Постои една стара, народна: Кога не сака Мухамед кон брегот, тогаш брегот оди кон Мухамед. Така е и со книгите. Ако вие не одите кај книгата, книгата доаѓа кај вас! Таа теза ја потврдува и нова, мобилна книжарница на Антолог, која деновиве беше промовирана низ градот…

Како ја замислувате идеалната книжарница? Дали би сакале книжарница што ќе биде на чекор до вас, каде и да се наоѓате? Антолог ѝ посакува добредојде на пролетта со неверојатно изненадување за своите читатели: „Книжарница на тркала“.

Сосема нов концепт, кој достапноста на книгите и културата на купување книги ги подигнува на едно сосема друго ниво.

Првата подвижна книжарница на „Антолог“ официјално започна со работа на неделава, на Плоштадот Македонија, а потоа ќе менува локации низ Скопје и низ целата држава, доближувајќи ги сите најактуелни наслови дури и на најнеочекуваните места.

– Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што за жал бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа иновативна и атрактивна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме заедно со нашите читатели – велат од Антолог.

Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и книжарницата да прерасне во простор што ќе обединува настани, промоции, средби и гостувања на автори.

На нивниот сајт antolog.mk, како и на нивните профили на друштвените мрежи редовно ќе го објавуваат програмата на Книжарницата на тркала и локациите на кои таа може да се најде.

– Исто така, со оглед дека целта на оваа книжарница е да ги исполнува желбите на читателите – секојдневно ќе бидеме отворени за конкретни покани и предлози на места што треба да ги посетиме следни – децидни се од Антолог.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.