Ново време носи нови правила. Нова нормалност, некој би кажал. Онлајн живот. Дигитализација… Неверојатно беше пред 40-на години кога, Александар Межек ја испеа легендарната „Љубав преко жице“. Денес е се преку…

Музиката станала download, филмовите се на платформите, виртуелна посета на музеи, zoom состаноци, онлајн концерти…

Еден таков се најавува прилично долго. Се работи за концертот на светскиот мега-цар Рамбо Амадеус. Неговиот Интерпланетарен концерт е закажан за 7-ми март…

– Со развојот на технологијата, конечно можеме да го направиме концертот за кој отсекогаш сум сонувал. Концерт кој не е ограничен на територија, сала, простор, град, земја, телевизиски канал.

Практично, концертот може да го следат сите интелигентни суштества во Универзумот, доколку го фатат интернетот од Земјата, што веќе не е никаков технички проблем. Секако, реално е дека од оние што не се во нашиот Сончев систем не се очекува да гледаат, бидејќи првата следна ѕвезда и нејзините планети се на оддалеченост од четири и пол светлосни години, додека не стигне до нив сигналот со ФБ настанот, и додека не размислат дали сакаат на концерт или не, дали е скап за нив…, па сè додека не се договорат со друштво каде што ќе гледаат, кај чиво дома, да ја споделат цената на еден билет и додека не пристигне сигналот од нив дека го зеле билетот преку Интернет, ќе доцнат 9 години.

Нереално е да сметаме на интелигентни суштества да не го забележат овој проблем, па затоа треба да се очекува дека тие културно ќе се издигнат и ќе се забавуваат гледајќи ги нивните локални протагонисти.

Земајќи ги предвид сите тие научни факти и логички претпоставки, ние сепак ќе се држиме до аудиториумот во рамките на нашиот соларен систем, па затоа е прилично пристојно да се концертот да се нарече Интерпланетарен – вели Рамбо.

Во оптек се пуштени и три вида влезници

  • 15 евра за Партер/ кауч, софа
  • 25 евра Parter + After Party Free Jazz Session
  • 80 евра VIP Backstage влезница

Секој сегмент Рамбо детално го осмислил и објаснил, посебно кои се привилегиите ако купите After Party Free Jazz Session или VIP Backstage.

Најпосле, секое задоволство се плаќа…

Во комуникација со фановите на својот фејсбук-профил, Рамбо на секое прашање има подготвен одговор.

– Добивам многу прашања со слична содржина, најмногу за тоа колку луѓе можат да гледаат и да слушаат концерт со еден купен билет.

Повторувам – се планира со еден билет да го следат сите членови на домаќинството – па ако семејството е големо – ако тато, мама, децата се девет, баба, дедо, тетка, чукунбаба, аскурџел, сите живеат во иста куќа или соба – нема проблем гледајте сите со еден билет! Бујрум!

Но – ако некој сака да гледа на видео-бим во клуб и да собере 300 луѓе да го гледаат заедно, тоа така не е планирано.


– Како прво, забрането е да се соберат толку многу луѓе на едно место сега, па затоа не го ни претпоставувавме.

Дефинитивно, ќе направиме наменски онлајн концерти за специјални клубови, штом клубовите ќеможат легално да работат.

Јас, секако, немам техничка можност да контролирам никого – и мојата прва грижа е некој да не се зарази заради мојот концерт, па дали сега еден човек гледа помалку/повеќе, Бегот никогаш не бил циција.

Рамбо, на крајот заклучува:

– Чувајте се, ми требате живи, здрави и долговечни, за некои идни концерти!

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.