Регионалната соработка-клучна за закрепнување на туризмот. „Регионално вмрежување и соработка во туризмот како клучен фактор во закрепнување на индустријата во пост-Ковид ерата”, беше насловен вчерашниот настан за промоција на туризмот во Западен балкан. На едноддневниот виртуелен настан присуствуваа повеќе од 100 учесници. Претставници од приватен сектор и институции за промоција и поддршка на туризмот од неколку земји од регионот. Целта на настанот беше да ги претстави потенцијалите за регионална соработка на земјите од Западен Балкан и можностите за побрзо закрепнување на туризмот во периодот по пандемијата.

Регионалната соработка-клучна за закрепнување на туризмот

На настанот присуствуваа претставници од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, и Украина како земја гостин. Присутните споделија статистички податоци и информации од туристичкиот сектор во земјите – учесници. Исто така беше презентирана и туристичка понуда, со посебен акцент на зимски и активен туризам.
Дел од заедничките заклучоци беа дека навиките за патувања и туризам веќе се сменети под влијание на кризата: туристите патуваат во помали групи, во помалку истражени места како национални паркови, планини и рурални места и сакаат да истражуваат локални искуства и храна.
Со оглед на тоа дека земјите од Западен Балкан изобилуваат со вакви природни богатства и традиција, ова може да е одличен момент за зајакнување на регионалната соработка. На тој начин, балканските земји ќе можат да создадат побогата туристичка понуда за гостите од регионот и пошироко.

 

Реализирани 26  Б2Б средби

Како дел од овој настан, се закажаа 53 директни Б2Б средби од кои се реализираа 26, што им овозможи на туристичките бизниси од регионот да ги претстават своите туристички услуги, екскурзии, пакети, сместувачки капацитети. Исто така да споделат искуство и остварат соработка за промоција на регионално ниво. Воедно да се поврзат со различни владини и невладини институции, професионалци во секторот, бизнис организации и асоцијации со цел полесно опоравување од кризата предизвикана од Ковид-19.
Настанот беше организиран од Регионалниот проект на УСАИД за економски развој, управување и развој на претпријатија (EDGE), Проектот на УСАИД за развој на одржлив туризам во Босна и Херцеговина (Turizam), Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.