Михајловски: „Спас и реален развој на македонските села“ за економски просперитет. Ова е предлог програма што под итно треба да ја преземе Македонија за да застане економијата на свои нозе, вели во интервју за Анторис магазин, Методија Михајловски, економски аналитичар и автор на 12 книги за политичките и економските состојби во Македонија. Програма која делумно ќе биде презентирана и во неговата најнова книга: „Власт по секоја цена и Македонија утре“ која наскоро треба да излезе во јавноста.

Методија Михајловски дипломирал на економија на Универзитетот во Дармштат во Германија. Кариерата ја започнал во раководен тим во компанија за производство на минерална вода во Скопје. Потоа бил комерцијален директор на „Грамус“ од Загреб, па  генерален директор на „Центро производ“ во Загреб. Потоа се враќа во Македонија каде ја формира својата компанија „Антомар“, со која работи осум години и во Италија. Во периодот на распаѓање на Југославија е претседател на Здружението на  стопанственици на Југославија и на Здружението на стопанственици на Македонија. Основач е на Балканскиот сојуз на стопанственици и претприемачи (1992) кое се одржа една деценија. Во него членуваа 11 земји, поранешните шест републики,  Албанија ,покраина  Косово, Унгарија, Романија и Турција и Бугарија. Сојузот покажал завидни резултати,а политиката и тогаш имала тенденции да ги преземе нивните иницијативи.

Како Македонија дојде на ова дереџе на економски план

Михајловски за триесет годишната независност на Македонија  дава еден краток осврт- анализа како нашата држава стаса на оваа позиција на економски план.

-Основен  проблем зошто Македонија се најде во една ваква економска состојба, да не речам колапс во овие 30 години е фактот што ние како Република во состав на Југословенската заедница не бевме спремни за нејзиното распаѓање од една, а од друга страна македонскиот народ со ништо не придонесе за тоа распаѓање, дури поголемиот дел од популацијата не веруваше дека тоа ќе се случи. Распадот не дочека неспремни и процесот на одделувањето се најде целосно во рацете на некомпетентни луѓе.

Потоа, набрзина се избра експертска Влада, која иако беше составена од елитни професори, тие не беа спремни, затоа што не беа политичари. И таа експертска Влада беше грешка.

Во тој период на отцепување политиката перманентно ја диктираше економијата. Тоа беше и основниот проблем поради што се распадна и Југословенската заедница.  Политиката не успеа да се отцепи од економијата да ја пушти креативно да дејствува. Односно да создава акумулација доволна по величина и правилно распределена, за да издвои средства за репродукција и да не дозволи поголемиот дел од фабриките да работат со застарени технологии. Тоа, беше партиско-политички проблем. И за жал и нашите влади не можат да се ослободат од таа школа, нагласува Михајловски.

-Практично, вели тој, – првата влада прдонесе Македонија да стане лесен плен за меѓународната заедница и да ја претвори во лабораторија, во којашто се спроведуваа определени методи и мерки кои покасно се применуваа во многу други земји, каде што преку процесот на глобализација без испукан куршум се запоседнаа огромни територии, огромни народи итн.

Таа владата даде согласност, диктатот од Меѓународната заедница да го спроведе децидно – односно уништување на сите вредности од социјализмот со ветување дека се ќе биде повторно изградено.

Михајловски:„Спас и реален развој на македонските села“ за економски просперитет

 Анализа

Михајловски оди подлабоко во својата анализа: Сите сме сведоци дека со тие трансакции останаа без работа на улица над 600 000 луѓе, уништија 1787 владини и невладини субјекти и 932 економски- стопански субјекти, колку што имавме во моментот на отцепување од Југословенската држава. Се уништија земјоделски задруги, комбинати, фабрики. Тоа е злосторство против човештвото. ( А, сега странски структури ни доаѓаат со истите програми што ние ги уништивме ).

Друг зачудувачки момент во тој период што предизвикува внимание и од денешен аспект е тоа што Буџетот на Македонија беше 600 -ни милиони долари. И со тој буџет имавме бесплатно здравство, образование, навремено платени државни и административни служби. Се функционираше како што треба. Сега имаме Буџет од четири милијарди долари, а состојбата е застрашувачка.

