Teoharov, бренд што со наука, уметност и музика се преточи во Legendary , лимитирана серија на звучници со потписот на Влатко Стефановски. Бренд во чии производи се вградени повеќе од 20 години посветеност, работа, знаење и безкомпромисен инжинеринг на Теохаров.

 

„Музиката е инспирација која ја претвори желбата во страсна потрага по совршена репродукција на звук, преку посветеност на науката и уметноста… актуелизирајќи го нивното обединување во уметничко дело достоинствено да ја свири музиката грациозно таква каква што е.

Во еден поинаков креативен процес, музиката е порив што ги возбудува сите сетила и инспирира ноти…бескрајно време поминато со гитарата… до создавање композиции во кои може бескрајно да се ужива.

Во својата совршена форма, музиката е моќ што ги спојува паралелите во парче уметност што ќе ја напише сопствената историја – Legendary“

Teoharov, бренд што со наука, уметност и музика се преточи во Legendary

Ова се зборовите испишани на каталогот за Легендари, а концептот на Теохаров Аудио е токму така и замислен: -да можат луѓето да го доживеат тој момент на аудиофилската музика, да можат да комуницираат во пријатна атмосфера и да го споделат своето совршено аудио доживување, вели во интервју за Анторис магазин помладиот од дуото Теохаров, Михаил кој е маркетинг и финансиски директор на Теохаров Аудио.

Светска премиера на регионален саем за аудиоопрема

*Теохаров Аудио, односно Веселин и вие во октомври годинава на Too Loud Fest 2021 во Загреб имавте забележителна промоција на звучникот – Legendary, со гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски. Како дојде до соработка, идеја, мотив?

-Идејата произлезе од честите комуникации и разговори меѓу Веселин и Влатко Стефановски. Од тие дружби произлезе концептот за заеднички производ кој ќе го носи потписот на Влатко, но зад којшто ќе стои конструкторско, техничко и инженерско решение на Теохаров.

*Што значи тоа?

-Практично идејата тргна од таму што Влатко опиша каков тип на звучник сака да има дома и визуелно и концепциски. Врз основа на тие инпути тргнавме да го конструираме звучникот – во кој се препознава инженерингот и експертизата на Теохаров, но и звучник во којшто доминираат примеси на тип и боја на звук што сака да ги слуша Влатко.

Идејата е реализирана, заедничкиот проект на активен звучник веќе е реалност.

-Легендари беше презентиран на еден од најголемите регионални  саеми за аудиоопрема. Таму настапивме заедно со Влатко Стефановски кој ни направи и нас огромна чест и ги отсвири првите ноти на овој звучник,, преку изведба на три песни. Мора да признаам дека нашата презентација таму беше централен настан. Се чекаше ред за да се влезе во нашата просторија. Потврда за тоа е и автентичниот наслов:„Македонци украли шоу“ во специјализираното музичко списание „Hi-Files“ каде е опишана нашата презентација на тој фестивал.

На манифестацијата во Загреб учествуваме втор пат. Првпат учествувавме во 2019 година, минатата година се одложи поради короната, не се одржа. Инаку, во Хрватска учествуваме на еден друг мултикултурен настан во Пакрац (пет до шест години по ред) што го организира Божидар Сови кој важи за еден од најголемите аудиофили и дистрибутери на аудиоопрема на овие простори.

По светската премиера во Загреб, а во координација со Оливер Белопета, звучникот го изложивме и овде, во Скопје во рамки на Скопје Џез Фестивал – како експонат. Меѓутоа, вистинскиот впечаток за звучниците може да се почувствува и види директно, во нашето студио. Легендари покрај аудиофилската повеќе има колекционерска вредност, затоа што станува збор за лимитирана серија од 15 примероци која според перформансите се рангира како врвен производ. Во таа насока планираме индивидуални промоции кои ние ќе ги организираме преку покана на селектирани слушатели, но секако остануваме отворени за секој кој ќе изрази желба да се запознае со ова ремек-дело.

Уникатен дизајн со специфични преференци

* Кои се карактеристиките по што Легендари се разликува од досегашните, она што досега сте го правеле?

-Факт е дека и овој звучник ја има основата што ја има Теохаров – апсолутно. Но по нормален тек на настаните кога се создава нешто ново треба да биде и подобро, прво врз основа на развојот и искуството. А, второ во овој звучник се имплементирани, можеби и во светски рамки едни од најреномираните и најдобри драјверски единици кои се значаен инпут во квалитетот.

