ТТК Банка АД Скопје во позитива со 1,5 милиони евра во 2020 година. Таа ги реализира своите добро димензионирани стратешки цели и со успех ја потврди отпорноста на бројните негативни влијанија и предизвици врз економијата што ги наметна појавата на светската пандемија и оствари забележителни позитивни резултати, бруто-добивка за 2020 година од 100,9 милиони денари, а по одбивање на данокот на добивка и нето добивка од 90,6 милиони денари( 1,5 милиони евра), е заклучок на Надзорниот одбор на Банката.

ТТК Банка АД Скопје во позитива со 1,5 милиони евра во 2020

-Структурално гледано, остварениот позитивен финансиски резултат во 2020 година е со квалитет кој ја зацврстува стабилностa на Банката и перспективата за здрав раст во наредниот период. Резултат произлегува од ефектите од редовните приходи на Банката и е значително подобар од оној што менаџментот на Банката го предвидуваше со финансискиот план на почетокот на здравствената криза,“ стои во Коментарот за финансиските резултати објавен на Македонскиот пазар на капитал.

Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нетооперативен приход, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 462,7 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 332,6 милиони денари.

Финансиски остварувања на Банката

Нето-приходите од камати – и понатаму остануваат основна компонента во формирањето на вкупниот оперативен приход на Банката со учество од 58,2 отсто. Остварените нето-приходи од камати во 2020 година  бележат благ пораст од 0,4 отсто и изнесуваат 269,3 милиони денари. Пред сẻ како резултат на континуираното кредитирање кон секторот домаќинства. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 96,4  отсто од Финансискиот план.

Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 147,7 милиони денари. Тие се повисоки за шест отсто во однос на минатата година. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизија има платниот промет во земјата, како и приходите од провизии од финансиската активност – кредитирање. Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги ги надминуваат планираните за овој период за 5,9 отсто.

Нето-приходите од тргување изнесуваат – 5,2 милиони денари и во однос на минатата година бележат значајно намалување за 21,8 милиони денари како резултат на падот на пазарната цена на сите акции од портфолиото за тргување. Во однос на планираните, остварените нетоприходи од тргување за овој период се пониски за 4,1 милиони денари.

Нето-приходите од курсни разлики се поголеми за 18 отсто. Тие изнесуваат 9,5 милиони денари и се остварени со 114,7  отсто од планираните за овој период.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 41,2 милиони денари и се остварени со 58,3  проценти од планираните за овој период.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 332,6 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 1,6 отсто. Растот во најголем дел е резултат на повисоки трошоци за плати, како и материјални трошоци и административни трошоци. Остварувањето е на ниво на планот за 2020 година.

Обврските по кредити во однос на декември 2019 година бележат намалување за 50,9 % главно како резултат на вратени краткорочни позајмици од пазар на пари и отплата на обврските по кредити.

  Очекувања за претстојниот период

Неизвесноста и ризиците што ги носи здравствената криза врз економијата и натаму се присутни и во вакви услови, засега, вниманието на ТТК Банка АД Скопје е насочено кон намалување на можните негативните ефекти. Фокусот на Банката е насочен кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност. Растот на кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и зголемената побарувачка за кредити. Креирањето одржливи и ефикасни процеси, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на нови производи прилагодени на потребите на клиентите, натамошниот развој на дигитализација на процесите, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за оваа 2021 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.