Традиционалната храна преку „Локален е-женски пазар“ ќе се продава од дома. Ова е една од идеите на производителките од македонското село вградена во програмата на Здружението Рурална коалиција. 

Рурална коалиција веќе седум години работи на разни проекти на полето на унапредување на руралните средини, преку кои директно од терен се обидува недостатоците и барањата на земјоделските производители да ги доближи и отвори  заедно со надлежните институции. Иницираа низа проекти за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини. Реализираа повеќе едукативни и организациски работилници. Помогнаа во заедничкото делување на земјоделците и околу донесување на некои мерки и регулативи во интерес на производителите. Но, најмногу го свртеа вниманието на јавноста со проектот за родова еднаквост на жените од руралната средина.

Колку успеаја во оваа политика, колку ги наметнаа своите ставови и ја охрабрија популацијата од руралната средина да не губи надеж, разговараме со Лилјана Јоноски, извршен директор на Здружението Рурална коалиција.

Традиционалната храна преку „Локален е-женски пазар“ ќе се продава од дома

„Клуч за економски силна рурална заедница“

– Успеавте ли да го наметнете своето влијание и на менталитетот во овие средини и на законодавството?

*Мината година за разлика од другите години за прв пат бевме препознаени по еден друг сегмент од она што го работиме, односно се посветивме најмногу на родовата еднаквост во руралните средини. Една тема која постојано ни се провлекуваше низ годините, меѓутоа никој конкретно не се позанимавал директно со неа. Особено не на нејзината промоција, на самата инклузија на жените од руралната средина во општеството. И пред се на позначајно вклучување на жените од овие средини во нивниот економски дел.

Ние веќе две години работиме на тоа, но 2020 ја сметам за година на родовата еднаквост и во рамките на организацијата, а и пошироко. Тоа се должи на тоа што имавме еден многу успешен проект кој го насловивме: „Клуч за економски силна рурална заедница“. И тоа е така.

Успеавме да изготвиме анализа колку самите жени се запознаени со економските мерки коишто ги има на располагање. Колку тие воопшто се информирани и колку се промовирани мерките не само преку „рурален развој“ туку и преку другите програми- колку за нив има познавање.

Бројките што ги добивме се фрапантни. Односно над 80 проценти од нив воопшто немаа познавање дека постојат вакви мерки. Тоа е едниот сегмент, а другиот е дека сакале ние да признаеме или не, традиционалните бариери се уште се присутни. На локално ниво, според некои процени само околу 10 отсто од жените се сопственици на имот, што е навистина многу малку. Тоа во најголем дел е поради присуството на стереотипите и на традицијата, имотот да го наследуваат машките членови од семејството.

Меѓутоа, благодарение на овој како и активностите од другите проекти се менува свеста кај жените. Барем ние успеавме да ги запознаеме и поттикнеме да учествуваат во планирањето и користењето на мерките што ги имаат на располагање не само околу начинот на обработка и производство на суровините и намирниците туку и за подготовката и пласманот на традиционалната храна.

Дали сте задоволни од резултатите што ги постигнавте. Променивте ли нешто на тоа поле?

* За првпат лани ја имавме мерката 115. Мерка што всушност ја промовираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство насочена само за активни жени, членови на семејните земјоделски стопанства.

И за првпат мерките не се однесуваа само на примарното производство туку многу повеќе и на преработката. На зачувување на традицијата на производството каде жената го има приматот и капацитетот, а така добиваме и на додадена вредност. И таа мерка е насочена токму кон тоа. Мерката помина успешно, иако времето беше кратко за пилотирањето- 400 апликации беа примени согласно податоците од Платежната агенција.

Меѓутоа она што е позначајно е другиот сегмент, а тоа е дека таа мерка, 115 произлезе, но и се доработи од една посебна група, формирана во рамките на самото Министерство под покровителство на УСАИД и што е уште позначајно што во неа учествуваа сите чинители.

Позитивни приказни од женскиот рурален свет

Што значи тоа?

*На почеток таква како што беше донесена мерката – ја оценивме како дискриминаторска. Затоа што предвидуваше ограничувачки критериуми, кои  жените- земјоделки требаше да ги исполнуваат. Како на пример да е мажена, да има деца, да живее на одредена надморска височина и т.н.

Низ таа работна група дискриминаторските елементи се отстранија и мерката доби практичен изглед. Сега на нас останува да го следиме процесот на нејзината имплементација. Дури побаравме тие средства да се распределат за сите 400 апликанти. Затоа што пандемијата ги погоди сите, но жените во руралните средини, најмногу. Голем дел од нив целосно ги изгубија приходите од она што го работат.  Делумно затоа што пазарите беа затворени, а делумно и од стравот да се оди на пазар поради изложеност на зараза. Состојба која негативно влијаеше врз економскиот бенефит и приход на жените. Така што ова може да се смета како една мерка за поттик. Но ние не застануваме тука.

