Шест медали за вината на „Тиквеш“ во Кина. Вината на ВВ „Тиквеш” и на „Tikveš Châteaux&Domainеs” освоија шест медали на престижниот вински натпревар во Хонг Конг.

Шест медали за вината на „Тиквеш“ во Кина

Добро познатото црвено „Т’га за југ“ – берба 2019-та од ВВ „Тиквеш“ доби двоен златен медал на најголемиот и најпрестижен кинески вински натпревар – „China Wine & Spirits Awards Best Value 2021“. Покрај ова највисоко признание, со злато беа наградени и „Vranec Special Selection“ од бербата 2018-та; „Cabernet Sauvignon Special Selection“ 2019-та, како и „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ 2016-та.

Дополнително, сребрен медал беше доделен за „Vase de Pierre“ од 2018-та. Додека пак со бронза се здоби „Тerrasse a l’Ombre“ од бербата 2018-та.

Најголема вредност на виното во однос на цената и квалитетот

Двојниот златен медал, што е највисоко признание кое се доделува на овој вински натпревар, „Т’га за југ“ го освои во конкуренција со најпознатите светски вински брендови. Овие вина се селектирани и оценувани од тим од 100 вински судии. Изборот на вина се номинирани од најголемите увозници на вино, ресторани и специјализирани продавници во Кина. Тие годишно увезуваат вино во вредност од над 20 милијарди долари.

Во процесот на издвојување на вината со најголема вредност се оценува нивниот квалитет, но истовремено се зема предвид и цената. Освоените награди претставуваат препорака за вината и информација за потрошувачите за тоа кое вино нуди најголема вредност во однос на цената и квалитетот.

Оценувачите на „China Wine & Spirits Awards Best Value 2021“ заедно продаваат 75 милиони шишиња вино и алкохолни пијалаци годишно. Поради што овој натпревар станува највлијателен за продажба на вино и алкохолни пијалоци во светот.

Ова е втор меѓународен натпревар на кој учествува ВВ „Тиквеш“ со своите вина оваа година, постигнувајќи значителен успех. Имено, на мартовскиот „Мундус Вини“ во Германија, вината на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија три златни медали и две специјални награди.

ВВ „Тиквеш“ која е најнаградуваната винарница во поширокиот регион, во 2020-та година освои 130 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.