Првата три-де печатена куќа во Источна Европа е изградена во Чачак. Првата тродимензионална печатена куќа „Прото дом“ беше претставена во Научно-технолошкиот парк во Чачак. Ова е првата ваква куќа направена со модерна технологија во Источна Европа. Куќата, која е подготвена за вселување е изградена за 24 часа.

Со идејата за изработка на печатени куќи со помош на тридимензионална технологија, и тоа  први во Источна Европа, Никола Ракиќ и Милош Јовановиќ основаа старт-ап иновативна компанија во јули минатата година во Научно-технолошкиот парк во Чачак.

„Прото дом“, мини куќа од 24 метри квадратни е првиот објект подготвен за вселување. Таа е отпорен на силен ветер, земјотреси и други временски непогоди. И што е најважно, таа е поевтина за повеќе од дваесет проценти од традиционалната градба.

„Идејата произлезе од едноставна желба да се подобри градежната индустрија во однос на нејзината брзина, нејзината ефикасност и на крајот нејзината цена. Самата карактеристика на куќата можам да ја објаснам вака: материјалот што го користиме е на база на цемент и е пет пати поцврст од бетонот што се користи во традиционалната градба. Од друга страна, кога зборуваме за брзина, куќата е завршена за 21 час и 15 минути. Тоа значи дека штедиме пари за инвеститорот, штедиме и за купувачот на таа куќа, а третата работа е тој еколошки аспект – нема непотребен отпад на градилиштето“, објаснува Никола Ракиќ, генерален директор на „Натура еко“.

 

Куќата е буквално отпечатена од машина која се напојува со иновативни програмерски решенија.

„Машината е всушност градилиште. Една машина ја менува целата механизација, целото човештво и се што прави. Дополнително воведовме иновација во материјалот, којшто практично е три во едно. Еден материјал го претставува ѕидот,  ја претставува изолацијата што е внатре, имате електрични инсталации и водоводни инсталации. Кога ќе се повлече оваа машина или градилиште, немате дополнителни трошоци и дополнителни работи“, нагласува Милош Јовановиќ, технички директор на компанијата „Натура еко“.

Добрата визија, посветената работа и осмислувањето на иновации со светски потенцијал се вистински пример за сите оние кои би сакале да започнат бизнис, велат во Научно-технолошкиот парк во Чачак.

„Што се однесува до самите резултати, она што го постигна „Натура еко“ е еден вид пример како треба да се развие нова компанија во рамките на Научно-технолошкиот парк во Чачак. Она што ни е особено мило е што нив секогаш можеме да ги наведеме како еден пример за младите луѓе кои се во раните фази на развој на нивниот старт-ап“, вели Мирко Пешиќ, директор на Научно-технолошкиот парк во Чачак.

Печатените типски три-де куќи ќе се градат за социјално згрижување, а по замисла на клиентот ќе се градат и поголеми објекти. Овие куќи произведени во Србија ќе се продаваат и во странство.

Никола и Милош планираат да печатат и три-де станбени згради, а за реализација на таа идеја им помага и Фондот за иновативни активности на Република Србија преку програмата за ран развој.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.