Добитник на наградата за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години) „Мостови на Струга“ за 2021 година, што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO, е српскиот поет Владан Кречковиќ.

Според возобновената традиција, оваа одлука беше соопштена во седиштето на УНЕСКО во Париз по повод Светскиот ден на поезијата. Оваа година свечениот настан се одржа во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, јубилеј кој беше вклучен во Календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО. Наградата ќе му биде врачена на лауреатот на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 25 до 30 август.

На конкурсот, што беше отворен до 1 март, пристигнаа 46 стихозбирки, од кои 36 ги задоволуваа формалните критериуми, што укажува на зголемен интерес за оваа престижна награда. Во најтесниот избор на кандидати за добитници на наградата беа: Џерардо Масучо (Италија), Тариро Ндоро (Зимбабве/ Велика Британија) и наградениот автор Владан Кречковиќ.

Владан Кречковиќ е роден во 1988 година во Белград. Дипломирал новинарство и комуникологија на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Белград. Неговата поезија е објавувана во повеќе книжевни списанија, а покрај поезија, тој пишува и проза.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.