Признание – „Гласот на клиентот“ од  ACI World за Скопскиот аеродром.  ACI World им додели признанија на аеродромите, кои продолжија да даваат приоритет на нивните клиенти и останаа верни на заложбата дека гласот на патниците е слушнат дури и за време на пандемијата со КОВИД-19 во 2020 година.

Меѓународниот Аеродром Скопје доби ново признание од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International World) наречено The Voice of Customer или Гласот на клиентот, со кое им се оддава признание на аеродромите што вложиле и покажале значајни напори во собирање повратни информации од патниците преку програмата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ), а со цел подобро да ги разберат нивните клиенти за време на пандемијата.

Задоволството на клиентите- приоритет

„Среќни сме што Меѓународниот совет на аеродроми ни го додели ова признание за Меѓународниот Аеродром Скопје, како еден од 140-те аеродроми на светско ниво,коишто продолжија да ги слушаат мислењата на клиентите, дури и во овие тешки времиња за аеродромите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19.

И покрај тешките околности, и борбата да се опстане, ние сепак одлучивме дека задоволството на клиентите ќе остане еден од нашите врвни приоритети. Затоа, продолживме со ангажирање на нашите ресурси за спроведување на анкетите за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) според дадената програма и репрезентативни примероци. Односно според бараната квота од ACI, вложувајќи ги сите напори да го приспособиме работниот процес со цел да одговориме на променетата бизнис средина што КОВИД-19 ја донесе на аеродромите.

Навистина веруваме во важноста на мислењето на нашите клиенти, бидејќи нашата цел се услуги скроени така што ќе ги исполнат очекувањата на патниците“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Признание „Гласот на клиентот“ од  ACI World за скопскиот аеродром

Квалитет на услугите

Според информациите од ACI, скопскиот аеродром е меѓу 140-те аеродроми низ светот што го добија ова признание, а припаѓа во групата од 33 аеродроми во регионот на Европа. Признанието го добија и 69 аеродроми во Азиско-пацифичкиот регион; 24 аеродроми од Северна Америка; шест аеродроми од Африка; пет аеродроми од Латинска Америка-Кариби и  три аеродроми од Блискиот Исток.

„Честитки!Признанието „Гласот на клиентот“ ја слави заложбата на аеродромите што продолжија да ги слушаат патниците. Воедно и да ги приспособуваат процесите и процедурите за да ги исполнат изменетите очекувања за искуството на патниците како одговор на КОВИД-19. Бидејќи нашата индустрија работи и цели кон закрепнување, аеродромите што ги слушаат  (и им даваат приоритет на потребите и очекувањата на) клиентите ќе бидат во подобра позиција за да одговорат и реагираат.

Програмата ASQ на ACI им обезбедува на аеродромите алатка за објективно мерење која е репер за квалитет на услугите. Врз основа ASQ-програмата, аеродромите собираат информации за потребите и очекувањата на патниците, со цел да остварат поквалитетен учинок и одговор на нивните барања“, изјави Генералниот директор на ACI, Луис Фелипе де Оливеира.

Драстичен пад на патничкиот сообраќај

Пандемијата со КОВИД-19 предизвика сериозен удар врз авијацијата, која е најнегативно погодениот економски сектор ширум светот.

ТАВ Македонија ја заврши 2020 година со пад во патничкиот сообраќај од 71 отсто. Од 2.677.618 патници во 2019, во текот на цела 2020 година, двата аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, имаа вкупно 782.876 патници.

Најголемиот предизвик за закрепнување на патничкиот сообраќај, се рестрикциите за патување за македонските граѓани воведени од земјите членки на ЕУ/Шенген зоната, каде е концентриран преку 77 отсто од македонскиот авиосообраќај.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.