Teoharov, бренд што со наука, уметност и музика се преточи во Legendary

Друга карактеристика е тоа што тој е изработен од материјали кои ретко кој ги применува. Трета карактеристика е визуелниот изглед. Звучникот симболизира врат од гитара што асоцира на соработката со Влатко. Тој врат и столб се направени од природен македонски орев којшто при обработката е третиран на посебен, специфичен начин.

Куќиштето на самиот звучник е исто така од македонски материјал- патентиран орналит, кој има механички и звучни својства што овозможуваат подобрување кај звукот. Дополнително на звукот влијае и тоа што нема ниту една паралелна страна туку обликот на куќиштето на звучникот е сферен.

Во звучникот покрај физичките карактеристики и материјали кои се со врвна изработка – орев, алуминиум, орналит, драјверски единици, во најголем дел влегува експертизата којашто е вградена во внатрешноста како научна основа. Тука има и мошне интелигентен ДСП контролер (Дигитал сигнал процесинг) и напредна технологија кои овозможуваат во која било соба и по кои било преференци и желби на купувачот, системот да се приспособи на самиот простор. Стандарди кои ја обединуваат музиката, дизајнот и новите технологии, тоа е она што конструкторот Веселин Теохаров го прави.

Има и пасивни звучници, а генерално повеќето се такви. Тоа се звучници на кои им треба пред засилувач (појачало), па засилувач, извор. Кај тие звучници не може да се влијае, го носиш дома и слушаш музика таков како што е од фабрика.

За разлика од него во Легендари и во другите активни звучници кои ги имаме, постои таков тип на ДСП контролер што овозможува интелигентен и напреден начин на претставување и презентација на карактеристиките на звукот, директно ориентирани кон купувачите, што е од големо значење за нас. Станува збор за драјверските единици кои ние ги увезуваме од Данска (од ScanSpeak) којшто го користат исклучително најпознати и најреномирани светски брендови.

Легендари во основа е направен врз база на референтниот звучник на Теохаров и усогласен и надограден со спецификите кои Влатко сакаше да ги има, а кои Веселин ги унапреди.

Врвен перформанс од секој производ- предизвик

*А економска оправданост?

Во основата на нашето делување е квалитетот пред сè. Јас и брат ми Веселин дури секогаш сме во спрега, затоа што јас сум маркетинг и финансиски менаџер, а тој е конструктор и за него единствениот услов и предизвик во ова постоење е да се извади врвен перформанс од секој производ. Економска исплатливост на крајот мора да има, но што се однесува до Легендари, тоа е производ кој има колекционерска вредност и тоа апсолутно ги става во заден план финансиските придобивки.

Инаку, во генералното наше делување, располагаме со различни категории на аудио производи за кои квалитетот повторно е примарен услов и тој врвен перформанс на нашиот бренд Теохаров, може да се долови преку споредба на која било категорија од нашите производи со производ од друг производител од други познати и поскапи брендови.

Имаме прекрасен дизајн, има приказна зад се ова, има многу знаење, многу искуство и апсолутно издржан производ за финансиска исплатливост на која сè уште не сме и дале толкав приоритет. Финален врвен перформанс е сè уште услов кој не води и критериум од кој никогаш нема да отстапиме.

* Како оди процесот, технологијата на производство на звучниците?

-Самиот процес на производство на звучникот е комплетно кај нас, во Теохаров Аудио. Целиот процес е конципиран, дизајниран, конструиран за директно да излезе од нашето студио. Брат ми, Веселин ги исцртува конструкторски по однос на волуменот и дизајн, по потребата на клиентот, по личната замислата за големината на звучникот итн. Најголем дел од процесот го завршуваме сами. Кутијата како завршен финиш е она што е поспецифично за изработка. Но откако ќе го изработиме прототипот, финалната обработка на кутијата за звучникот по комплетно наши критериуми ја изработуваат надворешни фирми со кои соработуваме.

Потоа се продолжува со обработка на CNC алуминиумските плочи. Бидејќи секоја од плочите има различен агол, удлабување, што исто влијае на перформансот, а не само на изгледот. Тие во внатрешноста се точно издлабени колку што треба за соодветно усогласување на секој драјвер, како што крајно треба да функционира.

