Се враќа ентузијазмот во нуклеарната индустрија, како основа за чиста енергија во иднина. Откако е светот и веков, човекот се бори да ја припитоми енергијата, да ја стави под своја контрола и на свое расплагање или да се одбрани од неа. Интересно е тоа што ништо од овие работи досега не му успеале 100 проценти. Кога е добра годината, тој има недостиг од енергија, кога е лоша, таа е погубна: поплави, електирчни празнења, суши, нуклеарни хаварии… Но, едно е константно, енергијата во рацете на човекот никогаш ја нема доволно за доборнамерна употреба. Таа секаде е скапа, иако е присутна секаде околу нас.

Се враќа ентузијазмот во нуклеарната индустрија

Таа можеби се засилува како одмазда на нечовечкото однесување кон природата, можеби протестира и жестоко удира по нас, одземајќи човечки животи, оставајќи илјадници без домови и покрив над главата.

Повикот и идејата што повеќе да се напушта искористувњето на загадувачката енергија е условено од крајната принуда за барање излез, зашто веќе планетата е пренатрупана со луѓе кои веќе страдаат од недостаток на чист воздух, чиста вода и здрава храна.

Овде нема да зборуваме за искористувањето на обновливите изоври на енергија. Тоа е постојана тема. Во овој текст ќе зборуваме за идеите за повторно актуелизирање на нуклеарната енергија, како чиста енергија, нешто што по хаваријата во Черонил 1986 година речиси стана табу тема.

Новите нуклеарни проекти-се поконкурентни

Некои познати енергетичари, како генералната директорка на Светската нуклеарна федерација, Сама Билбао И Леон, тврдат дека, новите нуклеарни проекти ќе станат многу поконкурентни отколку што се во моментов и тоа со нови технолошки решенија. Па, дури, вели таа, поради тие нови технолошки решенија се враќа ентузијазмот во нуклеарната индустрија.

„Нуклеарното производство во моментов е на второ место по производство на чиста енергија, па дури и прво, ако ги земеме предвид само земјите на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) “.

Според Билбао И Леон, на крајот на 2020 година работеле 441 нуклеарен реактор (во 31 земја), а се граделе повеќе од 50 нови (во 19 земји). Пуштени се во употреба пет нови реактори: во Кина, Русија, Белорусија и Обединетите Арапски Емирати. Последните две земји се новодојдени меѓу нуклеарните земји и затоа се воспоставени целосно нови нуклеарни програми. Изградбата на седум нови нуклеарни реактори, исто така, почна минатата година во Кина и во Турција. Таа вели дека уште 15 нови реактори се очекува да почнат со работа до крајот на 2021 година:

„Некои земји, како Германија, Белгија и Шпанија, навистина размислуваат за конечно затворање на постојните нуклеарни централи. Но од друга страна, исто така, доста земји, не само во Европа, туку и низ целиот свет, имаат намера да ги зголемат вложувањата во производство на  нуклеарната енергија. Некои од овие земји, всушност, се обидуваат да го прошират производството на нуклеарно оружје. Некои источноевропски земјите, се многу активни во насока на нови нуклеарни централи.  Некои, како што е Полска, дури и прв пат се впуштаат во оваа мошне сензитивна сфера.

Голем акцент на иднината на работата на нуклеарните централи може да се почувствува и во Велика Британија, Франција, Финска и Холандија “, вели Билбао И Леон.

Избегнување на „катастрофални“ климатски промени

На прашањето – дали нуклеарната енергија има иднина, претседателот и извршен директор на „Центрус Енерџи“, Дан Понеман, вели:

„Ако сакаме да избегнеме катастрофални климатски промени, треба да ја користиме нуклеарната енергија. Ако сакаме да се  приближиме до целта на Парискиот климатски договор, а тоа е одржување на покачувањето на температурата под два степени целзиусови во однос на прединдустриското ниво, тогаш придонесот на нуклеарната енергија треба да се зголеми барем двојно. Во исто време, искористувањето на обновливите извори на енергија мора да продолжи, со максимална примена на соларни колектори, со „впрегнување“ на ветерот и складирање на енергијата во батерии. Но, речиси е невозможно да се пополни  празнината во енергетскиот сектор без значителен удел на  нуклеарната енергија “, вели Понеман.

Надминување на пречките

Според Понеман, индустријата мора да ја врати и довербата на јавноста во нуклеарната енергија.

„Ја стекнуваме довербата во јавноста покажувајќи  дека нашите дизајни се побрзи, подобри и поевтини и дека можат да ни обезбедат огромни количини чиста енергија и дека без нив ќе продолжиме да се соочуваме со пораст на нивото на морето, губење на поларниот мраз, уништување на коралните гребени, итн. “

Индустријата веќе работи на намалување на трошоците. Реакторите од третата генерација се веќе се во функција.

НЕК Кршко

Словенија и Хрватска се единствените земји на територијата на пораншна Југославија кои ја експлоатираат нуклеарната електрна „Кршко“. Електраната работи со реактор на вода под притисок на Вестингхаус 696 MW. Нуклеарната централа се наоѓа во Словенија, на левиот брег на реката Сава, три километри низводно од градот Кршко. Хрватска и Словенија се косопственици. Секоја од нив има по 50 отсто удел и по  50 отсто од произведената електрична енергија. Тоа е прва нуклеарна централа од западен тип изградена во една од тогашните социјалистички земји.

Енергијата на електраната првично беше 632 MW. Но, по замената на генераторот на пареа и модернизацијата на електраната во 2000 година, таа има сила од 696 MW. Електраната годишно произведува околу 5,5 милијарди kWh електрична енергија.

Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана

Што се однесува до енергетските цели на Македонија, тие засега се насочени кон обновливите извори на енергија,  кон природниот гас и кон изградба на предвидените големи водни акумулации Чебрен и Галиште .

Државата времено се откажа од инвестирање во бугарската нуклеарна централа „Белене“ и се насочува кон грчката гасна електрана во Александрополис. Но, државата не ја отфрла можноста за натамошна соработка на ова поле со Бугарија.

Грчката електрана Александрополис има поголеми изгледи да се реализира во поскоро време отколку бугарскиот проект за нуклеарна централа „Белене“. Во проектот Александрополис учествува и Бугарија.

Од бугарска страна, за „Белене“ досега неколку пати имало најави и одложувања, но нема никаква најава за почеток на градба на таа електрана.

Бране Стефановски

 

 

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.