Грант до 15.000 евра за нови вработувања и успешност преку „Ковид4“. Доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава фирмите од областа на туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, кои ќе ја користат новата бескаматна линија „Ковид4“, ќе добијат грант-средства до 15.000 евра . Условите на бескаматна линија од Петтиот пакет мерки, за која ќе може да се аплицира по објавување на јавниот повик кон крајот на мај беа презентирани од Министерот за економија и директорот на Развојната банка на Северна Македонија.

Грант до 15.000 евра за нови вработувања и успешност преку „Ковид4“

Награда за успешните?

За мерката се издвоени вкупно 615 милиони денари или 10 милиони евра од буџетот, кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра. Мерката има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанството, но и да ја стимулира инвестициската активност на компаниите.

-Според презентацијата условите за оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите. „Ковид4“ линијата, предвидува грантови за успешност во случај доколку фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10 отсто споредено со 2020 година . Само тогаш ќе имаат право да побараат грант од 30 проценти од кредитот, или доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку пет отсто – тогаш ќе можат да побараат грант од 20 отсто. Доколку пак се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50 отсто. Вкупната сума на грантот може да биде од 600 евра – минимален износ, до 15.000 евра – максимален износ. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката, во моментот кога ќе отплатат 40 отсто од кредитот.

Според директорот на Развојната банка ,,Ковид4” е наменета за микро, малите и средни трговски друштва до 250 вработени. А се однесува на дејностите од туризам, угостителство, ивент индустрија и транспорт, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите, кои можат да докажат пад на приходите од најмалку 30 отсто. Односно кои имаат капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33 отсто од износот на бараниот кредит.

Висината на кредитот во зависност од падот на приходите

-Износот на кредит што ќе може да го користи одреден сукт бјеќе зависи од бројот на вработените во месец јануари, февруари или март 2021 година и падот на приходите во 2020 година, во однос на 2019 година.

Субјектите кои имаат пад на приходи помеѓу 30 и 50 проценти, ќе може да користат кредит по 15.200 денари по вработен. Додека субјектите кои имаат пад на приходи повеќе од 50 проценти ќе може да користат кредит по вработен од 22.000 денари.

Така на пример, субјект со 20 вработени, кој претпоставуваме има пад на приходите од 35 отсто, ќе може да користи кредит: 15.200 денари по 20 вработени по три месеци = 912.000 денари (или 14.830 евра).

Доколку овој субјект има пад на приходите од 60 отсто, тоа е пад повеќе од 50 проценти, тогаш ќе може да користи кредит најмноигу до 1.320.000 денари (или 21.460 евра) пресметан како 22.000 по 20 вработени по три месеци – рече Наумов.

„Ковид4“ или поддршка од Петиот пакет за плати

Корисниците на „Ковид4“ не можат истовремено да ја користат мерката Финансиска поддршка за исплата на плати од Петтиот пакет. Исто така и корисниците на „Ковид3“ линијата. Корисниците на „Ковид1“ и „Ковид2“, можат да бидат корисници на „Ковид4“. Но, само ако ги измириле сите достасани обврски по основ на претходните кредити.

Исто така, сите потенцијални корисници на ,,Ковид4” кредитната линија, треба навремено да ги завршат обврските за пријавување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици при Централниот регистар.

Рокот на отплата на кредитите од оваа бескаматн линија е до 42 месеци со грејс период од 12 месеци. Додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално по 10 отсто од главнината.

Инаку преку претходните три бескаматни линии „Ковид1“, „Ковид2“ и „Ковид3“, кои се во целост искористени, инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството. Поддржани се 4.078 фирми, од кои најголем дел микро-претпријатија или 1.943 фирми. Во овие четири илјади фирми, вработени се 36.802 лица.

Со последната бескаматна линија „Ковид3“ воведена е грант-компонента за микро и мали субјекти раководени од жени и млади претприемачи. Потоа, субјектите кои извезуваат, оние кои се дигитализираат и прилагодуваат дури и во време на пандемија од коронавирусот. Од 62 отсто од кредитокорисниците на „Ковид3“ се очекуваат барања за грант.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.