Светски познатиот гитарист и композитор, Мирослав Тадиќ, ја продолжува соработката со големата виолинистка Ивет Холцвeрт.

Неодамна, тие ја промовираа песната „Happy 13“, што е и најава и за идниот студиски албум „Лука“, кој наскоро ќе биде објавен за „Croatia Records“. Со тоа, продолжува фасцинацијата и големата љубов и респект на Тадиќ кон македонскиот традиционален мелос.

Дуото се истакна во 2019 година со нивниот настап на сцената „Амадео“, а новата песна и албум е нивниот прв дискографски проект.

– „Песната „Happy 13“ носи топла и оптимистичка порака што очајно ни треба на сите овие денови. Таа се заснова на традиционалниот македонски танц „Поступано оро“, кое што има невообичаена метрика: 13/8. Тој број 13 се смета за несреќен во целиот свет и затоа оваа позитивна песна сакав да ја наречам ‘Happy 13’ – Среќна 13-ка. Друга интересна работа е што може да се третира како world music, но и како камерна музика, затоа што е напишана на таков начин што може да ја изведуваат и класични музичари – објаснува Мирослав Тадиќ.

Иако албумот „Лука“ е нивниот прв заеднички проект, дуото соработува уште од 2016 година, а тие пред хрватската публика се претставија во летни амбиенти на Крк, Бриони, Задар, Шибеник, Загреб…

– Фасциниран сум од нејзината мајсторија не само како инструменталист, туку и како пејач и поет, а нејзиното чувство за музика од нашите простори е исклучително“, вели Мирослав Тадиќ за Ивет Холцверт.

Новиот албум одлично се надоврзува на последното студиско дело на Тадиќ – „Sanjati, možda spavati“, објавено пред четири години, а за безмалку медитативното чувство на тој албум придонесоа и традиционалните приспивни песни во кои овој голем музичар најде инспирација.

Мирослав Тадиќ скоро секоја година одржува по неколку концерти низ регионот, иако долги години живее и работи во Америка како професор по акустична и електрична гитара во Лос Анџелес на престижниот California Institute of the Arts.

– Педагошката работа ми одговара затоа што, покрај релативната материјална сигурност, ми носи и контакти со многу талентирани и оригинални млади луѓе кои исто така ме инспирираат и ми даваат чувство дека им помагам. Областа во која работам е доста широка, затоа ги учам за музичка теорија, импровизација, композиција, аранжман, гитарска техника и секако нашиот богат балкански фолклор – објасни Тадиќ, кој беше прогласен за еден од 30-те најрадикални и најпосебни гитаристи во светот од реномираниот Guitar Player Magazine.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.