Февруарската филмска програма во 2021-та година во Кинотека на Македонија има од сè по нешто и од сè за секого. Сеќавања на старите добри мајстори на филмскиот занает од нашата и светската кинематографија; увид во поновата домашна и странска продукција; новите остварувања за тинејџерите и најмладите гледачи; потсетување на некои по малку подзаборавени вредности кога филмот во светот – посебно Холивуд и независните продукции – трагаа по нови естетски изрази…

На почетокот на месечната програма им оддаваме почит на неодамна починатите Душан Јовановиќ и Мустафа Надаревиќ, можеби малку присутни во македонската кинематографија, но кои сепак оставиле белег. Режисерот, сценарист и драмски писател Душан Јовановиќ имаше еден од позначајните опуси на театарските сцени на просторот на некогашна Југославија во втората половина на минатиот век.

Неговиот драмски текст „Ослободувањето на Скопје, пишуван како горчлив и суров „амаркорд“ на неговото детство поминато во Скопје за време на Втората светска војна, беше амблематичен наслов на тогаш актуелниот и популарен југословенски „политички театар“. Претставата на театарот во Суботица, во режија на Љубиша Ристиќ, и скопската на Драмски театар на Слободан Унковски во 1970-те години беа политичко-естетски настани par excellence.

На почетокот на 1980-те Ристиќ го основа КГПТ (Казалиште, Гледалишче, Позориште, Театар) како сејугословенски проект, и со новото видување на „Ослободувањето на Скопје“ како заштитен знак на театарот во 1982 заминаа на турнеја по театрите во САД. Трошоците за турнејата ги плати Бранимир Џони Штулиќ, фронтменот на „Азра“ од првите поголеми заработени пари; музиката на претставата беше на „Леб и сол“, кои ја изведуваа во живо на таа турнеја… Децении подоцна, во 2016-та, текстот на Јовановиќ беше конечно филмуван во македонска продукција, од Раде Шербеџија (улогата на Ѓорѓија ја смета за животно остварување во театарот) и син му Данило.

Второто сеќавање во февруарската програма е за исклучителната улога на Мустафа Надаревиќ во „Илузија“ на Светозар Ристовски. Надаревиќ беше еден од проминентните актери на ексјугословенскиот филм во 1970-те и 1980-те, и штета што го немало повеќе во македонски остварувања.

А дали ги знаете раните филмски дела на Френсис Форд Копола, пред да стане планетарно познат по култниот филмски серијал „Кум“? Во февруари ќе имате можност да го видите неговиот хорор-трилер „Деменција 13“. Ќе имате можност да го видите и класичното вестерн-остварување „Одметникот“ на холивудскиот „чудак“ Хауард Хјуз; па „Пресметка кај О.К. Коралот“ на Џон Стерџис;  Улица на гревот“ на големиот мајстор на визуелниот израз Фриц Ланг, овој пат во холивудско пакување; почетоците на „новиот Холивуд“ со „Човекот со златната рака“ на Ото Преминџер; неколку остварувања од некогаш популарниот жанр филм-ноар; а на програмата е и „Глен или Гленда“, филм на „најлошиот режисер на сите времиња“ Ед Вуд (оваа титула, сепак, сфатете ја само метафорично, бидејќи Вуд со сите негови мани одамна има култен статус кај филмофилите). Тука е и малку потценетото остварување „ИНТЕРВЈУ“ на Федерико Фелини од неговата зрела фаза во творештвото, па ќе имате можност да ги преиспитате критичките ставови околу него.

Февруарската програма уште еднаш ќе ве потсети на најдоброто европско остварување за 2020-та според Европската филмска академија, „Уште една Тура на Томас Винтерберг.

На програмата се и македонските остварувања „Стела“ на Стојан Вујичиќ (првиот македонски долгометражен игран филм од детскиот жанр) и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.