Велат дека секое тешко време бара одговори во големите дела од светската литература. Како, на пример, од грчката, античката…

Грчкиот комедиограф Аристофан напишал 44 комедии, но само 11 се зачувани, меѓу кои и „Мир-Божица – Ејрене“, која неодамна беше објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Преводот од старогрчки јазик и предговорот на делото се на пензионираната универзитетска професорка Елена Колева.

Македонскиот превод на делото „Мир-Божица – Ејрене“ на грчкиот комедиограф Аристофан ќе биде онлајн промовирано на 28 јануари (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.

Според нововековните теоретичари, естетичари и поетолози, Аристофан е извонреден, современ поет, особено со „досегот на апсолутна слобода на духот“.

Филозофот Хегел вели: „Аристофан најсилно посакува на шеговит, воедно и најзадлабочен начин, да ги изложи на потсмев своите сограѓани, заплеткани во демократски улавштини, да ги исмее тие ретори и државници и да ја изложи на потсмев бесмисленоста на војната и, пред сè, немилосрдно да ја исмее новата насока на трагедијата што ја воведува Еврипид“.

Овој автор честопати си игра со познати херои и реални личности, сместувајќи ги во комични, фантазмагорични ситуации. И покрај историскиот момент, комедиите на Аристофан пулсираат со современост и универзалност – светот се менува, но „комедијата нема крај“!

На онлајн-промоцијата за оваа комедија ќе говорат уредникот во издавачката куќа „Арс Ламина“, Ведран Диздаревиќ и универзитетската професорка на Институтот за класични студии, Весна Томовска.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.