Релевантноста на она што го конструираме, крајните преференци се потврдуваат со мерење на инструменти во нашата сопствена лабораторија. Таа е опремена со сите можни најсовремени инструменти за мерење, за калибрирање, тестирање техника, коишто овозможуваат вакво ниво на развој. Бидејќи едно е она што го гледаме визуелно и како дело, но сето тоа мора да биде успешно развиено, тестирано и релевантно на она што  се прикажува како конечен производ. Значи не е во прашање само оној субјективен звук, иако во аудиото тој има клучно влијание – секој различно слуша, секој различно перципира, меѓутоа она што треба да се постави како репер и она што треба да биде измерено со релевантни инструменти ние го правиме во нашата лабораторија.  Таа моментно се наоѓа во Аеродром, но за скоро време ќе ја префрлиме овде во Аудио култура во Тафталиџе.

* Колку луѓе сето тоа го работат?

-Тимот брои осум луѓе, интерно. Секако најголемиот дел од контролата поминува низ рацете на главниот инженер, кој е задолжен за квалитетот, но и целокупниот финален перформанс.

Брендот е препознатлив за вљубениците на звукот

 * Колку серии на звучници стојат зад брендот на Теохаров Аудио ?

-Станува збор за четири дефинирани комерцијални серии – сè друго е ориентираност. Првата производна линија ја презентиравме овде во Скопје, во јуни оваа година со конкретно дефинирана линија на звучници и појачала.

Во рамки на звучниците имаме три различни серии и тоа H-type, C-type и Active, а последна линија е лимитираната едиција на звучниот систем Legendary. Нашиот бренд во земјава го користат 50 до 70 консументи кои имаат и лична импресија како го доживуваат и брендот и производот.

Значи во рамките на програмата на Теохаров се пасивни и активни звучници, амплификација –засилувачи и дистрибутер за струја, што исто така влијае на целиот перформанс во еден аудио систем , па дури и струјни и  интерконекциски кабли, кои се исто така целосно наш производ со мерливи и потврдени перформанси .

*Дали сте креирале звучници во соработка со друго музичко име?

-Ова е прв и единствен ваков начин на соработка кој сме го оствариле и не верувам дека ќе целиме кон друг. Можноста да  соработуваме  со Влатко Стефановски беше исклучителна, и како наш идол од детството и како личност која е бренд на Македонија. Факт е дека Македонија има и многу други значајни имиња, но овде, на обострано задоволство се поклопија многу заеднички интереси. Ние не само што израснавме со неговата музика, туку и кога се запознавме во комуникацијата видовме дека гаиме многу слични визии, интереси, стил на живот, перцепција кон многу работи и што е најважно идентични ставови. Врз сонова на сите тие заеднички погледи се создаде Легендари. Со сигурност можам да кажам дека барем во наредните пет години нема да се повтори.

Пасија по совршен звук

*Да се вратиме малку назад. Како започна приказната. Како почнавте да се занимавате со ваков тип на технологија на изработка на звучници. Дали се работи за хоби кое прерасна во професија?

Приказната за ова започна пред 25 години. Ја започна Веселин. Ние по потекло сме од Берово, каде како деца ги минувавме летата. Таму во суштина започна да се плете основата во насока на она што денес професионално го работиме.  Тој составуваше аудио опрема – звучници од обични штици. Секое лето џепарлакот си го трошеше за обезбедување на делови потребни за звучници. Инаку е електроинженер и уште во средното училиште на завршните практични обуки направи некои појачала што подоцна прерасна во константна пасија по совршен звук.

Теохаров Аудио е во склоп на нашата семејна фирма „ТН-ТВ“ со која започна нашиот татко.

 

*Кои се основите за препознатливост, автентичност на звучниците Теохаров?

– Она по што отскокнува Теохаров е настроеноста, насоченоста кон врвен перформанс како основа по која се води во одредена категорија. Не велам дека сме најдобри во светот. Во нашето студио располагаме и со звучници од други светски брендови за да можат консументите транспарентно да се убедат во квалитетот што ние го нудиме. Имаме звучници од  „Focal“ француски призводител со преку 50 години историја зад себе и до него е Теохаров. Разликата во цена е речиси дупла во корист на звучникот на францускиот производител. Но, вљубениците во акустика имаат можност да слушнат иста музика на „Фокал“ и на Теохаров. Увезуваме и дополнителна опрема, пред се за да има и комерцијален момент, но основно и над се е, да можат луѓето тука да направат и споредба меѓу едно и друго.

