Првиот виртуелен концерт на легендарниот актер, поет и музичар Раде Шербеџија е закажан за 9 април 2021 година. За прв пат, публиката ширум светот ќе може да слушне песни во живо од неговиот актуелен албум „Ne okreći se, sine“, по кој е насловен овој концерт.

Новиот студиски албум на светски познатиот актер беше објавен кон крајот на минатата година. Најавен со хитот „Ето пјесма“ напишан за него од Хусеин Хус Хасанефендиќ, Шербеџија сними вкупно единаесет песни со тим составен од одлични музичари.

Но, и еден куп други, одлични музичари, исто така придонесоа за успехот на овој албум: Мирослав Тадиќ на песната на Арсен Дедиќ „Њујорк“, па Дамир Урбан кој ја напиша песната „Govorila je tako tiho, tiho, tiho“, Елвис Станиќ кој направи одличен аранжман во песната „Град“ на Драго Млинарец , потоа Марио Игрец во песната „Suzo moja, strpi se“, како и авторот Златко Арсалангиќ и Анте Гело во песната „Ostala si uvijek ista“, на Ѓорѓе Новковиќ и Жељко Сабол.

На новиот албум, Шербеџија го даде и својот потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезда“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, чие предвремено заминување ја погоди културната сцена на овие простори пред четири години. Аранжманот за ова исклучително дело го направи Диран Тавитјан.

Албумот вклучува и две соработки – со Габи Новак и Матија Дедиќ во песната на Арсен „Otkako te ne volim“ и „Na nešto me sjeća taj grad“, која Раде Шербеџија ја отпеа заедно со авторот на песната, Дарко Рундек. Насловната песна „Ne okreći se, sine“, ја напиша Шербеџија уште во 1989 година, на музика на Габор Ленџел, додека Марио Игрец направи нов аранжман.

Иако минатата година беше многу предизвикувачка за уметниците, Шербеџија може да се пофали со забележителни достигнувања во областа на драмата и музиката.

На 71-от Летен фестивал во Дубровник, тој ја доби наградата Орландо за улогата на Џорџ во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од театарот „Улисис“ и Београдско драмско позориште, а „Кроација рекордс“ исто така ги објави компакт-дискот и блу-рејот „Раде Шербеџија & Западни колодвор @ HNK Загреб“.

На виртуелниот концерт „Ne okreći se, sine“, Раде Шербеџија ќе пее заедно со својот состав „Западни Колодвор“, а на репертоарот ќе се најдат многу негови безвременски хитови: “Barbara”, “Protuletje se otpira”, “Meni se dušo od tebe ne rastaje”, “Ni u tvome srcu”, “Poleti ptico”, “Povratak ratnika”, “Tvoje nježne godine”, “Ne daj se Ines”…

Специјални гости на концертот ќе бидат Габи Новак и Матија Дедиќ, Маја Посавец и актерот Горан Богдан.

Првиот виртуелен концерт на Шербеџија ќе може да се гледа од било кое место во светот, а влезниците, по цена од 85 куни (11,5 евра) се веќе пуштени во продажба.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.