Веднаш по смртта на Тито, место да започнат со поделби и национализми, Југославија ја поврзуваше жедта за креативност, живот и слобода. Беше возбудливо!

Се случува еден несекојдневен дискографски преседан во регионот – Новиот вал, реизданијата на култните албуми „Пакет Аранжман“, „Шарло Акробата“, „Електрични оргазам“ и „Хаустор“, кои за 22-ри јануари ги најави „Croatia Records“, се распродадени и пред да бидат објавени. Се е sold out. Се чека нов тираж!

Колку и да звучи чудно, колку и да музичкиот бизнис заминува во историја, некои вредности се вечни.

За утеха, го има шесткратниот CD бокс-сет, со 100 оригинални снимки Нови вал, кој претставува сериозен пресек на една младост во Југославија. Животот е, сепак, нови вал…

Што толку го прави Новиот бран/ Нови вал/ Нови талас, толку посебен, па и денес, по цели 40 години, звучи свежо и моќно?

Тоа е тајната формула, која никој не ја знае.

Некои од главните протагонисти на Новиот бран одамна не се на сцената. Рамбо добро кажа – некои заминаа надвор, некои кон небото. Џони Штулиќ во Холандија, Милан Младеновиќ и Ивица Вдовиќ од „Шарло Акробата“ не се меѓу живите, Која е во тешка здравствена состојба, а со Влада Дивљан замина и магијата на „Идоли“…

„Казалиште“ заминаа во друг правец, „Хаустор“ се растурија. „Оргазам“ и понатаму врват.
За среќа…

Сепак – ништо не е како порано. Но, трагата дефинитивно остана.

Носталгијата притиска како висок притисок…

Еве што на тема: Новиот бран, 40 години подоцна, рекоа некои важни новинари, музичари, современици на ова неповторливо музичко и животно движење…

Петар Јањатовиќ (рок-критичар): Мене новиот бран многу зло ми донесе. Заради него ги напуштив студиите по Општа книжевност. Заради него решив сериозно да се посветам на музичко новинарство. За неупатените – тоа е еден заборавен занает. Заради него неизлечиво се заразив со вирусот „жал за младост“. Носталгијата притиска како висок притисок. Што ми е мене новиот бран? Ех… Имало тука љубење во хаустори, гледање луна, идолопоклонство, филмови, оргазми, акробатика, прљавштини…

Зоран Вуловиќ (У Шкрипцу): Осумдесеттите го донесоа новиот бран и ново време. Тогаш не мораше да бидеш виртуоз, за да се занимаваш со музика. А, за да се занимаваш со музика значеше да се биде слободен и поинаков. Тоа беше привилегија. Имавме идеја дека ќе го смениме светот, и дека ќе го направиме поубаво и подобро место. Во тоа не успеавме, но успеавме зад нас да останат песните, кои и денес се актуелни.

Зденко Колар (Идоли): Во СФРЈ панк-рокот помина релативно незапазено, додека со новиот бран ситуацијата е драстично поинаква. Доказ за тоа се многубројни бендови од сите екс-ЈУ центри. Не имаше „еден куп“, а од сиот тој квантитет, излезе и квалитет, кој го запримети целиот свет. Некои сметаат дека југословенскиот нов бран е еден од најдобрите во Европа.

И – ќе ви кажам – горд сум што бев дел од југословенскиот нов бран.

Срѓан Гојковиќ – Гиле (Електрични оргазам):

Значајот на новиот бран е во тоа што тој донесе нов сензибилитет и нов пристап на музичката сцена во Југославија. Никогаш пред тоа, а ни потоа, не се појавило толкаво количество на креативните автори во еден ист миг. Белким, затоа и се вика – бран. Новиот бран донесе ново правило, а тоа е дека правилата не постојат во креативното изразување. Со самото тоа се има изборено за креативната слобода, која до тогаш беше прилично ретка појава.

Дарко Рундек (Хаустор): Ретко некогаш во социјализмот да се поклопи потребата на политичкиот момент, со образовани и талентирани луѓе, кои сакајќи акција, да се движат во ист правец. Веднаш по смртта на Тито, место да започнат со поделби и национализми, Југославија ја поврзуваше жедта за креативност, живот и слобода. Мило ми е што бев дел од тоа, колку знаев и можев со своето присуство. Беше возбудливо!

Фото-архива на Croatia Records

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.