На 2-ри април во Младинскиот култуен центар во Скопје, Дино Имери ќе го промовира својот најнов албум „Рефлексии“.

Дино Имери е веќе етаблирано име на домашната сцена, која третира класична музика. Релативно млад, има само 30 години, а веќе важи за еден од водечките и врвни пијанисти, кој редовно може да го следите на репертоарот на Македонската филхармонија, но и како гостин на странски реномирани куќи.

Неговиот труд и посветеност резултираат со постојан развој, па оттука и здравата амбиција за пишување сопствена музика.

Всушност, преку ова издание за ПМГЏЕЗ, сведочиме за неговата трансформација од фантастичен изведувач во извонредно потентен композитор.


„Рефлексии“ е негово прво издадено авторско дело, кое веднаш плени со својата кротка флуидност и паметна убавина. Медитативна потрага по сопствен израз, познати и непознати улици и сето тоа без претерана дистанца, отворен за комуникација со слушателот.
Освежувачко отсуство на непотребно интелектуализирање и подготвеност да гради мелодични мостови до љубопитните уши. Се чини ова е само почеток на една возбудлива музичка афера, или ако сакате, композиторска кариера.

Оваа музика е потребна. Парче убавина, сосем неповрзано со што било од рутината на вашето напорно секојдневие. Можност за кратко бегство во бестежинска состојба, без напуштање на планетата.

Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.

Планот е влезот за публика да започне во 19:30, додека концертот почнува точно во 20 часот.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.