Постои едно непишано правило во магазинот „Анторис“, а тоа е, спротивно на другите, да не пишуваме литерарни некролози од типот – знаете кој почина денес, кој замина во вечноста, и слично…

Сметаме дека секој обид да се ќари некој клик повеќе на туѓата несреќа е крајно нечовечно. Нека почиват во мир. Делата нека зборуваат.

Секако, факт е дека во последен период премногу прекрасни ликови, уметници, врвни професионалци во своите области, го напуштија земскиот живот.

Неповторливиот виолинист Зоран Џорлев, хрватскиот џипси-џез гитарист Дамир Кукурузовиќ, легендарниот Мустафа Надаревиќ, па Миша Алексиќ, човекот кој со Бора Чорба ја создаде „Рибља чорба“ и му беше десна рака од 1978-ма, наоваму… Нешто како Ленон-Макартни, Џегер-Ричардс, Влатко и Бодан, Аки и Хус…

Една недела, како што самиот пророчки си најави многу одамна – и единствениот Џеј!
И многу други…

Последна во низа е Мира Фурлан. Ќе ја паметиме како Јаглика во култниот „Лепота порока“ на Живко Николиќ, Анкица Видмар во „Отац на службеном путу“ на Кустурица, како Соња во „Турнеја“ ма Горан Марковиќ, според улогите во американските хитови „Бабилон 5“, „Изгубени“… Ќе ја паметиме по многу нешта. Ликот кој го сакавме во филмовите кои ни беа драги.

Во еден од последниве статуси на филмската дива, во вистинска смисла на зборот, кој се пренесува преку социјалните мрежи, пишуваше:

„Ги гледам ѕвездите. Ноќта е ведра и Млечниот пат се чини толку блиску. Таму ќе одам наскоро. ‘Сите ние сме материја од ѕвездите’. Наеднаш се присетувам на зборовите на Делин од сценариото на Џо. Тоа не е толку лошо. Не ми е страв…“

И – навистина – Мира Фурлан останува меѓу ѕвездите. Ѕвезда со вечен сјај. Бескомпромисна, и во животот, и на сцената – во театарот и на филмот.

Не сакајќи да и се повинува на балканската малограѓаншина, безмалку 30 години го живееше својот егзил.

Како и многу важни личности од балканската вукоебина, кои со својата големина му беа достојни на светот. Сето убаво пишуваше во нејзините „Писма од Америка“, кои ги објавуваше „Ферал Трибјун, а подоцна сите беа собрани во книгата „Тотална распродажба“..

Затоа нејзината ѕвезда никогаш нема да згасне, а нејзините улоги во филмовите – вечно ќе треперат.

Како оние вечни пријателства меѓу луѓето. Па, кога еден ќе замине, на некое, по се изгледа подобро место, другиот не сака да му го избрише ниту бројот од мобилниот. Надевајќе се од длабочината на душата на барем уште еден повик…

Најпосле, човекот е жив додека на него некој ќе се сеќава, а празнината која останува по него е голема исто колку што е големо и важно неговото дело.

Какво што беше големо делото на Мира Фурлан…

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.