Женското лидерство-еволуција на женскиот код. Промоција, омасовување и поттикнување на женското лидерство во бизнисот- е главната мисија на Асоцијацијата на жени менаџери на Македонија, ЕЛИТ.

Македонија како и целиот свет има 50 отсто женска популација. И како ресурс женскиот потенцијал не е искористен како и секаде во светот.

-Би цитирала еден куп луѓе, вели нашата соговорничка Ленка Угриновска претседател на ЕЛИТ, -но сепак би се задржала на Хилари Клинтон која постојано се бори за родовата еднаквост на жената и секогаш вели: „Борбата на жената за правата е исто како борба за човекови права. Најголемиот неискористен талент на планетата е токму жената.“

Токму овој цитат ми е појдовна мисла и сметам дека нашето здружение токму тоа го работи. Нашата желба е да бидеме еден нов ветар кој ќе создаде критична маса да може жената конечно да го најде своето место во македонската економија.

Женското лидерство-еволуција на женскиот код

 Надминување на секторската сегрегација

Кога говориме за родова еднаквост, каква е состојбата со работниот ангажман на женската популација во нашава земја. Какви се вашите сознанија?

-Во Македонија постои родова нееднаквост. Во Македонија најголема родова нееднаквост покрај жените во руралната средина (60 до 70 отсто невработеност) се жените во текстилната индустрија како најранлива група, жените Ромки и жените со попреченост. Тоа се најкритичните категории каде постои родова нееднаквост, иако законската регулатива дава можности: Устав, Закон за родова еднаквост; Закон за дискриминација; Изборниот Закон; Закон за работни односи.

Сите тие даваат можности за еднаквост на жената во општеството, меѓутоа нема мерки и начини тоа да се регулира и да се имплементира. Во тој дел се манифестира голема слабост. Едноставно нема санкции за тие што не го почитуваат законот. И токму ние се бориме за тоа, да се надмине тој стаклен плафон, жените да се најдат во позиција кај што има секторска сегрегација-поделеност. Односно во сектори каде порано исклучиво биле мажи.

Значи имаме секторска сегрегација. Жената е најмногу ангажирана во образованието, социјалните структури, здравството… Но мажите се во машинската индустрија, финансискиот сектор, во ИТ индустријата. Едноставно во поплатени сектори. Жената во Македонија не само што факултетски е по образована (за 10 проценти), туку има и повисоки степени на образование  –магистри и  докторати. Но, и покрај тоа и на исти позиции, таа има помала плата. Просекот покажува дека има разлика меѓу платите на мажите и жените во државата за иста позиција за околу 18  проценти.

Кога говориме за претприемништвото, жената во Македонија е 30 проценти сопственик на мали бизниси, каде има над 50 проценти основачка структура.

Инаку би напоменала дека жената во бизнисот е застапена, но не и на раководни позиции. Нашата мисија е барем 40  проценти жени да бидат на раководни позиции. Во таа насока реализиравме и три проекти. Едниот и со самофинансирање: Женско лидерство во бизнисот. Значи организираме трибини со еминентни професионалци од областа на финансии, здравството, успешни лица од областа на финансиите. За да успее жената мора да биде здрава и сигурна во себе, да има алатки да се осознае. Да ја подигне свеста за својата независност. Бидејќи токму од тие причини некогаш жените не успеваат.

Стртап база на жени –лидерки

Асоцијацијата на жени менаџери на Македонија, ЕЛИТ  ја раситни втората деценија од своето постоење. Успеавте ли преку бројните трибини да го зајакнете економскиот потенцијал на жените, да го осознаат и согледаат својот потенцијал, да се охрабрат, да се мотивираат. Се постигна ли тој бран на усогласување во бизнисот….?

Трибините за женско лидерство се точно тоа да ги мотивираме жените да ја отпочнат својата успешна приказна, својот бизнис во присуство на професионалци од таа сфера. Да не речам како тренери за личен развој. Токму и името на нашата асоцијација, ЕЛИТ е акроним составен од следните мотивирачки зборови: енергични, лидерки, иновативни, транспарентни во бизнисот.

Работевме на два европски проекти. Првиот е за зголемување на бројот на жените на раководни позиции. И од тој проект осознавме дека има сенс кај раководните структури дека жената треба да биде повеќе застапена. Бидејќи на тој начин и самите фирми се поконкурентни, се општествено поодговорни и имаат социјално запазена правда.

Вториот проект  се заснова на креирањето на „стартап база на жени –лидерки“, жени за одговорни позиции. И преку неа осознавме и нешто повеќе за жените на раководни позиции.

Платформата веќе постои, ја креиравме пред да започне да се шири короната. За тоа ни помогна особено Македонската банкарска асоцијација. И посебно го истраживме банкарскиот сектор, сите фирми. Всушност, тоа е сектор каде што расне бројот на жените не само на раководни позиции туку и во управувачките структури во земјава.

Пред неколку години тој коефициент се движеше некаде до 23 проценти во одредени сфери, а сега е 28,7 отсто.  Меѓутоа, жената е многу малку застапена во управните структури на управните обори. Таа е таму присутна, но не е на чело, не е на главните функции. Исто како во политиката. Секогаш се во вториот ешалон. Ги има на бројка, но во пониските редови. Практично од овој проект осознавме дека постои расположение да се зголемува квотата на застапеност на жените во овие органи, да се приближува кон препорачаниот европски просек од 40 отсто во овие редови. Започнавме и медиумска промоција но поради актуелната состојба сега се мирува.

 Kвоти за жени на раководни позиции

Која е вашата цел токму во овој сегмент?

