За прв пат во историјата, жена на чело на СТО. Светската трговска организација ja назначи Нгози Окоњо-Ивеала за новa генералнa директорка. Светската трговска организација (СТО) денеска ја назначи за нов генерален директор на институцијата, д-р Нгози Окоњо-Ивеала од Нигерија. За првпат во постоењето на СТО на чело е жена, и уште  Африканка.

За прв пат во историјата, жена на чело на СТО

Окоњо-Ивеала е првата жена и прва Африканка на чело на глобалната трговска организација, со што СТО испиша нова страница во својата историја која датира од 1995 година, објави на својата интернет страница оваа светска организација. Таа е именувана на оваа функција откако противничкиот кандидат , јужнокорејскиот министер за трговија Јо Мијунг- хе се повлече од трката.

Окоњо-Ивеала  функцијата ја презема на 1. март, а мандатот ќе и трае до август 2025 година.  Таа за функцијата доби широка поддршка од членките на СТО, вклучувајќи ја поддршката од ЕУ, Кина, Јапонија и Австралија.

Жената која ја спаси осакатената економија на Нигерија

Таа е економистка и поранешна министерка за финансии на Нигерија. На таа функција била дури двапати, а кратко работела и како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа била првата жена во Нигерија која била на двете позиции. Нигеријците ја сметаат Окоњо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја.

Инаку ова Нигеријка е експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус. Искуство кое го собрала во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.

Окоњо-Ивеала поминала 25 години како економист за развој во Светска банка. Но, брзо ја поминала скалата до извршен директор за операции, потесетува германската агенција ДПА.

Таа беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања. И тоа, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза. Период во кој генерира повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Окоњо-Ивеала се стекнала со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976). Дипломирала со високи почести -Magna Cum Laude. Додека, докторат одбранила на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ). Покрај тоа има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.

Ќе ја оживее ли СТО?

Окоњо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија.

Транспаренси Интернешнл ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година.  Додека списанието „Fortune” ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година. Окоњо-Ивеала која има 66 години е омажена, и има четири деца и три внуци.

СТО, која има 164 земји-членки, остана без лидер откако Бразилецот Роберто Азеведо се повлече од функцијата една година пред истекот на мандатот, и поднесе оставка на почетокот на август 2020 година.

Поддржувачите на Окоњо-Ивеала се надеваат дека ќе може да ја оживее оваа институција, која минува низ најголемата криза во својата 26-годишна историја, поради дијаметрално спротивставените позиции меѓу членовите кои не можат да се договорат за трговски договори и програма за реформи.

Таа посочи дека е потребна силна Светска трговска организација за да се помогне во борбата против економските влијанија на пандемијата на коронавирусите.

„Со нетрпение очекувам да работам со членовите за обликување и спроведување на одговорите и акциите што ни се потребни за повторно воспоставување на глобалната економија. „Нашата организација се соочува со многу предизвици, но заедно можеме да го направиме СТО посилно, поагилно и поприлагодливо на денешните предизвици“, рече Окоњо-Ивеала.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.