Пред некои си година дена, пред корона-пандемијата, пишувавме за првиот македонски детски-филм „Стела“, чија тематика , меѓу другото, беше булингот, и малтретирае на децата од нивните врсници.

Деновиве на ова тема е актуелна една книга за деца…

Сликовницата „Денеска ти нема да играш“ од шпанската авторка Пилар Серано е насочена кон исклучителна важна тема, односно булингот меѓу учениците.

Истата ќе биде промовирана онлајн на 4 февруари (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.

Станува збор за сликовница во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Модератор на онлајн-промоцијата ќе биде уредничката во „Арс Ламина“, Татјана Димовска – Атанасова, додека соговорник ќе биде психологот Христина Стефановска која ќе даде поширока димензија и конкретни совети врзани со булингот кај децата и учениците што сè повеќе зема замав како во светски рамки, така и кај нас.

„Денеска ти нема да играш“ е приказна за Ана и за нејзините другарчиња од одделението кои се жртви на булинг. Порано одењето на училиште им било забавно, но полека прераснало во кошмар, откако Ема станала дел во класот. Таа е злобна и им заповедува на сите, но особено Ана е главната мета на сите нејзини напади. Ана почнува да се чувствува лошо, има намален апетит и станува сè потивка.

Авторката Серано има работено како учителка и во ова нејзино дело раскажува приказна за тимската работа и за храброста врз основа на нејзините лични искуства со учениците.

Приказната во „Денеска ти нема да играш“ освен што обработува мошне актуелна тема, таа нуди и алатка за справување со булингот кај учениците.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.