Милена Муња е ново лице на регионалната музичка сцена. Нејзините песни се хитови кои ги освојуваат радио-станиците, а албумот „Само ме пожели“ (City Records 2020) еден е од највозбудливите поп-албуми на овие простори последнава година.

Иако Милена живее во Србија, албумот неколку години, колку што престојуваше во Скопје, е снимен кај нас, со бројни соработници, а главниот збор за продукцијата го имаа Александар Масевски и Дарко Димитров.

Милена Муња е прекрасна млада личност, пред која е блескава кариера. Самиот факт дека нејзиниот менаџер е Саша Драгиќ, човекот кој долго години се грижеше за кариерите на Бајага, па на Жељко Самарџиќ и дузина други, потврдува дека музичката сцена на овие простори уште долго може да смета на неа…


* Колку ти недостасува Скопје?

– Многу. Ептен. Набрзина заминав и сите пријатели од Скопје многу ми недостасуваат. Но, оваа ситуација, корона… Ми фалат луѓето, пријателите, храната… И Скопје и цела Македонија.

* Твојата кариера започна во Скопје, со првите песни. Сега тука е и албумот „Само ме пожели“…

– Се се случи спонтано. Во Скопје престојуваше мојот менаџер Саша Драгиќ, па јас дојдов по него… Пробавме со една песна, а по четири години снимивме албум. И тоа каков!


* Како албумот поминува во Србија?

– Албумот излезе во незгодно време, во почетокот на јуни 2020. Но, имаме добар албум. Дури, и најголемите „баксузи“ се пронаоѓаат во некоја песна. Од сите песни најдобро поминува насловната „Само ме пожели“, па „Тако добро те знам“, која е препев од македонска песна во изведба на „Ај Кју“. Тие ми ја позајмија… Некој, пак, ја сака „Мушко зло“, некој „Жешко, мокро, лизгаво“… Секој има свои фаворити, и тоа е супер.

* Која песна тебе најдобро те дефинира?

– Тоа е како да прашате мајка кое дете најмногу го сака. Сите ги сакам, но, ако морам, еве „Жешко, мокро, лизгаво“, стара песна на Драгиќ, за која текстот го напиша Бајага, е мојот фаворит. Масевски направи нов, одличен, аранжман…


*Како е да се биде естраден лик? Да се дружиш со познатите?

– Јас се уште не сум естрадно активна. Се видов неодамна со Наташа Беквалац, кај мене во теретана. Но, нема настани, промоции, концерти…, па се е на стенд-бај. City Records се грижи за сите нас. Неодамна издадоа супер-хитови, компилација, каде име има и мене, покрај големите Ана Николиќ и покојниот Џеј.

* Како Милена го поминува времето во пандемија?

– Мојата главна обврска и задоволство е теретаната. И таму поминувам најмногу време. Вежбам пеење, танцување, учам јазици… Се надевам дека ќе попуштат мерките, ќе има свирки, и ќе се вратиме во „нормала“. Мора од нешто да се живи.


* Што прво те чека кога „лудилово“ ќе помине?

– Се надевам дека тоа ќе бидат настапите, жива промоција на албумот. Промоцијата е замислена поинаку. Во живо – Белград, Скопје, Бела Црква, каде што живеам… Рано е за арени и за големи сали. Јас сум за мали настапи по клубовите…

* Скопје те чека со раширени раце, знаеш ли?

– Знам! И кога доаѓав во Скопје знаев дека не сум странец. Ниту некогаш сум се чувствувала така. Сите беа пресретливи. Како дома.


* Има ли Милена „момче Македонче“?

– За жал – нема. Ниту Македонче, ниту Белграѓанче… Се ќе тргне, па ќе запре… Премногу обврски. Кога живеев во Скопје, многу време поминував во теретана, во хотелот „Парк“. Дури и цимерка ми беше мојот тренер Дина Муса. Се запознавме спонтано, јас барав цимерка, а таа бараше стан. Па добив и цимерка, и другарка, и сестра.
Со сите сум во контакт. И со екипата со која одев на салса, со Сара, кај која одев на пеење… Со сите, и навистина – сите беа супер. Беа многу трпеливи и прекрасни.

* Соработуваше со „Ај Кју“, со Кристина Арнаудова, со Александар Масевски… Контактирате ли?

– Во Скопје снимив дури два албума, толку многу песни снимивме. Сега се решивме за еден. Песните што останаа нека чекаат. За сите соработници ме врзуваат прекрасни спомени. И за Масевски, и за Дарко Димитров. И двајцата одлично го завршија тоа што требаше. И Бојан и Марија од „Ај Кју“. Па, мојата прекрасна Дина Јашари…

Мојот менаџер сакаше добри музичари, а не манекени, па навистина мојата екипа беше вонсериска. Со „Ај Кју“ за песната „Као случајно“ со „Мелем продукција“ снимив интересен видео-спот. Но, тоа беше во 2017-та, што е ептен одамна…
Сепак, мојот најголем соработник на албумот е менаџерот Саша Драгиќ, кој е феноменален.


* Планираш ли спот во Скопје, на отворено?

– Тоа е голем предизвик. Се надевам… Се зависи од тоа што ќе биде, заради пандемијата. Обожавам да снимам спотови. Тогаш ниту сум изморена, ниту гладна, ниту жедна… Само јас и камерата…

* Какви се плановите за 2021-ва?

– Реалните планови се да почнат свирките, да почнам да заработувам, и пак да вложувам во музиката. Плановите да ослабнам уште повеќе, да се направам топ. Но, во Скопје, со прекрасна храна, тоа беше тешко. Еден од плановите е и да најдам момче (се смее).
Повеќе да работам на својата едукација и на своето здравје.


Се надевам дека на публиката во Македонија им се допаѓаат моите песни. Моите соработници во канцеларија во Бела Црква слушаат Анторис радио, и многу им се свиѓа се што пуштате таму. Ве сакам!

Марко Шипка
Иван Беќковиќ

фото: Небојша Бабиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.