Арсен Дедиќ имаше една песна… „Загреб и ја се волимо тајно“. Како јас и Балашевиќ.

Не, не беше тоа љубов на прв поглед. Напротив! Ако ги изземам детските симпатии кон „У раздељак те љубим“ и/или „Љубио сам снашу на салашу“… Но, тоа беше во еден од оние животи…

Бев прва година, средно. Другарка ми Зденка беше пасиониран собирач на музика. Пред школо поминував да слушаме нешто. Бајага само што ги објави „Јахачи магле“… Ама, таа касета не беше кај Зденка. Постариот брат се сменил со својата школска другарка за новиот албум на Балашевиќ – „Бездан“. На неколку дена. За мене тоа беше вечност.
Што, па сега, „Бездан“? Не ми се допаѓаше. Воопшто. На неслушнато.

Помина некое време. Од немукает во „Југотон“ го купив неговиот албум снимен во живо – „Баладе – У твојим молитвама“. Првично замислен како „Баладашевиќ“. Дупла касета. „Неко то од горе види све“, „Slow Motion“, „Не волим јануар“… И денес ми е една од неговите најомилени…

Тоа беше прв и последен пат некого да засакам преку live албум. Со нетрпение го чекав „Panta Rei“, „Три послератна друга“… Ги знаев напамет.

Оттогаш е таа врска. Па концертите во Будва, на Цитадела во несреќната 1991-ва. Па серијата маратонски концерти во Скопје во првата половина на 90-те. Не ги пропуштав…

– Знаш дека тука имаш carte blanche – ми кажа легендарниот организатор на тие концерти Драган Пешиќ – Пеле, разбирајќи ја мојата потреба со Маја (сопругата) да бидеме на секој настап.

Ама, ништо не беше како тие јулски вечери на Цитадела.

Чекајќи го „Монтенегро-Експрес“ потоа го начекавме во „Маестрал“ во Милочер, да ни ја потпиша штотуку излезената книга „Три послератна друга“, која поштарот ја донесе утрото пред да заминеме на море…

„Маји и Ивану,
Са надом да ће им ово донети срећу.
и да ћемо се видети и у Скопљу, још ове године.

њихов Балашевић Ђ.
1. Август 1991.

…Отад је прошао век, или два…

Се гледавме, некогаш, и некаде, пред концерт, после концерт… Се поретко и поретко. Но песните останаа…

„Нису довољне речи, само обичне речи…“ – би кажал Милан Младеновиќ – да ја опишат тагата која денес ме развали откако чув дека Панонскиот морнар отпловил, на своето последно патување.

Ал’… Шта је туга за D-moll?


Затоа го напишав ова. Наместо Requiem за Балашевиќ. Наместо последно: Збогум?!
Не! Наместо: Довидување!

Опрости, велика реко, ал’ он је морао преко…

Ѕвездите кои ги опеа во „Словенска“ вечерва се светла во небесната арена, во која настапуваат само вистинските Мајстори.

Легендите немаат каде да заминат. Ова е само time out во времето. Кратка пауза… До некоја следна претстава.

Во некој друг циркус… Kога ќе се најдеме во некој од следните животи…

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.