Денес има 1710 владини организации (агенции) на товар на буџетот и над 6 000 невладини организации. Колку за споредба, Германија со 100 000 милиони жители има 2836 невладини организации. Која економија може тоа да го издржи. А се знае дека грото од нив се инспирирани од политиката.

Демократизација, воведување во едно друштво не значи дека ние буџетот треба да го оптовариме со толкав број непотребни организации. Исто така и со административни работници, на два милиони жители во услови на дигитализација работат 158 000 административци (и верувам дека има околу 20 000 скриени) наместо 32 000 до 34 000 , вели Михајловски.

Што сега треба да направи Македонија

Според неговите видувања и анализи, најголем непријател во делот на финансиите во економијата во Македонија се банките, кои три децении нереално го задолжуваат народот.

„За разлика од другите субјекти кои беа подредени на разни опсервации, банките никој не ги чепкаше. Тие беа под НБРМ, а таа под опсервација на ММФ и Светска банка. Државата нема влијание, особено заради фактот што централните банки се под контрола на Светска недржавничко финансиска структура со седиште во Базел ( мислам на Банката за порамнување во Базел).Но, сепак, најголема грешка беше прифаќањето на ММФ, вели Михајловски.

*Што сега треба да направи Македонија за да застане економијата на свои нозе, каде треба да делуваме?

-Македонија сега треба итно да ја усвои програмата: „Спас и реален развој на македонските села“. Проект- програма што јас го напишав на 6 400 страници. Зошто?

Затоа што животот на Македонецот се раѓал во македонското село. Денес во нашата држава возрасната популација е многубројна, со најголем број на пензионери во Европа, 340 000, што навистина е  страшно. Крајно време е да се направи здрав потег. Од 1776 македонски села само во 214 има албанска популација и тие се развиени речиси на ниво на гратчиња. Кај, македонските села има 18 отсто популација, а во другите 214 има 19 проценти популација.

Ако пристапиме кон реализација на оваа програма, најзначајно е што ќе пристапиме кон возобновување на традицијата на моралните вредности кои по секоја цена ќе создадат говор на меѓучовечки однос којшто конечно ќе дозволи интелигенцијата да ја води државата .

* Ако добро ве разбрав зборувате за враќање на луѓето на село?

-Целиот тој процес за спас и реален развој на Македонија претставува еден процес на кој треба да му претходат одредени системски „преформатирања“. Мора да размислуваме и треба да се случи реинституционализација  на државата. Мора системски да се промениме. Со овој систем не може да функционираме .

 *Во која смисла ?

– Мора да одбереме еден нов системски демократски модел, што ќе биде неопходен за да се стават вон игра сите напластени аномалии во овие 30 години. На пример може да имаме ново уредување во смисла на претседателски систем. Со тоа што сите уредби во овие 30 години ќе се стават вон функција .

На пиедестал ќе ја ставиме месната заедница

*Дали вие мислите дека сега од оваа позиција некои граѓани ќе се вратат во селото, кои за волја на вистината се речиси празни ?

-Се е тоа осмислено. Денес не може да сметате на политичка одлука која ќе може да направи преселба град –село. Тоа е апсурд.

Но, ако се анимираат луѓето на село да го градат својот живот според своите урбани потреби, секако со помош на државата. Ако тие живеат во подобри услови од одредени структури во градот , да не речам од луѓето кои живеат на терасите на 12 кат, тогаш миграцијата во обратен процес, град –село ќе вроди со плод.

Според мене, тоа треба да се направи сега, додека има пензионери кои за волја на вистината во поголем број се со корени од селата. И не само тоа. Според мојот проект најбитно е што: центарот на моќта ќе го превртиме наопаку. Односно, на пиедестал ќе ја ставиме месната заедница. Таа ќе биде носител на целиот процес.

*Како замислувате да се реализираа таа миграција?

Пред се, државата треба да покаже волја и да преземе одговорност за да се спроведе овој процес. А, јас можам само да посочам еден пример, да речеме дека во голем дел во градот живеат три генерации во еден стан, а не мора да биде така.

Секое село, без разлика дали во моментот е полупразно се знае со колку куќи располагало, да речеме,  100- 200. Тие села во просек имаат од 1500 до 2000 хектари селски атар кој денес е обраснат со дрвја и претворен во шума, а шумите се масовно исечени, до степен на пољани.