 

Во процес на формирање е нова стратегија за земјоделство за рурален развој. Веќе доставивме и свои предлози како да се вметне дури и на ниво на стратешки приоритет самата родова еднаквост и положбата на жените во руралните средини. Затоа што ако родовата еднаквост ја имате како стратешка позиција, тогаш ќе можат и другите мерки полесно да се програмираат. И на таков начин да се обезбеди поголема поддршка кога станува збор за мерки  А она, што на терен преостанува ние секако и понатаму ќе го работиме.

На што конкретно сега се насочувате?

*И оваа година во рамките на нашата програма и на ниво на стратешки приоритет, е  родовата еднаквост. Така што продолжуваме со процесот на информирање на жените во руралната средина за можностите кои ги имаат, креирањето на нови мерки, кои ќе бидат и во рамките на организацијата заедно со други организации.

Но, ќе дадеме простор и на креирањето на еден друг сегмент- позитивни приказни од жените коишто веќе успеале во руралните средини. Целта е искуството на една жена да биде пренесено на друга, трета и на таков начин да се зголеми тој ефект. Односно да се покаже дека во земјоделството може да се успее. А, може и тоа како.

Традиционалната храна преку нови методи и алатки може директно да се купува од самите производители и производителки

„Локален женски е-пазар“

Каков беше одзивот за програмата, односно каде најбрзо беше прифатена?

*Најдобро одеше таму каде што веќе некои жени реализирале поконкретни активности. Жени кои започнале да работат и привредуваат и кои веќе навлегле во тој процес. И многу интересно што кога ќе се спуштите на локално ниво доволно е да имате една до две жени кои ќе ги водат другите. Едноставно да имате жени лидери. А такви жени, барем една ја има во секое село. И таа е личноста која понатаму ќе може да ги промовира позитивните практики пред останатите.

Иако мора да признаам дека добивме и интересни идеи и предлози од нив. Идеи, кои се надевам наскоро ќе ги реализираме. Тоа е едната страна на проектот што го спроведуваме. Но, од друга страна сакаме да ги прикажеме и потребите и недостатоците со кои се соочуваат жените производители во селото. Како на пример во гостиварско  производството на џем од сливи останува непродадено.

За какви идеи и предлози станува збор?

*Нашите следбенички не само што реално ја отсликуваат проблематиката со која секојдневно се соочуваат, туку предложија и начин како да го пласираат сработеното- традиционалната храна. Токму на ова поле планираме да ја изградиме првата платформа која ја нарековме:  „Локален женски е-пазар“.

Со оглед на ситуацијата и сето она што се случува, промените во секторот и пазарите се неминовни. Тие и според нас и според други анализи нема да бидат како претходно, така што и за традиционалната храна мора да се изнаоѓаат нови можности за нови пазари. Во контекст на тоа ќе ја изработиме токму оваа прва платформа, каде самите жени ќе можат да си ги промовираат своите производи. Односно тие што ќе бидат вклучени на платформата ќе имаат и свои виртуелни тезги. И на самите тезги секој што ќе сака да купи ќе има можност прво да се запознае со самата жена –производителка, со она што го произведува, со традицијата, како успеала да ја произведе традиционалната храна и дури потоа да се одлучи што точно ќе сака да купи.

На таков начин сакаме да ги приближиме и купувачите, потрошувачите до производителите на храната. Затоа што сметаме дека изминативе години таа нишка некако се изгуби. Меѓутоа сега е вистинско време да се вратиме назад со оглед на тоа дека здравата храна ни е најпотребна.

„Продажба од куќен праг“

Што значи тоа за руралното производство. Дали значи директна набавка од производителите без посредници?

*Да. Тоа може да се прави. Во околните земји веќе постои ваков начин на директно снабдување со домашно произведена храна. На пример во Србија и Австрија.

Традиционалната храна преку нови методи и алатки може директно да се купува од самите производители. Но ние ќе почнеме од жените, бидејќи тие се носителки на сите промени во општеството.

Во таа насока во многу ќе ни помогнат и двата нови правилници кои се однесуваат на: „Продажба од куќен праг“. Правилниците ги донесе Министерството за земјоделство со цел да ја олеснат продажбата на традиционалните производи во општеството. Секако производите ќе си имаат соодветни декларации и ќе бидат регистрирани за продажба.

