Каков кадар е потребен за да имаме конкурентни работници,е новата анализа што ќе ја спроведува Стопанска комора на Северна Македонија за потребите на образовниот систем. Комората ја најави изработката на анализа за потребата од работна сила. Односно, за обезбедување кадар за потребите на компаниите во петте плански региони. Стопанската комора ја спроведува анализата во рамките на проектот „Образование за вработување“ поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка. Истражувањето треба да обезбеди релевантни показатели за моменталната и идната побарувачка на вештини на работодавачите во петте плански региони во земјава. Тоа треба да ја подобри вработливоста на работната сила.

Каков кадар е потребен за да имаме конкурентни работници

Неусогласеност на образовниот и реалниот сектор

Според Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Северна Македонија, од 101.748 невработени лица кои се активни баратели околу 54  проценти се без или со основно образование. Факт што укажува на неусогласеност со потребите на реалниот сектор, чии работни места бараат повисоко ниво на квалификации.

Покрај тоа, како што истакна Јаневска на виртуелната прес-конференција, преку анализата ќе се добијат и  податоци колку навремено се задоволуваат потребите за вештини на работната сила и како ќе се обезбедуваат во иднина. Исто така ќе се обезбедат и податоци за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потреба од вештини со кои треба да располагаат лицата за да бидат конкурентни при вработувањето и да се планираат нови вработувања за соодветни занимања.

-Врз основа на оваа анализа, која е продолжување на претходната за понудата и побарувачката, ќе се детерминираат потребите од квалификации и вештини. Дотолку повеќе што развојот на техниката, технологијата и сите промени кои се случуваат во реалниот сектор бараат нови квалификациски вештини за да може да се фати чекор со промените и да можеме да се адаптираме на нив, рече Јаневска.

Движењата на понуда-побарувачка, клучни за економскиот развој

Посочи дека проблемот со немање соодветно квалификувани кадри на пазарот на труд создава пречка кај компаниите да ги пополнат своите работни места со кадар со повисоко ниво на квалификации.

-Динамичноста на економијата бара соодветно образование и дополнителни обуки. Затоа разбирањето на состојбата на пазарот на труд на работна сила е една од главните елементи за предвидување и планирање. Но исто така и за обезбедување и развивање на потребните вештини и квалификации. Само така ќе се усогласат понудата и побарувачката за потребите на пазарот на трудот. Резултатите од анализата ќе бидат основа од која ќе се градат заеднички ставови на бизнис секторот од една страна и државата од друга страна. Тоа ќе овозможи понатаму да се подготвуваат стратегии за идни вложувања на компаниите, а со тоа и идни вработувања, вели Јаневска.

Според неа тоа ќе придонесе за креирање на образовни програми според потребите на реалниот сектор на национално, регионално и локално ниво и креирање соодветни активни програми и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување.

Таа посочи дека потребата од развој на нови квалификации според барањата на реалниот сектор или адаптирање на постојните ги менуваат потребите на пазарот на работна сила. А, токму движењата на понудата и побарувачката на работна сила имаат клучно значење за економскиот развој на државата.

Идентификување на специфичностите на локално ниво

За сеопфатноста на анализата д-р Благица Новковска, национален експерт за проценка и за анализи на пазарот на трудот и на образованието, вели дека анализата ќе помогне да се идентификуваат понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Но, исто така, ќе помогне и при идентификувањето на специфичностите на локално ниво.

Првичните информации, како што нагласи, покажуваат дека е сериозна состојбата во Скопскиот плански регион каде има и висока понуда на слободни работни места, но и побарувачка.

-Има вештини кои ги побарува бизнис секторот и реалниот сектор, но нема понуда на таков кадар каков што им е потребен. Во Источниот регион има висока побарувачка, но нема понуда. Сосема поразлична е состојбата во Пелагонискиот регион каде има побарувачка, но нема соодветна понуда. Во Вардарскиот регион, пак, има релативно добра динамичка усогласеност помеѓу понудата и побарувачката. Во Југоисточниот регион има висока динамичност и има висока стапка на вработеност и ниска стапка на невработеност, вели Новковска.

Мултидимензионалната анализа, потенцира, треба да покаже дали состојбите се одржливи и што треба да се направи во регионите. Во анализата, додаде, ќе биде вклучен и бизнис секторот, образованието, коморите и сите кои се заинтересирани во процесот кој значи обезбедување на усогласеност помеѓу понудата и побарувачката, односно прилагодување на образованието преку обезбедување на вештини што ги бара бизнис секторот и информирање на бизнис секторот со тоа што се случува за да може да прави соодветни планови за пократок и подолг период.

-Со анализата ќе се идентификуваат вкупните состојби на локално ниво и врз основа на тоа ќе се направи предвидување за тоа што може да очекуваме до 2030 година од аспект на понудата и побарувачката за да може бизнис секторот да прави предводувања на краток, среден и долг рок, нагласи Новковска.

Во реализацијата на анализата опфатен е бизнис-секторот преку учество на сите комори и релеватни чинители. Така ќе се добие целосна слика, која ќе им даде можност на сите компании да ги усогласат бизнис-плановите на краток и на долг рок. И тоа во согласност со понудата на пазарот на трудот. Истовремено давајќи можност креаторите на политиките навремено да преземат соодветни акции за креирање образовни програми за квалификации усогласени со барањата од реалниот сектор.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.