Полисите за здравствено осигурување зголемени за пет пати, пред се како влијание на пандемијата од ковид 19. „Здравјето пред се’ “ особено дојде до израз изминатава година, кога бројот на граѓани кои купиле полиси за здравствено осигурување нагло се зголеми. Ова го покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето за 2020 година, споредувајќи ги бројките со 2019. На ваква полиса се одлучиле вкупно 144 559 граѓани.  Тоа е за 93.161 осигуреник повеќе од претходната година. Тогаш, полиси за здравствено осигурување имале 21.398 лица.

„Во своите полиси за здравствено осигурување минатата година граѓаните вложиле 4,45 милиони евра и тоа е за 44,8 проценти повеќе од бруто полисираната премија (вредност на продадени полиси) во претходната година. Причината за растечкиот тренд за осигурителни полиси за здравствено осигурување лани има пандемијата предизвикана од вирусот. Дополнително, се наведуваат и добрите корпоративни практики на се’ повеќе фирми кои купуваат полиси за своите вработени“, наведуваат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Полисите за здравствено осигурување зголемени за пет пати

Полисите за здравствено осигурување лани го продавале 10 компании за неживотно осигурување. Една од нив е и „Триглав Осигурување“, која нуди доброволно приватно здравствено осигурување од 2015 година. Од компанијата за „Анторис“ велат дека континуирано инвестираат во производите што ги нудат, како специјалистичко вонболничко и болничко лекување, осигурување на операции, малигни болести. Од неодамна, го вовеле на пазарот и СОС пакетот, кој нуди покритие за операции и тешки болести.

„Овие производи нудат квалитетна и комплексна здравствена заштита. А, се  прилагодени на можностите и на потребите на пазарот. Тоа е пазар со значителен потенцијал. Од самиот почеток бележи континуиран раст во интересот за приватно здравствено осигурување во резидентниот и особено во корпоративниот сегмент. Сегмент, каде компаниите го препознаваат потенцијалот на производот како одлична алатка за зачувување на задоволството и лојалноста на своите вработени. Трендот беше задржан и во 2020 година. Веруваме дека интересот за овој вид осигурување и натаму ќе расте“, велат од „Триглав Осигурување“.

Осигурувањето е инвестиција, а не трошок

Од оваа компанија сметаат дека ситуацијата предизвикана од коронавирусот, ги мотивира луѓето да размислуваат за најважните аспекти за сигурноста на животот.

„Не можевме ни да замислиме какви се’ ризици не’ демнат и што се’ може да се случи, а оваа пандемија не научи токму на тоа. Веруваме дека осигурувањето е дел од одговорот како да се справуваме што подобро со вакви ситуации и како да ги надминуваме ризиците.

Фактот дека осигурувањето е инвестиција, а не трошок никогаш не бил повеќе издржан. Особено што здравственото осигурување е поддршка и финансиска заштита во најкритичните моменти во животот на луѓето. Убедени сме дека позитивен ефект ќе имаат и даночните олеснувања, коишто започнаа да важат од 1. јануари 2021 година. Тие веруваме дека ќе придонесат кон зголемување на интересот за овој вид осигурување во корпортивниот сегмент“, оценуваат од „Триглав Осигурување“.

Инаку, минатата година, компаниите за неживотно осигурување на своите осигуреници им исплатиле штети во вкупен бруто износ од 1,72 милиони евра. Тоа е сума врз основ на покритијата од полисите за здравствено осигурување. Во споредба со 2019 година, износот на бруто исплатени штети кои компаниите ги платиле на осигурениците се зголемил за 44 проценти. Затоа, Агенцијата за супервизија на осигурувањето апелира до потенцијалните осигуреници при изборот на осигурително друштво, внимателно да ги разгледаат ризиците кои се опфатени со осигурувањето и дали, заради актуелниот момент, се покриени ризици предизвикани од пандемии или епидемии.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.