Практично, Аудио култура функционира како посебна единка од семејната компанија „ТН-ТВ“, каде може да се најде и англиски бренд на грамофони и засилувачи и електроника. Продаваме и плочи. Во принцип џез. Ги увезуваме двете најпознати куќи од Германија, АКТ и ECM. Во основа Аудио култура е седиште каде се продаваат реномирани брендови од музичката индустрија меѓу кои и Теохаров.

„Ова е играчка која луѓето ја сакаат за дома “

* Во вашата кариера со кој тип на звучници најмногу се „намачивте“, потрошивте најмногу енергија и време сакајќи да дојдете до префинетоста на посакуваниот звук?

Ако зборуваме за тоа каде Веселин потрошил најмногу енергија и време, мислам дека тоа не е како индивидуална количина во еден звучник, туку тој константно ја трошеше својата енергија и време на истражување и развој, буквално во претходните 20 години.

Сега е лесно, дури и замислениот проект со Влатко брзо се реализираше затоа што сето тоа веќе е дефинирано во 20-те години непрекинат развој и чепкање, усовршување на аудио-опрема генерално. Не можете да замислите колкав тип на електроника, знаење  и конструкторски инженеринг е посветен во појачалата. Тоа е уште повеќе од звучниците.

Теохаров и светски брендови може да се слушнат на исто место

*Кој е првиот тип на звучник што e искреиран во вашето студио?

-Првиот, односно кутија од звучници, кој секако не е на денешно ниво  е одамна, можеби пред повеќе од 25 години. Нивото и насоката која ја имаме денес, после долги години на развој и истражување, можеби се постигна пред 10-ина години. И ако не се лажам првите звучници се кај мене дома, како поклон од брат ми за свадба.

* Со која динамика се работи. Која е количината на производи од вашата работилница на годишно ниво, ако може така да се каже, и како и каде се презентираат и пласираат ?

Во моментов нај присутни со продажби сме во Македонија. Овде можам да кажам дека имаме многу консументи кои се сериозно запознаени и со светската аудиоопрема, а сепак Теохаров е нивни прв избор. Зборувам за индивидуални избори, но имаме и комерцијални објекти.

Пред се и над се во моментот нудиме опрема која што е за домашна употреба „Ова е играчка која луѓето ја сакаат за дома “.

Имаме сериозна производна програма – вклучувајќи ги засилувачите. На светско ниво многу малку производители имаат толку комплетна програма. Некој произведува само засилуавачи некој само звучници, а ние произведуваме се. Апсолутно поставивме основа преку која можеме и планираме да се ориентираме и надвор од Македонија. Годинава беше предвидено да одиме на седум светски саеми меѓу кои и во Минхен. За жал се беше одложено поради пандемијата, но ќе дојде ред и за тоа.

*Кои се следните планови на Теохаров аудио?

Најпрво е звучникот Легендари, се друго е од прилика заокружена целина и со мислите сме ориентиран понатаму на дополнителни производи.

Teoharov & Stefanovski- Limited edition

Овој наш проект на ова ниво е постигнат и со помош на средствата од ФИТР- како проект за развој и комерцијализација на High End аудиоопрема. Во рамки на тој проект, покрај развојот, во делот на комерцијализација беше маркетингот, присуство на саеми, изработка на современа веб страница, каталози.

Ако се биде како што треба во мај наредната година планираме да присуствуваме на саемот во Минхен, чекор погоре кој би требало да ги отвори вратите кон европскиот и светскиот пазар.

-Имаме капацитет и интелектуален и развоен и технолошки особено со поставените основи и соработници знаеме дека може да се реализира сериозна количина.

Генерално јас сум финансиски и маркетинг менаџер на компанијата „ТН-ТВ“ во чии рамки се и Теохаров Аудио и Аудио култура. Работев во ТН-ТВ и немајќи доволно простор согласно моите капацитети и професионална определеност, бидејќи тоа беше мала фирма насочена кон електроника, а развојната ориентираност кон звучници не беше комерцијален произвд, неколку години работев во Комерцијална банка. Но, од пред две години се посветив на развој на комерцијалниот дел на нашата компанија, во маркетинг активностит, во финансиите и планирање. Додека Веселин комплетно си е ориентиран кон својот сон. Тој е сопственик и конструктор на се. Јас се обидувам комплементарно да делуваме.

Македонка Балдазарска

фотографија: Роберт Спасовски

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.