„Скопски пазар“ во рацете на „Современ дом“ од Прилеп и „ЗСФ ком“ од Скопје. Овие две компании се новите сопственици на „Скопски пазар“ откако успешно презедоа 29,92 отсто од акциите со право на глас. Успешното преземање го потврди и Комисијата за хартии од вредност. Таа на 29 март годинава донесе решение со кое се потврди за успешна заедничката понуда за преземање на друштвото од Современ дом Прилеп, акционерско друштво за производство, трговија и услуги и од ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз, друштво за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги Скопје.

„Скопски пазар“ во рацете на „Современ дом“ од Прилеп и „ЗСФ ком“ од Скопје

Сега тече рокот од 15 дена за жалби по решението, по што ќе се официјализира и преземањето.

Како што е објавено на Македонска берза, двете компании сега поседуваат 77, 44 отсто од акциите во друштвото, односно вкупно 54.934 обични акции од 70.037 обични акции со право на глас издадени од „Скопски пазар“.

„Современ дом“ на Ацо Дудулоски  и „ЗСФ ком“ на Фатмир Етеми по завршување на процесот ќе поседуваат по 27.467 обични акции. Односно по 38,72 отсто од вкупниот број на обични акции издадени од „Скопски пазар“.

Според решението на Комисијата на хартии од вредност понудата за преземање ја прифатиле 9 сопственици на обични акции со право на глас во Скопски пазар кои поседувале 21.224 обични акции.

Во понудата за преземање беше понудена и цена од 6.500 денари по акција.

Најголеми акционери

Двете компании и досега беа најголеми акционери во „Скопски пазар“. Тие лани откупија 22 отсто од акциите кои ги поседуваа дотогашните сопственици на компанијата, семејството Давитковски.

До преземањето на акциите поголем сопственик во „Скопски пазар“ беше и компанијата „Лико-Проект“ која поседуваше 24, 71 отсто од акциите, а остатокот беше на  малите акционери.

„Скопски пазар“ управува со 13 зелени и пазари во Скопје и со еден сточен со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги, располага со деловен простор претежно наменет за издавање со вкупна површина од околу 58.000 квадратни метри.

2020 -со добивка од 107 милиони денари

Според образложението за остварените резултати за 2020 година „Скопски пазар“ АД Скопје  оствари вкупни приходи во износ од  376.335.000 денари. Сума која во споредба со 2019 година бележат незначително намалување од 0,01 процент.

Друштвото во приватна сопственост за услуги во прометот и трговија увоз-извоз Скопје , ланската година оствари нето добивка од 107.113.000 денари.

При тоа вкупните расходи изнесуваат 262.250.000 денари што во споредба со 2019 година е намалување од 24,86 отсто. Инаку,  Друштвото во континуитет реализира стабилни приходи од издавање на деловен простор и недвижности.

Оперативните расходи лани се намалени за 24 отсто. Финансиските расходи се намалени за 35 проценти. Нето добивката за  2020 година е 107.113.000 денари.  Односно, вкупната сеопфатна добивка за  2020 година е 107.152.000 денари.

Главнината и резервите во текот на ланската година се зголемени за 5,43 отсто или 108.150.000 денари.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.