На 31 март 2021(среда) Кинотеката ќе одржи омаж за Љупчо Тодорвски – Упа (2.5.1956  – 22.1.2021): актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент. Во чест на прерано починатиот филмски работник Упа, ќе бидат прикажани: минидокументарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа) и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм.

Упа играл во триесетина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ-серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.

Тој е еден од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломирал актерство кај проф. Љубиша Георгиевски, а за време на студиите настапувал во Драмскиот театар во Скопје. По академијата, воден од творечкиот немир и можноста за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде што останува цели 10 години… Од 1997 год., освен со актерството, се занимава и со филмска и ТВ-продукција, пишува сценарија и работи како кастинг-директор (избор на актери)…

Пријателите за Упа
(преземено од веб-сајтот на Кинотека)

Симеон Мони Дамевски, актер и директор:

Мојот другар Упа, имаше четири големи љубови. Во неговата младост, прва му беше уметноста. Таа нè запозна, нè зближи, и од колеги не престори во најдобри другари, кумови, соборци, ортаци и духовни браќа. Подоцна, кога истата нè раздели, зашто тој тргна по остварувањето на своите соништа во Белград, а јас во Америка, а негова втора и најголема љубов стана неговото семејство. Упа ја обожуваше својата сопруга и бескрајно ги сакаше и се гордееше со своите синови. За нив беше спремен да даде сè. Секогаш со мисла како да ги израсне подобро, да им помогне полесно да ги остварат нивните дарби и соништа, тој стана нивна сенка и најголема поткрепа. А, кога ги израсна и тие помалку или повеке тргнаа по свој пат, Упа ја откри својата трета голема љубов. Во делот од животот кога повеќето се уморуваат од него, тој уште посилно ги засака луѓето. Секогаш спремен да посоветува, да расположи, да каже убав збор и да учествува во остварувањето на нивните потфати, тој стана поткрепа за многумина добри луѓе.

Мојот, нашиот Упа – имаше дарба за многу нешта. Беше бескрајно талентиран актер, извонреден сценарист, прекрасен пријател и извонреден трговец. Страсно ги сакаше македонскиот јазик и поезијата, умееше да создаде од ништо нешто, да му продаде стари штици на „старо купувам“, да тргува и со нафта и со клавири, оти умееше да се пазари, да убеди, умееше да изгради дури и зграда. Ако наумеше нешто, немаше врата што Упа не можеше да ја отвори.

Упа беше столб и поткрепа за многумина – за мене, за неговото семејство, за неговите пријатели и соработници и за неговата четврта голема љубов, Скиентологијата. Тој беше еден од нејзините основоположници и најголеми заштитници. А веруваше дека може СÈ, дека може САМ, и затоа ретко бараше помош. Затоа, знам дека многумина од оние кои ме побараа утрото по неговото заминување, во неверување дека веќе го нема, би сториле многу, ако и кога би можеле да му помогнат во неговата последна „битка“.

Но, ако мислите дека Упа ја загуби таа битка, не сте го познавале доволно. Тој не беше човек што се предава. И – тој не веруваше во смртта. Веруваше дека животот е игра во која ние, по природа бесмртници, по секој прекин, повторно и повторно се враќаме назад овде, за да ги оствариме своите неостварени цели и соништа.

Затоа, сега не ни преостанува ништо друго освен да му посакаме само убавини, каде и да решил да оди оттука натаму, и да се надеваме дека еден ден, нашите патишта повторно ќе се вкрстат.

Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент:

Се смеевме гласно, со кревање глава, задолжително развлекување на „ааааахааа“ и плескање со рацете. Цела кафеана се врти кон нас и сите нè гледаат. Гајле ни е, се смееме за да нè гледаат дека се смееме. Смеењето секогаш беше последица на сериозен разговор за сериозен проблем. А толку многу сериозни разговори за сериозни проблеми сме терале, што сега, од оваa дистанца, сосема неразумно сфаќам дека сите наши сериозни проблеми биле смешни. Најпосле, омилен начин да ја завршиме средбата и разговорот за сериозниот проблем ни беше „досмевање“ со омилената теза: „Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за своите планови!“.

А толку многу планиравме. А-ха, немаше сериозен проблем со кој сме се соочиле да не завршил со сериозен план како да го победиме, правејќи му смешки на Господ! Боже, колку смешно?! Ете, така смешно го планиравме животот во кој останаа поприлично испланирани работи што треба(ше) да ги направиме заедно. Филмот КИНО ЉУБОВ да се сними до крај, да се почне со реализација на филмот ШЕЌЕРНА ЗЕМЈА до крајот на март, да се донапишат сценаријата за филмовите ЉУБОВ и НЕБО – и секако, летово да почне снимањето на АЛЕКСАНДАР, играната серија која веќе беше подготвена: беше снимена и пилот-епизода, па во септември требаше да почне снимањето. Упа ја играше главната улога и беше копродуцент. И на крај, уште еднаш да видиме што ќе се прави со – МАЈСТОРОТ…! А и толку многу другите проекти се развиваа и подготвуваа во светот на желбите.

Ааааахаа! Што да се прави, мајсторе? Освен планови? Да се смееме, онака како ти што се смееше. Гласно, со кревање глава, задолжително развлекување на „аааааахааа“ и плескање со раце! Оти, нели, разбравте дека главната идеја ни беше да се смееме гласно за да го насмееме Господ со нашите планови. Упа, Мајсторе – се смеам секој ден. Знам дека си сериозен сега кога пишувам за нашите планови. Не се смеј, не кревај глава, не развлекувај на „ааааахаа“, оти грми небото, и знам дека тоа си ти!

Георги М. Унковски, филмски режисер:

Ми се чини сосема надреално и неприфатливо дека толку рано и предвремено седнувам да напишам некој збор во сеќавање на Упа. Човек кој со својата енергија и пркос знаеше да допре до секого. Секогаш во акција, секогаш со огромна желба за живот, неизмерна љубов кон филмот, кон својата професија и кон луѓето околу него. Отсекогаш сум се восхитувал на Упа, кој неуморно успеваше да го одржи својот оптимизам дури и во времиња кои беа посебно тешки и непријатни. Од Упа имам уште многу да научам, а сега можам само да кажам дека ми е чест што успеав барем на кратко да бидам дел од неговиот живот и лично да бидам сведок на неговото творештво. Недостасуваш, и сега и во иднина.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.