Пред некоја година прашав пријател, кој работи за моќна регионална дискографска куќа, за тоа:  како во ново време се продаваат носачите на звук? – компакт-дискови и винили, кои се се повеќе „во мода“. Ми кажа дека информациите од продажбата на физички копии се собираат на одредени периоди, но, тие како претставници за лиценци од голем светски дискографски магнат, во секое време знаат колку пати е симнат, на пример, новиот сингл на Мадона.

Во сиот нормален свет информацијата доаѓа на време. Кога и е време.

Како и во Хрватска, на пример.

Тамошната дискографска удруга секоја недела, во определен ден седмично, во текот на целата година, известува за тоа колкава е продажбата на физичките копии. Постои Топ 40 листа, на која, непосредно пред Новата Година врвот го зазеде и нашиот Влатко Стефановски, со „Taftalidze Shuffle“, објавен под закрилата на „Croatia Records“. И во Новата Влатко добро се држи!

Постои и паралелна листа на нови винили, па топ-листа на синглови…

Една недела врвот го држи Стефановски, друга Рундек, трета „Сплитски фестивал“… Конкуренција е здрава работа. Таа ја поттикнува креативноста, го разбудува натпреварувачкиот дух… Таа не прави да бидеме подобри.

Поентата на сите овие сондажи, статистички информации, кои се важни за некои други анализи, е топ-информација да стаса во реално време. Кога нешто е актуелно. Никако одложено, по неколку недели, месеци, не дај Боже година…
Чуму нешто, ако му поминало времето?!

Така е во оној, нормален свет.

Има една информација која ја чекав во текот на целата 2020-та година – листата на ЗАМП, за најкористени музички дела за претходната година. Не дека нешто ќе ми смени во животот… Едноставно, сакав да знам…

Истата пристигна дури на 3-ти јануари 2021-ва. Листа на највртени песни кај домашните радио-дифузери за 2019-та. „Као да је било некад“, што би рекол покојниот Милан Младеновиќ, во големиот хит на „Екатарина Велика“.

Сега, каков значај има топ-листа за 2019-та, објавена една година откако требала да биде објавена, му оставам на секој на сопствен заклучок. За мене лично, речиси никаков.

А и за поголемиот дел од планетава, се што било пред пандемијата, личи како да се случило во некој друг, претходен живот.

Има ли потреба листата да се анализира?

Листа на најкористени дела за 2019-та година, на домашни и странски песни, личи како да доцни неколку години. Таа е бајата, неактуелна, а песните како да се од некој претходена период, деценија, децении…

Дали таа е навистина валидна, или…? Кој, па сега ќе се сети што се слушало во 2019-та… Памети некој?!

Толку ли во 2019-та немаше музика, па најкористени песни да се „Тажна љубов, среќна песна“ и „Фрази љубовни“ на Тамара (веројатно заради нејзиниот настап на Евровизија, кои, патем се објавени на CD 2015-та), или „Сите мои слики“ на „Ареа“, од почетокот на овој милениум, или „Две лири“ на Каролина, од 2014-та…

Имало и бетер – кај странски дела, на 10-то место е и класикот на Стинг – „Englishman In New York“ од далечната 1987-ма. Стинг таа година беше во Скопје…

Да се разбереме – сите споменати песни се топ, но, тоа се стари хитови. Песни од некое поминато време. Не се нови, актуелни… Премногу се ретро. Значи ли тоа дека и ние сите, топтан, сме ретро?!

Секаде во нормален свет топ-листите се одраз на популарноста на актуелниве песни, новитети. На нешто жешко, нешто фрешко…

Само кај нас – ем ретро, ем и тоа доцни. Цела година…
Ова попрво е нејзиниот реквием, отколку нејзината промоција. Реквием на една бајата топ-листа.

Загубени во времето и просторот, отсечени од светот, го спиеме зимскиот сон.

И, никој да не разбуди и да ни каже дека надвор е одамна 21-ви век!

До кога?!

Иван Беќковиќ

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.