Нашата главна цел како здружение е да можеме заедно со другите невладини организации,  здруженија и трите стопанските комори во Македонија и со владата да дадеме – односно да креираме барање за системско решение.  Да се воспостават квоти за жени на раководни позиции. Бидејќи нема друго решение да се одземе приматот на мажите. ЕУ нема таква директива, меѓутоа имаше препорака со која до 2020 година требаше на раководни позиции во управувачките структури во бизнисот да бидат 40  проценти жени.

Квотите се крајната цел, иако тоа не е најдобро решение во бизнисот. Односно за да дојдеме до 40  проценти да бидат жени на раководни позиции во управувачката структура во компаниите, неминовно е законско решение. ЕЛИТ бара место каде би можело да се вметне оваа препорака. Засега таква можност има само во Законот за работни односи во делот на управувањето.

Овие можности ги разгледувавме пред пандемијата со Министерството за економија. Прво ни беше фазата на поттикнување, омасовување, па промоција. Сега сме во фаза на системско решавање преку квотите жените да дојдат до што поголем број на раководни позиции. Се надевам дека тоа ќе се случи. Дека ќе успееме да ја реализираме главната мисија на ЕЛИТ.

Ова е век на умот, а не на силата

Задоволни ли сте од тоа што досега го реализиравте?

Да, но треба уште да се работи. Често меѓу себе, членките во здружението зборуваме токму за тоа. За да може тоа да го реализираме треба секој да почне од себе – да направиме една еволуција во нашиот код, во нашата свест дека ние можеме да сме умни. И така ова е век на умот, а не на силата.

Женското лидерство-еволуција на женскиот код, би требало да ни биде водилка за да си ги истакнеме нашите потенцијали. Жените во основа се плашат, не се сигурни. Да ги надминеме тие физички недоследности и да бидеме брутално јаки, силни да ги истуркаме сите тие стереотипи и предрасуди, менталитет, социолошко-култоролошки  и етнички разлики. Сето тоа треба да го истуркаме самите ние во себе. А после тоа откако самите ние се надградиме да ги надминеме тие бариери, тогаш треба државата да воведе системски мерки и ќе се третира баш како родова еднаквост. Затоа што ние имаме и родова нееднаквост во семејството.

Жените многу често се откажуваат од раководни позиции заради чувството да бидат добра домаќинка, сопруга, и во овие услови на корона жената треба да си го најде своето место во економијата. Токму затоа сакавме да направиме некои бизнис обуки.

Нашата крајна цел е донесување системски мерки за зголемување на бројот на жените на одлучувачки функции во приватниот, а подоцна и во јавниот сектор со што жената ќе биде значаен фактор за економскиот развој во земјата. На тој начин, родовиот баланс во економското одлучување ќе придонесе не само за социјалната правда туку и за конкурентноста на компаниите.

Женското лидерство-еволуција на женскиот код

Платформа на жени на одлучувачки позиции

Колку со вашите проекти придонесовте за зголемувањето на бројот на жените на одлучувачки функции?

Двата проекти што ги добивме од Министерство за економија се однесуваат точно за жените на раководни позиции и на социјално запазена структура. Јавно ја презентиравме анализата, Извештајот од Проектот и Платформата на жени на одлучувачки позиции.

Врз основа на овие проекти ја постигнавме нашата цел. Ја креиравме првата Платформа на жени на одлучувачки позиции како алатка за вмрежување на жените на управувачки структури во претпријатијата и жените претприемачи.

Развивме модел со препораки за вклучување на жените во процесот на донесување одлуки, нивната застапеност во управувачките и менаџерските структури на претпријатијата, како и поттикнување на женското претприемаштво. Таа е објавена на нашата веб страна и постојано ќе се надградува.

Во соработка со клубот на пратеници, со комисијата за родова еднаквост, како и со Бизнис жените од Србија, од Босна и од Малме Шведска (со која организиравме неколку настани) и со кои потпишавме меморандуми за соработка има интенција за балкански настан. Настан со фокус на теми за:  условите за работа; скратување на работното време;  социјална политика и повеќе слични теми каде во центар е жената.

Посакувам сите жени да се охрабрат. Без страв да ги започнат своите бизниси. Да бидат храбри да ги реализираат своите идеи самоуверено… Да го менуваме својот код да не си ги потценуваме вредностите, да го користиме умот за да ја почнеме и реализираме приказната. Женското лидерство-еволуција на женскиот код.

ЕЛИТ- енергични, лидерки, иновативни, транспарентни во бизнисот

ЕЛИТ– Здружението ЕЛИТ постои од 2009 година. Нашата главна мисија е да го поттикнеме, омасовиме и го промовираме  женското лидерство во бизнисот

Самото членство е по пат на менторство. Здружението има 50 членки пред се жени лидерки, а основано е од 15. Сега има и почесни членки . Секоја жена членка кај нас е инспирација за друга жена. Жена која ќе поттикне бизнис, претприемништво и сл.  За нас не е важен квантитетот туку квалитетот. Дека таа членка може да биде мотиватор за други. Имаме жени кои од кај нас добиле дипломи како членки на здруженија за менторство.

 

Женското лидерство-еволуција на женскиот код

Самото здружение е формирано на пријателска основа. Идејата за едно вакво здружение произлезе  од мојата професионална работа додека работев во Министерство за економија. Во тој период организирав еден бизнис форум на жени претприемачи во Малме. Од тоа произлезе  дружбата со повеќето денешни членки. Ние се дружевме подолг период (пет до шест години) и од тоа подоцна произлезе  здружението.

Инаку додека бев промотор во Агенција за инвестиции и промоција на извозот при Министерството за економија на Македонија организирав преку 100 бизнис форуми во светот. Но со овие жени некако ни се совпадна енергијата, продолживме да се дружиме и ја формиравме нашата асоцијација. Токму од таа причина – нешто да направиме за економијата во земјата.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.