„Мојот маж“ на Бужаровска на сцената на Југословенско драмско
Култниот белградски театар – Југословенско драмско позориште треба да одржи две долгоочекувани премиери во април.
Едната е „Пучина“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, и е закажан за 10 април. Четири дена подоцна, вистинската посластица – „Мојот маж“ од македонската писателка Румена Бужаровска, во режија на Јована Томиќ.
Ова е уште една потврда дека Бужаровска создаде исклучително дело, кое што освен во книгите, живее и на „штиците кои живот значат“. Кој знае – можеби еден ден и на филм!?
Белградските медиуми пишуваат дека претставата „Мојот маж“, чија премиера е на 14 април, е првото комплетно литературно појавување на српски јазик на познатата македонска прозаистка Румена Бужаровска.
Ова дело привлече големо внимание од критичарите и читателите во регионот, веднаш по објавувањето. Во претставата играат Сања Марковиќ и Јована Беловиќ. Драматург е Димитрије Коканов, дизајнер на костумите е Маја Мирковиќ, а композитор е Лука Мејџор.