Комерцијална банка ја зголеми добивката за 65,6 отсто во првиот квартал од 2021 година во однос на истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех објавен на информативниот сервис СЕИ НЕТ.

Комерцијална банка ја зголеми добивката за 65,6 отсто

Во првите три месеци од 2021 година Комерцијална банка АД Скопје оствари позитивен финансиски резултат во износ од 360,2 милиони денари. Споредено со остварениот позитивен финансиски резултат од 217,5 милиони денари во истиот период минатата година, ова претставува зголемување за 65,6 отсто.

Планираната нето-добивка остварена со 73,1 отсто

Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 73,1 отсто. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,2 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на нето-приходите од провизии и зголемување на приходите од нето тргувања. Но и од повисоките останати приходи од дејноста, во чии рамки се и зголемените капитални добивки од продажба на преземен имот. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на пролонгирана здравствена и економска криза.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.053,1 милион денари и бележат зголемување од 3,5 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето. Тие на  последниот ден од март годинава бележат намалување од 5,7 отсто во однос на истиот период од минатата година. Тоа е главно резултат на намалувањето на приходите од камата од кредити дадени на домаќинства и нефинансиски друштва поради намалени каматни стапки. Исто така и од секторот финансиски друштва по основ на намалени каматни стапки и намалени пласмани во благајнички записи. Планот за анализираниот период е остварен со 91,1 отсто.

Нето- приходите реализирани над планираното

Нето приходите од провизии и надоместоци во овој квратал изнесуваат 241,1 милиони денари. Тие во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,9 проценти. Тоа е резултат пред се на пониската споредбена основа во истиот период минатата година, кога заради прогласувањето на пандемијата и затворањето на земјата значително намалување забележаа активностите на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 114,1 отсто.

Нето приходите од курсни разлики на крајот на март годинава изнесуваат 41,9 милиони денари и бележат намалување од 3,8 отсто. Планот за анализираниот период е остварен со 101,5 отсто.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2021 година изнесуваат 187,7 милиони денари и бележат зголемување во најголем дел како резултат на поголем износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 128,6 отсто.

Оперативните расходи за првиот квартал од 2021 година изнесуваат 407,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се намалени за 3,2 отсто. Планот е остварен со 96,7 проценти.

Во првите три месециод 2021 година Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1,5 милиони денари. Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа од 283,7 милиони денари, наспроти 378,9 милиони денари во истиот период минатата година.

Акционерскиот капитал зголемен за 2,6 отсто

Вкупната актива на Банката на 31.03.2021 година достигна износ од 135.987,3 милиони денари и во однос на декември 2020 година бележи зголемување од 2,6 отсто. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето на паричните средства, кредитите на коминтенти и останати побарувања. Планот е остварен со 101,3 отсто.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката заклучно со март годинава достигнаа износ од 14.257,4 милиони денари и бележат зголемување од 2,6 проценти. Главно како резултат на остварената тековна добивка, зголемени резерви и евидентирана задржана добивка за 2020 година, согласно одлука на Собранието на акционери и Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките од НБРСМ од 26.02.2021 година. Планот е реализиран со 102,5 отсто.

 Очекувања

Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2021 година се условени од ефектите од здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.

Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.

Leave a Comment

You must be logged in to post a comment.