Акциите на Комерцијална банка најтргувани во првата половина од годината со промет од 34 милиони евра. По нив следуваат акциите на Алкалоид со вкупен промет од околу седум милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу шест милиони евра. 

Акциите на Комерцијална банка најтргувани во првата половина од годината

Вкупниот берзански промет по сите основи во првата половина на 2021 година изнесува околу 87 милиони евра, што претставува намалување од осум проценти во споредба со истиот период лани кога изнесуваше 95 милиони евра. Ова благо намалување се должи на помалиот промет со акции во БЕСТ системот оваа година. Во контекст на тоа, битно е да се нагласи дека минатата година во март и април на пазарот беше забележан исклучително висок акциски промет како последица на прогласената пандемија на COVID-19.

Од друга страна, годинава голем пораст се забележува во тргувањето со обврзници од 159 отсто. Минатата година изостана редовната годишна котација на обврзниците за денационализација, стои во објавата: Главните акценти во првите шест месеци од 2021 на Македонска берза.

Исто така, пораст бележи и прометот од блок трансакции којшто споредено со претходната година бележи раст од 30 проценти.

Доколку се анализира структурата на прометот во последните неколку години може да се заклучи дека вкупниот промет и со акции и со обврзници од класичното тргување во БЕСТ системот во првата половина од 2021 година (во износ од 53 милиони евра) е втор најголем берзански промет по овој основ во последните пет години. (Најмногу се тргувало токму минатата пандемска 2020 година).

Детални информации за берзанските податоци и движења за првите шест месеци од 2021 година може да најдете во шестмесечниот Билтен на берзата.

Акцискиот промет на регионално ниво

Компаративната регионална анализа покажува дека акцискиот промет на Македонска берза (акциите се главен финансиски инструмент со коишто се тргува и на другите регионални пазари) во првиот семестар од 2021 година е повисок од берзите во Белград, Подгорицa и Бања Лука, а е на слично ниво со берзата во Софија. Вообичаено, регионалниот примат во оваа категорија на промет го имаат берзите од Загреб и Љубљана.

МБИ10 речиси во континуиран раст

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните 10 акции на Македонска берза, почнувајќи од 2016 година регистрира континуиран годишен пораст (16,45% во 2016, 18,92% во 2017, 36,64% во 2018, 34,01% во 2019 и 1,20% во 2020 година).

Во текот на првата половина од 2021 година индексот МБИ10, со исклучок на месец февруари, продолжи континуирано да расте. Споредбено со крајот на 2020 година, на 30.06.2021 година изнесуваше 5.281,14 индексни поени, односно повторно забележа двоцифрен пораст од 12,25 отсто.

МБИ10 во споредба со индексите од регионот

Во првата половина од 2021 година се забележува нагорно движење на цените на сите акции што се елементи на индексот МБИ10.

За овие шест месеци во однос на истиот период во 2020 година, најголем пораст од 20,54 отсто забележале акциите на Комерцијална Банка. Втори со зголемување од 19,99 отсто се акциите на НЛБ Банка, а веднаш зад нив се акциите на Алкалоид со раст од 17, 36 отсто. Останатите седумисто така пораснале во споредба со ланското прво полугодие  за помалку од 10 отсто.

Ценовни движења на најликвидните акции на Македонска берза во првите шест месеци од 2021 година, како и во период од последните пет години.

Најтргувани акции

Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции од индексот во вкупниот промет со акции во класичното тргување во првата половина на 2021 година изнесува 90 проценти. Најтргувани хартии од вредност во овој период беа акциите на Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 34 милиони евра, потоа следат акциите на Алкалоид со вкупен промет од околу седум милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу шест милиони евра.

Во текот на првото полугодие од годинава беа објавени финансиските резултати на котираните компании за првиот квартал од 2021 година. Од 98 котирани компании, 64 регистрирале добивка, 26 загуба. Четири компании не доставиле финансиски извештај, додека четири друштва се долгорочно суспендирани од котација.

Вкупната прикажана добивка на котираните компании во Q1 2021 година е зголемена за околу 47 проценти споредено со истиот период лани.

Котираните компании своите финансиски извештаи за првите шест месеци од 2021 година треба да ги објават најдоцна до 31 јули.

Првата половина од 2021 година беше и период на одржување на годишните собранија на акционери. Од десетте компании, елементи на МБИ10 индексот, шест компании донесоа одлука за исплата на дивидиенда, при што дивидендниот принос се движи помеѓу 1,39 отсто и 6,78 отсто.

Берзата и понатаму на сите инвеститори им овозможи бесплатно користење на апликацијата за електронско тргување од далечина eTrader.

На крајот на март 2021 година Македонска берза одбележа 25 години од првиот ден на тргување, 28.03.1996 година.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.