа добитник на наградата за филмска критика на филмскиот фестивал во Венеција „Госпоѓица Маркс“ во режија на Сузана Никиарели и филмот „Каменоломец“ во режија на дуото Џанлука и Масимилијано де Серио.

Во рамките на ретроспективната програма ќе бидат прикажани четири епизоди од серијалот „Беше еднаш една земја“ на Емир Кустурица, програма посветена на американската актерка Феј Данавеј, како и најновиот филм на прославениот режисер Ким Ки Дук „Растворање “, по што ќе следи разговор на Емир Кустурица со Динара Жумагалијева, која го продуцираше овој филм и која глумеше во него.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.