УНИБанка ја заврши 2020 година со добивка од шест милиони евра. – УНИБанка во 2020 година, делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот ревидиран бизнис план за 2020 година. Клучна цел беше остварување на профит и раст согласно бизнис целите преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, притоа водејќи сметка за потребите и интересите на клиентите на банката. Вака, УНИБанка го запиочнува образложението за остварените финансиски резултати  за период 01.01-31.12.2020 година, доставено до Македонска берза.

УНИБанка ја заврши 2020 година со добивка од шест милиони евра

Вкупните приходи поголеми за 5,1 процент

Универзална Инвестициона Банка АД Скопје лани остварени вкупни приходи од работење во износ од 1.619,6 милиони денари. Приходите во однос на минатата година бележат пораст од 5,1 процент.

Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 374 милиони денари (6,081 милиони евра) имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 69,2 проценти имаат приходи од камати. Тие во споредба со 2019 година се зголемени за 4,8 отсто. Овој резултат се препишува на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 2019 се зголеми за 2,2 отсто, достигнувајќи ниво од 16,7 милијарди денари.

Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население. Токму во овој сегмент, приходи од камати на населението е остварен годишен пораст од 5,4 проценти.

Зголемувањето на вкупните приходи се должи и на порастот на приходите на провизии од 7,4 проценти. Тоа пред се е резултат на растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти.

Забележително намалување на трошоците

Остварените расходи во 2020 година се заокружени на сума од 1.245,8 милиони денари. Овој износ е намален за 3,3 отсто во однос на 2019 година. Придонес во намалувањето на расходите на банката имаат расходите од камати, дел од административните расходи како и помалиот износ на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

 Планираното – 97 процентно исполнето

Податоците за остварување на билансните цели на банката се на нивото на ревидираните очекувања за 2020 година. Банката заклучно со последниот квартал од 2020 година бележи пораст од 4,6 проценти на кредитирањето на секторот население во однос на декември 2019.

Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба за 2020 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на 97 процентно исполнување на таргетираните извори на финансирање од секторот население. Тие се зголемени за 5,9 проценти во однос на 2019 година. Додека прибраните средства од финансискиот сектор бележат намалување од 5,6 отсто и се под таргетираното ниво за 2020 година.

Светската пандемија предизвикана од COVID 19 имаше силни економски последици врз глобалната економија, а следствено на тоа и врз македонската економија.

Очекувања за претстојниот период

Својата активност во 2020 година, Банката ја остваруваше во значително изменети макроекономски услови во однос на првичните проекциите на раст на домашната економија предвидени со финансискиот план за 2020 година.

Неизвесноста за времетраење на пандемијата и покрај оптимистичките најави за вакцинација продолжува и во 2021 година, во која се очекува да се чувствуваат продолжените ефекти кои и понатаму претставуваат голем ризик за опоравување на светската, а аналогно на тоа и на македонската економија, бидејќи долгорочната примена на мерките за социјално дистанцирање ќе влијаат на приходите и потрошувачката на домаќинствата.

Во фокусот на Банката и во 2021 година ќе биде одржувањето и зголемување на пазарниот удел по различни сегменти во банкарскиот сектор на Република Македонија во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста.

Како и досега, Банката интензивно ќе работи на развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење. Исто така и на дигитализација и постојаниот технолошки развој кој особено дојде до израз во периодот на здравствено економската криза, а се со цел да излеземе во пресрет на различните потреби на клиентите.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.