Е сега, според ова програма секој ќе се пријави во своето село- пред се пензионерите и не мора да живее таму.  Но мора да потпише дека ќе гласа во селото и дека ќе учествува во креирањето на политиката за развој на селото и со својот имот. (Јас живеам во Скопје , но мојот глас ќе оди во Стровјани). А државата е должна на секој што ќе пријави земја во сопственост,  да му направи куќа (доколку нема) и да обезбеди инфраструктура до секое село.  Јас верувам дека младите нема да замижат пред тоа,  ќе се вратат.

Програмата оди вака: ако во едно село имало 100 куќи за секоја куќа по една крава  ( не мора да живееш таму) ама ќе потпишеш дека земјоделското земјиште ќе го дадеш на земјоделската задруга, која ќе ја формира месната заедница. Таа ќе стопанисува и со нивите. А, оние кои нема да бидат во селото ќе плаќаат за одгледување на кравите. Се разбира бенефитите ќе се делат сразмерно според  резултатите…

Ако ова се реализира за 20 години…економијата ќе зајакне, ќе има корист…

Методија Михајловски: Ако пристапиме кон реализација на оваа програма, најзначајно е што ќе пристапиме кон возобновување на традицијата на моралните вредности кои по секоја цена ќе создадат говор на меѓучовечки однос којшто конечно ќе дозволи интелигенцијата да ја води државата .

* Запознаени ли се раководните структури со вашата програма за „Спас и развој на македонското село“?

-На секој премиер кој дошол на власт јас како академски граѓанин му пишувам честитка за изборот и му укажувам на тоа што е приоритетно да се направи во државата ако сакаме просперитет. Морам да признаам дека не му пишав само на актуелниот премиер.

Јас уште во мојата прва книга: „Македонската психолошка граѓанска војна“ застапувам теза дека Бранко и Љубчо направија граѓанска војна, која и денес трае. И во таа книга предвидов се што се случува денес. И на претходниот премиер, му испратив честитка на 132 страни со 129 економски предлози економски. И секако имаше некои позитивни движења.

Тивката миграција кон селото ќе овозможи рамномерна распределба

*Што сега треба да се направи за да се подигне македонската економија?

– Прво и основно, да се пријде кон реинституционализација  на државата. А, тоа значи дека од 1710 владини организации на државата и се потребни 813. Другите треба да згаснат , а не да згаснуваат економските субјекти.

Второ, банкарскиот механизам треба да го ослободи граѓанството од сите досегашни каматни ануитети – не зборувам за основниот долг.

Понатаму да се избришат сите невладини организации и одново да се формираат само со сопствен капитал и секако во одреден број.

Да се направи пресек во администрацијата со три години грејс период вработените да останат дома и да земаат 70 отсто од платата, а другите 30 проценти ќе се пренаменат во развој на селата. Односно за изградбата на куќите за развој на македонското село,а при тоа ќе биде ангажирана домашната градежна оператива.

Месната заедница ќе ја сочинуваат пензионери кои ќе членуваат во нејзиното претседателство и ќе се грижат за развој на селото, за што ќе добиваат и надомест од државата.  Значи во програмата е се таксативно наброено.

Многу е битно при одлуката на советот за развој на селото да се вклучат и анализите од Институтот за земјоделство со база за класификација на земјиштето, која култура каде што успева. За да се знае точно како да се креира развојот на земјоделските култури.

Битно е дека таква тивка миграција ќе овозможи рамномерна распределба на македонското население.

На пример, општините Чашка и Долнени  (во атерот на Азот)  по територија се огромни со 81 село и околу 15 000 жители … ако само патот се направеше тој предел ќе живееше.

Тој процес ќе внесе возбуда кај Македонците.

* Значи да сумираме, кои се основните чекори што државата треба да ги направи за да тргне економијата во нагорен правец?

Прво реинституционализација  на државата.  Второ, треба да се средат невладините организации. И трето требаа да се реконструира банкарскиот механизам.

Без овие три чекори нема стабилизација. Патем да се најави системско преуредување на општеството.

М. Балдазарска

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.