-Нема повеќе увоз на возила под ЕУРО 5 стандард во Македонија. Се подготвуваат и нови правила со кои би требало да се обнови возниот парк во земјава, а со тоа и да се намали аерозагадувањето,“ најави министерот за економија на вчерашната конференција „Визија за енергетска транзиција 2040“. И во моментов не е можен увоз на возила со еколошки стандард понизок од еуростандард 4, бидејќи тие возила нема да може повеќе да се регистрираат и да се возат по патиштата низ Македонија.

Нема повеќе увоз на возила под ЕУРО 5 стандард во Македонија

-Оваа година би требало да се зголеми стандардот за увоз на возила во нашата држава. А, за таа цел веќе се спроведуваат неколку мерки за вградување на плински уреди во возилата“, вели министерот за економија.

Покрај оваа се планираат уште две дополнителни мерки со кои би се обновил возниот парк на македонските патишта.

Првата мерка предвидува воведување на субвенции за купување на хибридни возила од граѓаните, како надополнување на постојната мерка за даночно олеснување при увозот на овие возила.

Втората мерка ќе даде можност за директна финансиска помош за оние граѓани кои ќе се одлучат да ги заменат возилата (под ЕУРО 4 стандард) со нови автомобили со ЕУРО 5 или 6 стандарди.

Намален увозот на половни возила

Податоците на Царинската управа на РСМ за 2020 година покажуваат дека лани бројот на увезени половни автомобили значително се намалил во однос на  претходната година. Всушност лани биле увезени 23.900 половни автомобили, за разлика од 2019 кога биле внесени 38.600.

Главната причина за тоа е што на стартот на ланската година почна да важи новиот Закон за данок на моторни возила, со која треба да платат повеќе оние чии возила повеќе ја загадуваат животната средина, односно постарите.

Сепак, познавачите на авто-сообраќајот говорат дека во принцип сега паѓаат цените на употребуваните возила и на европскиот пазар. Пред се на оние кои возат на дизел, кои пак  во Европа се повеќе се забрануваат. Поради тоа граѓаните во западните земји сакаат да се ослободат од тие автомобили и затоа ги намалуваат цените.

Старите и поефтини возила -засега поинтересни

Инаку просечната старост на користените возила што се увезуваат во Македонија е меѓу една до две децении. Според податоците од Царинската управа, во изминативе пет години се увезуваат повеќе дизел половни возила. Во најголем дел, овие автомобили се со ЕУРО 4 еколошкиот стандард, кој ЕУ полека го истиснува за сметка на повисокиот еуро 6 стандард за емисија на штетни гасови.
Пред две години Европската Унија донесе одлука за дополнително ограничување на штетните гасови од новите автомобили кое треба да започне од 2030 година. Со таа одлука емисијата на јаглерод диоксид од новите автомобили треба да се намали за 37,5 проценти до 2030 година.

Имајќи ги во предвид ваквите одлуки, факт е дека Северна Македонија во последните години станува место каде што завршуваат возилата од кои што Европа се ослободува. Доколку се реализираат најавените мерки би требало да се подобри целокупната состојба со возниот парк на македонските патишта.

Меѓутоа со воведување на било кои новини секогаш се наоѓаат затечени страни. Па така и за конкретните  најавени мерки  негодуваат увозниците на користени автомобили во земјава. Имајќи во предвид дека возилата со ЕУРО 5 стандард се поскапи, тие ќе треба да вложат повеќе пари за да ги донесат, но гаранција дека ќе ги продадат нема. Причина за тоа е ниската куповна моќ на населението. И досега граѓаните најголем интерес пројавуваа за поефтините возила.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.