Пошта на Македонија денеска промовираше пригодна поштенска марка илустрирана со ликот на великанот Блаже Конески, дело на академик Димитар Кондовски, а по повод јубилејот 100 години од раѓањето на Конески. Марката е пуштена во оптек во 6000 примероци и е во вредност од 72 денари, а може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.

Издавањето на марката е само дел од обемната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

По тој повод, се изработуваат и повеќе логоа, видео за животот и делото на Блаже Конески, веб-анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати на Конески, како и аудиовизуелни спотови со песни, на повеќе јазици. Предвидено е издавање книги, монографии, пригодни академски изданија и зборници посветени на ликот и делото на Блаже Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик и многу други настани.

Неодамна, на 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески. Во септември, пак, ќе се реализира чествување на Конески во Риека, Хрватска, и во Галовеј, Ирска, кои се европски престолнини на културата, како и во Софија, Бугарија.

– Конески е наша национална гордост. Секој негов збор во исто време е и порака и аманет. Наша должност е да не ги заборавиме и да ги пренесеме, вели по повод овој настан министерката за култура Ирена Стефоска.

– Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е, исто така, и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот туку и кон  сите оние што го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски – изјави Стево Пендаровски, претседател на нашата земја.


– За да ја прошириме во целиот свет да стане што повидлива, сите да испратиме барем едно писмо, на некому што му недостига, некому што го чувствуваме близок и да ја ставиме поштенската марка со ликот на Конески, особено во ова тешко време кога корона-пандемијата физички не одделува едни од други – вели Јани Макрадули, директор на Пошта.

Промоцијата, која е дел од програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, се одвива под покровителство на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука.

Стогодишнината од раѓањето на Конески е запишана и во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.