Три милиони денари за млади истражувачи, е новиот јавен повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти“. Целта на проектот е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Предизвикот се спроведува по четврти пат и е дел од концептот кој го развива ФИТР – “Фонд за млади умови”.

Три милиони денари за млади истражувачи

Истражуваме- зелени проекти

Една од целите на современите образовни системи е да ги поттикне учениците слободно да размислуваат. Да наоѓаат креативни решенија за проблемите и прашањата со кои се соочуваат. Истовремено е важно да се негува детската љубопитност за осознавање на светот на начин кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини. Целта е да се поттикнат и наставниците и учениците да ги препознаат своите способности. Да ги усовршуваат своите вештини и да соработуваат во насока на остварување на заеднички цели. Само така ќе можеме да израснеме генерации кои ќе го унапредат начинот на кој размислуваме, начинот на кој ги практикуваме секојдневните активности и меѓусебно комуницираме.

Зачувувањето и унапредувањето на животната средина е еден од основните приоритети како на глобално ниво, така и на национално ниво, а воедно и една од темите кои се најчесто застапени во досегашните истражувачки проекти. Инаку досега преку трите објавени повици биле поддржани 90 училишни проекти во кои учествувале повеќе од 500 ученици и наставници од целата држава.

Какви истражувачки проекти ?

Истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се заснова на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување.  Резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.

Времетраењето на истражувачкиот проект не треба да надминува 12 (дванаесет) месеци.

Предложените истражувачки проекти треба да бидат комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

Предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати, како што се на пример: истражувачки есеј, изработка на проектна задача, изработка на прототип, аудио-визуелен материјал, дигитален материјал и слично. Посебно се охрабруваат проекти чии резултати ќе произведат дигитален материјал кој може да биде користен за реплицирање на слични проекти од страна на останатите училишта.

Проектните активности можат да вклучуваат модел на далечински активности. Активности спроведени индивидуално од учениците во домашна средина. Потоа, хибриден модел на далечински активности во комбинација со физичко присуство. И секако активности во мали групи, како и активности со физичко присуство кои се во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.

Награди

Предлог проектите кои ќе пристигнат во рамки на јавниот повик “Предизвик за млади истражувачи – зелени проекти” ќе се оценуваат според:

  • -квалитетот на проектот,
  • -применливост на резултатите од истражувањето,
  • -усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик и
  • -капацитет на проектниот тим.

Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 3.000.000 (три милиони) денари. Ќе бидат доделени награди во вид на грант во две категории:

  •  Истражувачки проекти во основното образование
  •  Истражувачки проекти во средното образование

Буџетот на поединечен предлог проект може да биде минимум 100.000 денари и не може да надминува 200.000 денари.

Средствата ќе бидат исплатени авансно, во две рати. Првата рата од половина од вкупниот буџет на проектот ќе биде исплатена по потпишување на Договорот за доделување на награда. Втората рата ќе биде исплатена  во зависност од динамиката на трошење на средствата. Односно, откако ќе бидат потрошени минимум 80 отсто од првата исплата.

Сите членови на тимовите од предселектираните предлог-проекти ќе  добијат сертификати за учество во предизвикот.

Опремата набавена со средствата доделени за спроведување на проектот ќе остане во сопственост на училиштата – добитници на наградите.

Грантот ќе вклучува и награда во износ од 30.000 денари по наставничка/наставник за успешно спроведениот проект за наставниците и наставничките кои ќе ги предводат наградените проекти, а овие средства ќе може да се искористат за набавка на: персонален компјутер, таблет, печатач и/или друг тип на ситна дигитална опрема применлива во наставниот процес. Пријавувањето на Предизвикот за млади истражувачки и истражувачи трае до 20.04.2021 година.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.