Филхармонија ја претставува електро-акустичната симфониска поема „Скопје“
Малку светлина и во деновите на високиот напон. Вечерва (18-ти март) Оркестарот на Филхармонијата во 19 часот ќе одржи концерт со наслов „Музиката и градот“ на кој праизведба ќе има електро-акустичната симфониска поема „Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска.
– Идејата за симфониска поема што ја обработува темата Скопје, ми се наметна поради постојаниот недостиг на дела за градот Скопје. Освен „Рапсодија за Скопје“ на маестро Александар Џамбазов и неколку песни од поп-сцената, музика за пообемни ансамбли, посебно од областа на сериозната музика, речиси, и да нема. Конкурирав на конкурсот на Министерството за култура и композицијата Електроакустична симфониска поема „Скопје“ влезе во годишната програма за 2020 година – изјави неодамна за „Културен печат“ Ана Пандевска.
На програмата се и „Фантазија за обоа и оркестар на фолк тема“ од Васил Атанасов В’чев (кој ќе настапи и како солист на обоа), „Адаџето“ од Малер и „Роденденот на една инфантка“ од Шрекер.
Диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија.