„Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед. Очекувањата на оваа кредитна агенција се дека македонската економија годинава ќе се врати на патеката на економски раст и ќе ги надмине шоковите предизвикани од пандемиската криза. Во таа насока за економски раст, „Standard & Poor’s“ ги посочуваат позитивно и:

  • -владините напори во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како и
  • -новиот Закон за буџети, којшто предвидува крупни реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.

„Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед

-Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од ковид-кризата се од исклучително значење, бидејќи тоа е позитивен сигнал за инвеститорите за состојбите и јасен показател за нивната доверба во политиките кои се водат во земјава,“ стои во соопштението.

Од кредитната агенција посочуваат дека по остриот пад во второто тримесечје од 2020 година, економијата до крајот на минатата постепено заздравуваше. Според нив индустриското производство во декември минатата година оствари позитивен резултат за првпат од почетокот на кризата во февруари 2020 година.

Во 2021, раст од 3,6 отсто

Во 2021 година како двигатели на растот, кредитната агенција ги наведува опоравувањето на извозната активност, јавната потрошувачка и приватната потрошувачка. Нивните очекувања се дека годинава растот ќе изнесува 3,6 проценти.

„S&P“ посочува дека Република Северна Македонија е интегрирана во глобалните синџири на добавување, особено во автомобилската индустрија. Опоравувањето на автомобилската индустрија, како и на економиите на нашите најголеми трговски партнери како Германија, ќе придонесат за опоравувањето и на нашата економија.

Се очекува и домашната потрошувачка да го поткрепи растот. Како што наведува кредитната агенција, антикризните мерки кои ги презема Владата во 2020 година помогнаа да се зачуваат работните места и, воедно, дејствуваа како бафер – олеснувач при влијанието на кризата врз економијата.

Значајни инвестиции во инфраструктурата

Агенцијата наведува дека очекува значајни владини инвестиции во инфраструктурата во периодот од 2021 до 2024 година. Пред се подобрување на инфраструктурата во транспортот, здравството и образованието со инвестиции од 3,2 милијарди евра. Сума што би била речиси 30 отсто од проектираното БДП за 2021 година. Исто така, наведуваат и дека Владата презема активности за подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции.

Во однос на буџетскиот дефицит, „Standard & Poor’s“ велат дека очекувањата се дека истиот ќе се намали во 2021 година на 4,9 отсто и дека согласно владините проекции ќе продолжува постепено да се намалува секоја година. Тие ги истакнуваат заложбите на Владата да ја зајакне фискалната рамка, посочувајќи го новиот Закон за буџети кој предвидува воведување на фискални правила и воспоставување на Фискален совет.

Според оцените на Агенцијата, македонската економија има капацитет и простор за соодветно надминување на периодот на неизвесноста предизвикана од пандемијата. Презентирајќи ги своите проекции и видувања за македонската економија, од „Стандард и Пурс“ посочуваат дека евроинтеграцискиот процес може значително да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи. Тоа може да биде основа за подобрување на кредитната оцена на земјата од страна на Агенцијата во наредниот период.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.