Стопанска банка Битола оствари 81,45 милиони денари нето добивка, стои во  Образложението за финансискиот резултат од работењето во 2020 година доставено до Македонска берза.

Стопанска банка а.д. Битола, како што нагласува во образложението, во текот на 2020 година континуирано го приспособува своето работење на новонастанатата ситуација со пандемијата од вирусот ковид-19. Сосотојба која силно влијаеше на целокупниот домашен и глобален економски амбиент.

Стопанска банка Битола оствари 81,45 милиони денари нето добивка

„Задржувајќи го фокусот кон остварување на клучните стратешки цели, Банката дејствуваше пред сè во насока на наплата на дел од нефункционалните побарувања. Додека паралелно продолжи со кредитна поддршка на правните субјекти и домаќинствата. Притоа максимално се залага за безбедност на клиентите при користењето на услугите на Банката, како и за безбедност на вработените на работните места.

Успешното справување со наметнатите предизвици, како и брзата реакција и респонзивноста на кратките рокови за приспособување на активностите во работењето за да се остане на стратешката патека на долг рок, придонесоа за остварувањето на позитивен финансиски резултат за 2020 година.

Стопанска банка Битола оствари 81,45 милиони денари нето добивка, што е значително подобрување во однос на минатогодишниот резултат,“соопштија од Банката.

Финансиски перформанси на Банката

Нето-приходите од камати лани изнесуваат 291,02 милиони денари. И тие се пониски за 8,84  отсто споредено со претходната година, и покрај растот на кредитната активност. А за тоа во најголем дел придонесоа следните фактори:

  • -надолниот тренд на активните каматни стапки на ниво на банкарскиот сектор,
  • -повеќекратното намалување на основната каматна стапка на НБРСМ,
  • -сите останати мерки кои се презедоа во врска со настанатата ситуација.

Со цел да се неутрализира негативниот ефект од новонастанатата ситуација од ковид кризата во извештајниот период, фокусот беше ставен на контрола на расходите по камати. И тие забележаа подинамично намалување од 24,89  отсто, така што се избалансира негативниот ефект, при што нето-приходите од камати се намалија за само 0,25  проценти, акцентираат од Банката

Реализацијата на планот за нето-приходите од камати е реализиран со  87,67 проценти.

Зголемени и нето-приходите и нето-расходите

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 21,67 отсто споредено со претходната година. Притоа приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 17,90  отсто споредено со остварувањето за 2019 година. Тие  го одразуваат растот на провизиите главно во делот на платен промет во земјата и странство. А, исто така и приходите од провизии од картично работење.

Додека расходите за провизии и надоместоци растеа со побавно темпо и бележат зголемување од 9,85  отсто. Остварените нето-приходи од провизии и надоместоци се повисоки од планираните за 11,72  проценти.

Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 20,95 милиони денари и бележат намалување од 3,34  проценти на годишна основа, а реализацијата на планот изнесува 95,22  проценти. Останатите приходи од дејноста се пониски за 33,53 проценти. Тоа се должи на помалку остварени капитални добивки од продажба на преземен имот, како и на пониските приходи по основа на дивиденди.

Исправката на вредноста на финансиските средства е позитивна со износ од 23,00 милиони денари. Тоа се должи на поголемиот износ на ослободена исправка на вредноста од наплатените нефункционални побарувања споредено со издвоената исправка на вредноста според проценките за квалитет на кредитните изложености. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа е негативна и изнесува 4,99 милиони денари.

 Намалени трошоци за вработените 

Трошоците за вработените бележат намалување од 4,85  отсто споредено со претходната година, што главно се должи на раст на продуктивноста и оптимизација на трошоците. Додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 91,91 отсто.

Останатите расходи од дејноста се повисоки за 7,18  проценти.  Главно како резултат на повисоки трошоци за производни и непроизводни услуги. Повисоки материјални и слични трошоци за набавка на заштитни маски, опрема. Потоа повисоки трошоци за хигиена и дезинфекција заради преземање на мерки за заштита на вработените и клиентите од ширењето на вирусот. Планот во оваа позиција е реализиран со 93,87 проценти.

Амортизацијата бележи зголемување од 13,68  отсто на годишна основа одразувајќи ги промените во недвижностите и опремата. Реализацијата на планот во оваа позиција изнесува 88,15  проценти.

Како што стои во образложението од Банката, надолен тренд бележат кај недвижностите и опремата со намалување од 3,96 на годишно ниво. Тоа е резултат на амортизација и продажба на градежни објекти кои повеќе не и се потребни на Банката .

Намалени се и Обврските по кредити за 42,91 отсто споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2019 година. Тоа произлегува од поголемата динамика на враќање средства по основа на кредитни линии, отколку на користењето средства по оваа основа.

Очекувања за претстојниот период

Стопанска Банка а.д. Битола во периодот што следува ги очекуваат првите знаци на економско закрепнување. И понатаму ќе го приспособува своето работење на деловната клима и динамикaта на пазарот. Воедно водејќи прудентна политика првенствено насочена кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.

Интензивно ќе се работи на развој и понуда на производи приспособени на потребите на клиентите – правни и физички лица што беа најпогодени од кризата.

Како една од најзначајните стратешки определби на Банката останува континуираниот развој и усовршување на информативната технологија. Примена на нови Business Intelligence решенија. Потоа дигитализација на продуктите и сервисите на Банката преку развој на дигитални платформи за привлекување и комуникација со клиентите, што е во согласност со стратешките цели на Банката.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.