Вложувањата во крипто – валути се ризични, информираат од Народна банка на Македонија.

„Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања. Ова е одговорот од НБРМ за едно од најчесто поставуваните прашања за тргување со криптовалути.

Вложувањата во крипто – валути се ризични

Имено, поради се поголемиот интерес за вложувања во иновативни инструменти со цел за брзо оплодување на средствата во фокус на јавноста се дигиталните валути. Дотолку повеќе што доаѓаат ветувачки информации од светските пазари, каде деновиве најголемата светска криптовалута – Биткоин достигна нов рекорд и ја надмина пазарната капитализација од 900 милијарди американски долари (прв пат во историјата).

И не само тоа, издавањето и тргувањето со дигиталните валути се во фаза на разгледување и на повеќе земји. Европската централна банка и Банката на Јапонија неодамна соопштија дека размислуваат за издавање дигитална валута. Во Јапонија, дигиталниот јен треба да се тестира на пролет, а за сега нема индикации кога еврото би можело да го добие својот дигитален пандан.

Инаку во светот постојат 740 дигитални валути, а во Македонија се познати  неколку меѓу кои Bitcoin, OneCoin, Swisscoin. Според истражувањата на одредени платформи за тргување со крипто- валута, во нашата земја има повеќе од 10 000 луѓе кои поседуваат и тргуваат со првата дигитална валута, биткоин.

Имајќи ја во предвид актуелната состојба, која се повеќе се распламти со пласирање на популистички инфорации за тргувањата на светските пазари, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата.

Препораки од НБРМ за дигиталните валути

Народната банка, соопшти дека постојано ги разгледува релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Имајќи ја предвид и актуелноста на оваа тема на глобално ниво, во изминатиот период, тимот на Портата за иновации на Народната банка се осврна и на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Секако се цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата.

Денес, на својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите се достапни на следнава врска: Прашања и одговори за крипто-средствата

Општо земено, Народната банка ѝ укажува на јавноста дека:

  • Како и во други земји, така и кај нас, нема општо прифатена дефиниција за крипто-средствата. Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.
  • Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот.
  • Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата.
  • Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања.

Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.

Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.

Воспоставување на официјални стандарди за регулирање и издавање дигитални валути од страна на централните банки

И стабилкоинот во фаза на употреба?

Да потсетиме дека во октомври минатата година Меѓународните финансиски институции (ММФ) и 20-те најголеми економии во светот (Г20) се изјаснија за воспоставување на официјални стандарди за регулирање и издавање дигитални валути од страна на централните банки.

Според нив до крајот на 2022 година, треба да се воспостави регулаторна рамка за „стабилкоин“. Ваквото решение следеше по веста дека Кина им поделила дигитален јуан на граѓаните на Шенжен за да го тестира нивното функционирање. Во извештајот составен од министрите за финансии и гувернери на централни банки од 19 земји и Европската унија (Г20), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Банката за меѓународни порамнувања (БИС) се наведува: стабилкоинот треба да биде заменлив со постојните форми на пари, да потсетува на готовината во едноставната употреба, но исто така и дека неговата употреба не создава трошоци или тие се мали.

– Идејата за лансирање на дигитално евро е објавена и во коминикето на гувернерот на Европската централна банка Кристин Лагард. Таа  при тоа нагласи:„Мора да бидеме подготвени да издадеме дигитално евро ако е потребно“.

Во коминикето се нагласува дека ова во никој случај не значи крај на хартиени банкноти и монети. Серија тестови за дигиталното евро  се очекува да бидат спроведени годинава. Како што е наведено во коминикето- дигиталното евро ќе биде електронска форма на валута на централната банка. Таа, како банкнотите, „ќе им овозможи на сите – и на домаќинствата и на компаниите – да вршат дневни плаќања брзо, лесно и со целосна безбедност“.

 

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.