А, за тоа ќе имаат и олеснувања при регистрација, меѓутоа ќе имаат и одредени средства кои ќе ги поддржат во целокупниот тој процес и на регистрација и на олеснета продажба. Додека, нашите активности ќе бидат еден дополнителен сегмент на тоа. Односно ќе може целокупната промоција да си ја направат преку платформата со производителите.

Верувам на тој начин ќе се постигне и задоволителна цена на трудот на земјоделците?

Апсолутно. Бидејќи голем дел од земјоделскиот труд останува ненаплатен. Сега на овој начин има можности за регистарција на самите земјоделци и на стопанствата, но ќе треба да се вложува повеќе на самата промоција на тој труд… Меѓутоа со додадената вредност на самите производи или со традиционалниот аспект произлегува и  можност за поголема конкурентност на пазарите. И така ќе се постигне одржливоста и на едно земјоделско семејство и на самата заедница.

 Кога работиме сите заедно на иста цел- успехот е неминовен

Каква е вашата лична перцепција. Има ли надеж за обновување и подмладување на руралната средина. Дали младите ја гледаат иднината овде?

Ако се фокусираме на тоа имаме прекрасни места, цели села, иако за жал голем дел од нив одумираат. Бројните позитивни примери и практика во последно време или ако сакате во последните две години укажуваат на тоа дека има надеж- дека може да се успее. И тоа, од лична моја перспектива. Затоа што јас по вокација сум правник,  меѓутоа во секторот земјоделство и рурален развој работам 13 години без прекин. Што значи ако се сака се може. Но мора да има еден посконцентриран и еден поинтегриран пристап. И секако, вложувања со заеднички напори, не само од граѓанскиот сектор , не само од самите производители, туку еден интегриран пристап на самата држава и самата заедница. Затоа што кога работиме сите заедно на остварувањето на иста цел- успехот е неминовен.  А, ги имаме искуствата и од околните земји, како на пример една Словенија, каде добро се функционира на локално ниво, дури се многу напред и во делот на паметни села … Значи ако е можно таму, зошто да не биде овде.

На пример која од локалните општини може најпрво да дојде до паметно село- да издвоиме село каде повеќе млади се задржале?

*Конкретно село не би можела да издвојам, но можам да издвојам два региона. Конкретно Струмичкиот, каде што повеќето млади не само што им помагаат на родителите кои работат земјоделство, туку го продолжуваат процесот на земјоделско производство. Тие се веќе модернизирани во тој дел.  И имаат најголема искористеност на  ИПАРД средствата.

И вториот крај е Пелагонискиот регион каде што исто така доста млади луѓе се вклучени во производството. Вложуваат во она што го работат и со самата модернизација веднаш се гледа и олеснува можноста за производство и на традиционалната храна и за нејзино усовршување до финален производ. Тие се најперспективни, што не значи дека и во другите региони нема можност. Доколку инфраструктурно ги уредиме нашите села, верувам дека ќе следи и нивно подмладување.

Децентрализацијата битен момент за развојот 

Каде се насочени идните активности?

*Пред се на дигитализација на земјоделството и на самите земјоделци како граѓани. И секако проблемот  со процесот на децентрализација што долги години се влече наназад. Тој и понатаму мора да се спроведува и особено политиката за рамномерен регионален развој која последниве години заостана…Моментот е сега. Затоа што има Нова стратегија за рамномерен регионален развој. Се формира и нова Програма за одржлив регионален развој. Овие работи ми се познати затоа што ние како Рурална коалиција сме вклучени во работните групи. Така што мислам дека е вистинско време да започне да функционира децентрализацијата што е еден и од основните критериуми и за претпристапните ЕУ преговори.

 

Традиционалната храна преку „Локален е-женски пазар“ ќе се продава од дома

И што е најважно, засега сме на добар пат, таа децентрализација да се спроведува и да повлече поголем дел од младата популација назад кон селото. Има и доста мерки… насочени за млади земјоделци, како на пример, 10 000 до 20 000 евра за почетници, што е солидна основа за почеток.

Затоа слободно можам да им порачам на младите дека од земјоделство може да се живее солидно и културно. Во секое село младите се тие што ги носат промените, самите иновации или технологии со новите знаења. Тоа е она што е потребно и со малку повеќе вложување може да се живее од земјоделство.

Ако важиме за рурална земја како што не прогласуваат, тогаш мора и да вложуваме во руралните средини. А, како поинаку ако не преку младите коишто ќе го носат развојот на самите заедници.

Фокусот целокупно ќе го ставиме на квалитетот на живот во руралните средини. Што значи подобрување и на економските и на социјалните услови и заедно со општините и на инфраструктурата.

М.Балдазарска

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.