Новото седиште на „Амазон“- симбол на природата и науката. „Амазон“ гради ново импресивно седиште – зграда од 2,5 милијарди долари во која ќе бидат сместени нејзините главни канцеларии. Станува збор за облакодер со висина од 105 метри, во форма на спирала во округот Арлингтон, Вирџинија.

Новото седиште на „Амазон“- симбол на природата и науката

Зградата ќе има 22 ката и е наречена PenPlace. Во нејзина близина ќе бидат изградени амфитеатар и пазар каде земјоделците ќе ги продаваат своите производи.

Комплексот е дизајниран од студиото NBBJ, и ќе биде препознатлив по зелените површини. Дрвјата не само што ќе бидат околу облакодерот, туку и на самиот облакодер.

Симбол на природата и науката

Главниот архитект и директор на NBBJ, Дејл Алберда, вели дека тие секогаш се обидуваат да го поврзат човекот со природата, но дека најмногу успеале во овој објект. Како што рече, новото седиште на Амазан ги симболизира природата и науката.

„Објектот ќе изобилува со голем број затворени атриуми и градини кои нема да ги посетите само за релаксација, туку тоа ќе биде работен простор“, објасни Алберда.

Ќе биде достапно 2,5 хектари јавна површина, каде покрај зелените содржини ќе има и амфитеатри со по 250 места и уметнички инсталации. Граѓаните ќе можат да посетат и еден од рестораните.

Алберда верува дека посетителите воопшто нема да имаат чувство дека се наоѓаат во простории на „Амазон“. Според него, тој простор нема да биде технолошки кампус, туку она што ние го нарекуваме соседство.

Секако, ќе бидат изградени шеталишта, како и простор за неколку стотици велосипеди. Работниците ќе можат да стигнат до центарот на Вашингтон со метро за 15 минути.

Целиот комплекс ќе користи обновливи извори на енергија. Имено, зградата ќе ја користи енергијата на соларната фарма која е оддалечена повеќе од 321 километар од седиштето во јужна Вирџинија. Ќе користи и дождовна вода и ќе има природна вентилација. Зградата е дизајнирана така што што е можно повеќе сончева светлина да стигне до внатрешноста. Така се намалува потребата за енергија што се користи како вештачко осветлување.

Во новиот комплекс -25 000 нови вработувања

Ова ќе биде второ седиште на Амазон, а постојното се наоѓа во Сиетл. Пред три години, компанијата најави изградба на ново седиште. Во меѓувреме, тие добија повеќе од 230 предлог-проекти за новиот објект. Имало и двоумење дали да го направат своето седиште во Вирџинија или Њујорк. Но, одлуката поради повеќе фактори паднала на Вирџинија, која му дала и даночни олеснувања на „Амазон“. Во новиот комплекс се очекува да се вработат 25.000 луѓе. „Амазон“ планира да создаде уште 5.000 работни места во фабрика во Нешвил.

Новото седиште на „Амазон“ треба да биде изградено до 2025 година, доколку се одобри изградбата, пренесува CNN.

Архитектонското студио NBBJ, со седиште во Сиетл, претходно ги дизајнираше седиштата на Самсунг и Мајкрософт. Во јуни минатата година тој го претстави проектот „град на иднината без автомобили“ со големина на Монако. Проектот е дизајниран за кинески технолошки гигант во градот Шенжен.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.