Возбудата од фактот дека во рацете го имам прво македонско Blu Ray издание – играниот филм „Мирно лето“ на Димитрие Османли, е иста како во раната есен 1990-та, кого го купив „Зодијак“ на Влатко Стефановски и Бодан Арсовски, прво македонско CD, или во 2004-та, кога во киното Фросина, на промоцијата на првото македонско DVD – „Shadows in the Night“, зборував за важноста на ликот и делото на Бодан Арсовски, забележани на овој историски важен артефакт.

За овој, од државно значење важен настан сите ловорики и припаѓаат на нашата Кинотека, која во годината кога „Мирно лето“ го прослави 60-от роденден, култниот филм го претставува на еден за македонските прилики, нов медиум, иако Blu Ray дисковите во современиот свет одамна претставуваат реалност.

Станува збор за дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“… Приказна која во 60-тите години на минатиот век ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“.

Воопшто „Мирно лето“, беше и остана репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели.

Ланската, 2001-ва се навршија точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Мира и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова (тогаш Прличкова), Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

За значајот на првиот македонски Blu Ray Disc во буклетот на ова извонредно издание директорот на Кинотека, Владимир Ангелов, меѓу другото напиша:

– …Шест децении подоцна, Кинотека успеа дигитално да го реставрира и дигитализира „Мирно лето“. Со тоа, оваа прва македонска комедија ќе допре до повеќе гледачи, а младите генерации ќе можат да ја доживеат речиси подеднакво автентично како што своевремено имаа можност да ја доживеат нивните баби и дедовци во киносалите…

Кинотека на Република Северна Македонија перманентно низ годините ја промовира важноста на „Мирно лето“, а според овој филм е насловено и летното кино на оваа важна институција.

Во лето 2021-ва, кога се чествуваше 60-годишнината на филмот, нашиот истакнат писател Томислав Османли, синот на Димитрие Османли, во ексклузивната изјава за Анторис, кажа:

– На денешен ден во 2001-та година, додека во земјава се водеше војна и ѕемнеа душите на луѓето од исходот на меѓуетничките воени  судири, во организација на Градските кина Скопје во киното „Култура“ – каде на 18 мај 1961 година се случила филмска премиера – се   одбележуваше 40-годишнината од премиерата на „Мирно лето“.

На свечената проекција присуствуваше најголемиот дел до екипата, на чело со режисерот. Расположението, со оглед на воените операции што се случуваа на повеќе места во земјава, беше прилично депресивно… Сѐ до почетокот на проекцијата.

Тогаш салата почна да ја исполнуваат најанапред тополи кикоти, едно сосем променето  расположение и растечка смеа која ја проследи проекцијата до крајот на 99 минутата комедија.

Ги паметам пријантите реакции и духовити коментари на актерите – учесници во филмот, напливите на носталгија по едни поинакви: ведри, ентузијасички и сугурни времиња.

Тогаш се уверив во моќта на комедијата од една страна; и во моќта на „Мирно лето“, токму поради тие својства што тој парадигматичен филм ги носи: постојано да се обновува, не престанувајќи – еве веќе 60 години – да биде една урбана, лирска и многу наша филмска насмевка и осончана расположба.

Затоа гледачите и старите и оние од новите генерации немаат насита од овој филм. Тој го содржи нашиот копнеж по спокојот, по нашите некогашно, но и идни – Мирни лета!

Уверен сум дека тие својства ќе му обезбеди актуелност на филмот кој дише со духот, ликовите, авторските придонеси, потписи на шпицата, со амбиентите и звуците на шеесетите години на минатиот век – да ја задржи свежината и актуелноста и во децениите што му претстојат.

На тој начин, мислам дека „Мирно лето“ е нашиот богат, не само филмски, туку културен и општетсвен бренд.

Димитрие Османли, белградски ученик, а подоцна и прв декан на факултетот за Драмски уметности во Скопје, кој во 1948 година се запишал на Високата филмска школа, е роден во Битола, во 1927 година. Кога имал нецели 7 години, првпат го видел семејниот пријател, чичко Манаки. Тогаш се инфицирал од подвижните слики, а за своето основно училиште по филмска режија го истакнува катадневно одење во кино.

За неговото, а и нашето „Мирно лето“, филмскиот критичар Стојан Синадинов напиша:

– Мирно лето повеќе од половина век е „општо место“, лектирна аудиовизуелна единица од воведот во историјата на македонската кинематографија. „Мирно лето“ во филмологијата и публицистиката е чествуван, меѓу другото, како прва комедија во македонската кинематографија, и како прв долгометражен игран филм режиран од македонски режисер Димитрие Османли…

Колку за потсетување – во април 1991 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Мирно лето – осмиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 2001 година беа објавени како посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Во 2011 г. е одбележана и 50-годишнината од „Мирно лето“…

Од сега „Мирно лето“ живее и на нов медиум – Blu Ray формат, кој важи за современ светски стандард. Токму за тоа пишува и Александар Трајковски, супервизорот во процесот на дигитална реставрација.

– Голема одговорност и привилегија е да се работи на дигитализацијата и дигиталната реставрација на македонското аудиовизуелно наследство. Секој филм има свој „животен циклус“, кој започнува со снимањето на филмот, а продолжува со прикажување на фестивали и киносали. Дигитализацијата, односно дигиталната реставрација, претставува еден вид реанимација, оживување на филмот, продолжување на неговата животна приказна…

За уште многу наши „Мирни лета“, Кинотека не можеше подобро да ни ја честита Новата 2022 година!

 

Иван Беќковиќ
фото: Архивата на Кинотека на РС Македонија
филмскиот платат и обвивка: карикатура на Василие Поповиќ Цицо

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.